X
 06.10.2017 Живот

Дали се исплаќа поради спортот и успехот, на детето да му го жртвувате детството?



Момче шутира на кош
(Фото: Pixabay)

Големо прашање: Дали се исплаќа поради спортот и успехот, на детето да му го жртвувате детството?

Мојот син Гејлен играше кошарка уште од четиригодишна возраст, откако успеа да ја држи в раце топката. Сега има 11 години и е висок 170 сантиметри, речиси за глава повисок од мајка му, пргав е и снаодлив. Успеваше да го погоди кошот од која било точка во дворот. Кошарката беше, како што долго време мислев, неговата судбина.

Кога наполни девет години, потпишавме да игра за клупскиот тим, што од шестнеделна рекреативна игра се претвори во шест месеци интензивно играње по турнири. Кога стана очигледно дека секое момче во неговиот тим е  вонсериски талент, како и самиот тој, му закажав приватни часови со капитенот на кошаркарскиот тим на колеџот каде што држам предавања.

Целото лето син ми го помина играјќи баскет, а на крајот на сезоната наредната пролет почна да игра за националната младинска спортска организација, па почнавме да патуваме уште повеќе. Три викенди месечно, од октомври до јули, одевме на турнири. Сите родители се жалеа поради бескрајните возења, изгубените викенди, часовите поминати на клупа, но сите исто така се согласуваа дека вреди да се жртвуваат. Тоа е цената на успехот.

Не ми беше непознат светот на високоинтензивните спортови. Пораснав со пливањето и викендите ги поминував во задушливи, хлорирани затворени базени. Во тоа бев доволно добар за да добијам место во Првата универзитетска дивизија каде што редовно губев од пливачите кои освојуваа олимписки медали. Дваесет години подоцна, и натаму секое утро одев на пливање и продолжив да верувам во моќта на спортот – дека ги фокусира телото и умот, ослободува ендорфин, гради доживотни пријателства. Дури и поразите имаа смисла. Секој што некогаш сакал некој спорт, на потежок начин научил дека животот понекогаш не е фер.

Но, додека јас главно се радував на тренинзите и на можноста да си ја одмерам силата со врсниците, кошаркарските турнири за Гејлен беа мачење. Со денови се казнуваше самиот себе поради промашените кошеви и лошите додавања, дури и кога неговиот тим победуваше. Кога топката ќе влезеше во обрачот, повеќе изгледаше дека му олеснува отколку дека е среќен, како да беше благодарен што не „зафркнал“ повторно. Во периодите меѓу натпреварите времето го поминуваше сам, загледан во „ајпадот“. Не сакаше со никого да зборува, дури ни со мене.

На почетокот мислев дека проблемот е во мене. Го разочарав својот син затоа што не го сакав неговиот спорт доволно за двајцата – сè до една недела кога за време на натпреварот седев на клупата до еден друг татко чиј син исто така играше за тимот. Ми кажа и дека неговите постари деца играат кошарка, дека доаѓа на турнирите веќе 15 години, и дека најверојатно тоа ќе го прави и во наредните десет. Кога го прашав дали неговата најстара ќерка сè уште игра кошарка, се насмевна и ми рече: „До крајот од средното училиште толку многу прегоре играјќи, така што никогаш повеќе не сакаше ниту да гледа кошарка. Дури ни на телевизија“.

„Дали вредеше?“ – го прашав.

„Го гради карактерот“, ми одговори тој и кисело се насмевна. Сфатив дека не верува искрено во тоа. Почнав да се прашувам дали тоа воопшто е вистина. Дали спортот на таа возраст всадува дисциплина и одлучност како што другите активности – како учењето грчки јазик или, на пример, фарбањето огради – не успеваат? Колку често жртвувањето на детството на олтарот на спортот носи бенефит во возрасна доба?

Јас сметам дека би требало, исто како што и Џон Енг, извршниот директор на Националната алијанса за младински спорт, се согласува со истото. „На децата им треба и општествена и спортска разновидност“, напиша тој во е-поштата. „Кога изворот и на двете ќе стане истата активност, тогаш лошото (дури и просечното) искуство доведува до тоа да го замразат не само спортот туку и која било друга физичка активност“.

Додека се враќавме дома од последниот турнир со Гејлен, после речиси една година непрекинато тренирање и натпревари, предложив нешто радикално.

„Можеби е време да престанеш“, му реков. „Кошарката не те прави среќен.“

Со месеци се плашев да го изговорам тоа. Кога конечно го изустив, се чувствував како да предлагам да ограбиме банка.

„Со кој спорт ќе се занимавам ако престанам со кошарката?“, ме праша Гејлен.

„А што велиш на тоа да нема веќе спорт“, му реков. „Барем некое време. Можеш да играш кошарка со другарите колку што сакаш, но не мора да се натпреваруваш. Можеме да кампираме за викенд, или да планинариме, да одиме на скијање во зима. Знаеш, нешто во што ќе уживаме“.

Се премислуваше. „Сите во моето училиште тренираат нешто“. Ако не се занимавал со некој спорт, додаде тој, „ќе бил никој и ништо“.

„Само се обидувам да разберам како ни поминува светлината“, му реков јас.

Ме погледна. „Што значи тоа? Тоа е некоја поезија?“

„Џон Милтон“, одговорив. Научив неколку негови сонети минатата пролет. „Зборува за тоа дека треба да се прифатиш себеси онаков каков што си“.

Го заврти погледот. „Само сакам да си одиме дома.“

Во наредните недели и месеци Гејлен сè посериозно ја разгледуваше таа идеја. Со часови, затоа што не одеше веќе на тренинзи, возеше велосипед и скејт, сè до доцна навечер и доаѓаше дома со зацрвенети образи и опуштени рамена. Без кошарката во главата и распоредот, многу повеќе време поминуваше на отворено. Не стана „никој“, ниту престана да биде спортист.

Наместо тоа, почна пошироко да ја сфаќа дефиницијата за спортот и стекна нови пријатели. Есента почна да вози кајак и стигна во јуниорскиот крос-кантри тим, чија сезона трае разумни осум недели. Кога падна снег, му се придружи на скијачкиот клуб. Низ секоја нова активност запознаваше нови луѓе, стекнуваше нови другари. Можеше да го поминува времето и со неговите некогашни соиграчи од кошаркарскиот тим, без притисок дека мора да се добие натпреварот. Ова лето ќе оди во Северна Минесота на еднонеделно возење кану.

Сега кога надвор е потопло, повторно во дворот фрла топка во кошот. Повеќе пати го гледав од прозорецот како ја префрла топката меѓу своите нозе и пцуе по замислениот противник. Прави финта надесно, потоа се свртува лево, застанува и гледа дали има некој да му асистира, а потоа се извива во скок-шут зад кантата за ѓубре.

Кога триумфално ќе ги подигне рацете во вис, целиот со радост и самоувереност, знам дека одлуката да се откажеме беше правилна. Полн погодок!

Пишува: Дејвид Мекглин
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот