X
 05.10.2017 Образование

На скопските ученици нема да им фали ништо, барем во програмите на кандидатите за градоначалници

На учениците од основните и од средните училишта во град Скопје и во скопските општини нема да им недостига ништо, барем во програмите на кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори. Од изградба на затворени базени во училиштата до топли училници и здрава храна. Што ветуваат дел од нив за образованието?

 

 

По едно парче овошје за секој ученик, по 3.500 денари за секое прваче на почетокот од учебната година, продолжен престој за ученици до петто одделение, здрава исхрана во основните училишта, стипендии за најдобрите ученици, изградба на нови средни и основни училишта, изградба на затворени базени... се само дел од ветувањата за подобро образование на кандидатите за градоначалници на скопските општини и град Скопје за претстојните локални избори. Судејќи по нивните ветувања, на македонските ученици нема да им недостига ништо, барем во нивните програми. 

Две нови средни училишта во Аеродром и во Ѓорче Петров 

 

Кандидатот за градоначалник на град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов, во својата програма ветува бесплатно овошје за скопските средношколци, изградба на нова гимназија „Кузман Јосифовски-Питу“ со локација во Аеродром, како и нова зграда за гимназијата „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров. Дотраените бараки на постојната гимназија ќе ги заменат со нова, модерна, енергетски ефикасна гимназиска зграда. Во неговата програма пишува дека не се доволно земени предвид ставовите на средношколците во Скопје, па ќе развиваат механизми преку кои учениците ќе учествуваат во иницирање и креирање промени во градот.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на град Скопје, Коце Трајановски, ќе бара трет мандат од граѓаните. Тој во својата програма, исто како и неговиот противкандидат Шилегов, ветува изградба ново средно училиште во Аеродром и нова зграда за гимназијата „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров. Трајановски ветува продолжување на веќе почнатите проекти, како енергетска ефикасност за средните училишта, нивна реконструкција, опремување на работилници и лаборатории, набавка на интерактивни табли, награди за првенците на генерациите, поддршка и развој на надарени и талентирани ученици. 
Изборната програма на Левица за град Скопје содржи отворање нови градинки, воведување две работни смени и вработување дополнителен и квалификуван кадар во нив, обезбедувањето во училиштата да биде на трошок на локалната самоуправа наместо на трошок на родителите, финансиска помош за училиштата за подобрување на условите во нив, збогатување на книжниот фонд на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и на училишните библиотеки. Тие ветуваат и изградба на народна опсерваторија за популаризација на науката и техниката, доделување посебни градски стипендии за најдобрите студенти на архитектонските и градежните факултети и развивање програми за нивен академски и професионален развој, со можност да се вработат на соодветни позиции во градските институции. 

 

Нови градинки, бесплатни униформи  


Покрај отворање нова гимназија, кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ, Златко Марин, ветува одржување и обновување на постојните училишта, енергетски ефикасни училишни згради, инклузивно образование, обезбедување на училиштата на товар на општината, континуирана едукација и професионален развој на наставниот кадар, награди и стипендии за наставници и за талентирани ученици. Марин ветува дека ќе се обрне посебно внимание на децата со попреченост, доделување по 3.500 денари за секое прваче, обезбедување средства за продолжен престој на учениците во училиштата до петто одделение, опремување на кабинетите во училиштата и на спортските сали. Посебен акцент ќе биде ставен на грижата за здравата исхрана во училишните кујни, стои во неговата програма.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски, за делот за образование предвидува реконструкција на подовите во ОУ „Љубен Лапе“, изградба на две нови детски градинки, во кои ќе можат да се згрижат над 500 дечиња, „Изворче“ и „Црвенкапа“. Коневски најавува и изградба на вкупно пет нови градинки со капацитет за над 1.000 дечиња, за целата општина, како и прва гимназија во општината. Основците и во иднина ќе добиваат бесплатна училишна облека, за еднаквост на сите деца, но и за олеснување на семејниот буџет, најавува тој.
Кандидатот за градоначалник на Бутел од СДСМ, Велимир Смилевски, во својата програма ветува нова градинка во Основното училиште „Климент Охридски“, ново основно училиште во Визбегово (заедно со кошаркарско и фудбалско игралиште), а старото училиште ќе се реконструира во градинка. Во Љубанци ветува детска градинка во рамките на Основното училиште „Гоце Делчев“, а во Љуботен ќе се изгради ново училиште од прво до четврто одделение во долниот дел од селото.
Дарко Костовски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Бутел, ветува изградба на детски градинки во населените места - „Св. Климент Охридски“ и „Живко Брајковски“, места кои имаат реална потреба од вакви проекти.

 

Здрава храна во училишните мензи

 

Изградба на ново основно училиште во населбата Хиподром ветува и кандидатот на СДСМ за Општина Гази Баба, Борис Георгиески. Тој во својата програма објавува дека ќе обезбеди и бесплатен јавен превоз за учениците, оддалечени повеќе од 1,5 км од училиштето, од населбата Камник до ОУ „25 Мај“.

Актуелниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за нов градоначалнички мандат. Трајковски досега во два мандата ја извршуваше градоначалничката функција во скопската општина. Тој во својата програма најавува дека во тек е изградбата на новo основно училиште „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром. Планирано е во септември 2018 година учениците да почнат со настава во новиот објект. Предвидена е изградба на ново училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто, како и изградба на четири детски градинки во Стајковци, Трубарево, Инџиково, а за една градинка локацијата ќе се определи дополнително во соработка со месните и урбаните заедници. 
Награди за учениците што постигнале успеси во своето училиште, стипендии од по 1.500 денари за 10 ученици од основните училишта, 10 ученици од средните училишта и на 10 ученици што постигнале успех во различни области за деца што се жители на општината, ветува Александар Наумоски, кандидат за градоначалник на СДСМ за Општина Ѓорче Петров. Тој најавува надградба на училиштето „Тихомир Милошевски“ и на „Јоаким Крчовски“, реновирање на основните училишта „Ѓорче Петров“ и „Димитар Поп Георгиев-Беровски“. Во неговата програма пишува дека ќе обезбеди бесплатна ужина и бесплатен полудневен излет за учениците до петто одделение, обновување и опремување на училниците со нови наставни средства и помагала, задолжителен избор на квалитетен набавувач на здрава храна во училишните кујни.
Кандидатот за градоначалник за Општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, вети изградба на две нови градинки, една во Волково и една во Ново Село. Во неговата програма ветува и реконструкција на постојните градинки и место за секое дете во општината. 

 

 

Безбеден пат за секое дете до училиште

 

Зголемување на капацитетите на лични асистенти со цел непречено следење на наставата за учениците со попреченост е еден од приоритетите на кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од редовите на СДСМ, Филип Темелковски. Тој ветува дека ќе обезбеди средства за обезбедување на училиштата, ќе воведе ХАЦЦП-систем во кујните на училиштата и градинките. Планирано е Општина Кисела Вода да инвестира во основните училишта преку изградба и реконструкција на спортските сали, со водоводна и електрична инсталација, реконструкција на санитарните јазли, замена на азбесните покриви, енергетски ефикасни училишта, нова опрема во училиштата (училишни клупи и столчиња), како и партерно уредување на дворовите на градинките и на училиштата.

Јохан Тарчуловски е кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Кисела Вода. Во делот на образованието и грижата за децата планирани се повеќе реконструкции на училишта и градинки, унапредување на нивната енергетска ефикасност. Toj ветува отворање на две нови градинки, во Расадник и во Драчево, изградба на спортски комплекс „Славија“, ослободување од финансиски трошоци за градинка и дневен престој на еднородителските семејства. Тарчуловски ветува продолжен престој во училиштата под надзор на педагог, како и бесплатни училишни униформи за основците.
Саша Бодгановиќ, кандидатот за Општина Центар на СДСМ, во својата програма ветува градинки за сите деца. Тој најави отворање на нова градинка во населбата Маџир Маало со капацитет за 150 дечиња, како и за населбите Пролет, Ново Маало и Крњево. Училиштата ќе добијат подобрени услови и нагледни средства за да постигнуваат одлични резултати, но и стручна помош за поттикнување и за пронаоѓање конкретни интереси и афинитети. Училиштата ќе добијат соодветна стручна помош за поттикнување и за пронаоѓање конкретни интереси и афинитети за одредена област, но и соодветни услови за да може учениците да постигнуваат одлични резултати. Богдановиќ ветува грижа за нивната безбедност обезбедувајќи им простор за непречено пешачење кон училиштата, возење велосипеди и тротинети, безбедно движење по улиците.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Јовановски, ветува нова спортска сала за Основното училиште „Кочо Рацин“, како и реконструкција и обнова на другите сали на училиштата. Во неговата програма пишува дека ќе го обнови и ентериерот во училиштата, како и реконструкција на училишните кујни согласно ХАЦЦП-стандардите. Ветува пристапни рампи за лицата со посебни потреби, секое училиште мора да има логопед и дефектолог. Децата ќе имаат бесплатна екскурзија, бесплатни училишни прибори во прво одделение, а децата од социјално загрозени семејства ќе имаат бесплатни прибори во текот на своето цело школување. Јовановски најави хоризонтална и вертикална сигнализација пред сите училишта за поголема безбедност на учениците. 

 

Повеќе дефектолози, бесплатни курсеви, затворени базени во училиштата во Карпош 

 

И во Карпош ќе никнат нови градини. Кандидатот на СДСМ, Стефан Богоев, ветува изградба на нова градинка до Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Бардовци, како и целосна реконструкција и доградба на градинките во Влае 1 и Тафталиџе 1 („Мајски цвет“). За учениците тој ветува бесплатни часови за изучување странски јазици за сите основци, достапни логопеди и дефектолози во училиштата, поддршка на млади научници на територијата на Карпош, а Општината ќе покрива дел од трошоците за учество на меѓународни натпревари. Богоев има план и да ги обедини постојните хорови во училиштата во еден општински хор, кој ќе учествува на државни и на меѓународни натпревари.

Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека досега целосно се реновирани седум од десет детски градинки, а за две е распишан тендер и се во постапка за реновирање. Тој во програмата најави и реконструкција на основни училишта и продолжување на проектот стипендии за талентирани спортисти и ученици. Тој вети продолжување на практиката успешните основци да ги носи на бесплатни екскурзии, а до четврто одделение Општината ќе доделува бесплатна ужинка. Јакимовски ветува и најсовремени компјутерски училници и видеоклуб за современа интернет-настава во секое училиште, зголемен број на дефектолози во училиштата, како и хортикултурно уредување на училишните дворови и градинките. Во план е изградба на затворени пливачки базен во училиштата „Петар Поп Арсов“, „Војдан Чернодрински“, „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов“.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Образование