X
 07.10.2017 Образование

Имаме доволно часови по природни науки, но сѐ друго не е добро

Со воведување на програмите „Кембриџ“, според бројот на часови, застапеноста на предметот Природни науки е добра. Тука завршува доброто. Сѐ друго треба да се смени. Учебниците не се на ниво и со јазик кој го разбираат учениците, а исто така ни наставниците. Континуитетот на наставата по природни науки од пониско во повисоко одделение е катастрофален – вели професорот Оливер Зајков од Природно-математичкиот факултет од Скопје.



Децата по природа се љубопитни истражувачи. Од првиот ден на своето постоење тие истражуваат. Се интересираат за околината, ја испитуваат, ја тестираат. Тие карактеристики го влечат светот напред. Поради таквите луѓе, светот доживува технолошки развој, се откриваат нови светови, животот станува сѐ понапреден и поцивилизиран. Затоа, треба да ги учиме децата од најрана возраст да ги сакаат природните науки – смета универзитетскиот професор Оливер Зајков од Природно-математичкиот факултет.

Правилно истражување, анализирање и носење заклучок

Земјите што форсираат правилен начин на изучување на природните науки во образованието кај децата развиваат и здрава доза на скептицизам, што од друга страна ги учи да формираат сопствено мислење и да изразат став. Зајков смета дека во текот на својот развој децата доаѓаат до сознанија кои често можат да бидат и погрешни. Тоа се случува поради непознавање на некои основни правила за истражување. Тоа истото им се случувало и на најголемите умови во историјата. Затоа, низ наставата по природни науки децата треба да ги совладаат тие вештини за правилно истражување, анализирање на резултатите и правилно донесување заклучок.
- Сигурно дека и со изучување на другите предмети тие развиваат вештини и стекнуваат знаења, но природните науки даваат единствена можност децата да планираат истражување врз основа на свои лични искуства и секојдневие, да дизајнираат експерименти и притоа да решаваат технички и практични проблеми, да ги анализираат резултатите од своите експерименти и конечно да донесат заклучок и да предложат понатамошна примена на своите сознанија. Уште повеќе, децата можат да направат модел на испитуваната појава и оттука да предвидуваат како тој ќе се однесува во некоја друга ситуација – вели тој.
И професорот Ивица Милевски од Институтот по географија од ПМФ смета дека е добро децата уште од најмала возраст да се запознаваат со природните науки бидејќи природните законитости се од големо значење за функционирањето на светот и за нашето постоење. Сѐ што гледаме околу нас, пред сѐ, е резултат на природната условеност или креација на разни природни фактори и процеси, смета тој.
 - Во природните науки таа условеност на факторите, процесите и последиците е особено јасно изразена. Колку порано ќе се осознаат истите, толку полесно ќе сфатиме (децата, учениците ќе сфатат) како функционира природата, па и општеството. Имено, кај природните науки условеноста на факторите и последиците е јасно изразена, понекогаш многу очигледна и видлива. Таа причинско-последична условеност, правилно укажана од страна на наставниците, ќе го подобри начинот на размислување кај децата и ќе ги прошири нивните видици уште од мала возраст – вели Милевски.

Ако се успешни во природни науки, ќе бидат врвни лекари, правници

Зајков, кој доаѓа од Институтот по физика на ПМФ, потенцира дека од децата не се очекува да станат научници. Тие треба да стекнат вештини кои се универзални за сите граѓани на ова високотехнолошко општество. Ако ги совладаат како што треба, тогаш децата ќе бидат успешни лекари затоа што ќе можат правилно да ги дизајнираат испитувањата за пациентот и правилно да ги протолкуваат резултатите од нив.
 - Тие ќе бидат успешни правници затоа што ќе можат правилно да ги испитаат условите во општеството и да дизајнираат добри закони или добра одбрана на својот клиент. Овие вештини ќе им помогнат во иднина на автомеханичарите добро да го истражат дефектот на едно возило, да извлечат правилен заклучок и да предложат решение. Постојат уште многу вакви примери – вели Зајков.
Дека природните науки не им се силна страна на македонските ученици, покажуваат катастрофалните резултати од меѓународните тестирања. Со години сме една од земјите со најслаби резултати. Како тогаш природните науки може да им се доближат, за децата повеќе да ги засакаат? Дали ова е клучот за подобри резултати? Само со правилен пристап во наставата, а тоа претпоставува лабораторија и добро обучени и слободни наставници, тоа може да се постигне, смета Зајков.
 - Зошто лабораторија? Замислете како би изгледале часовите по спорт кога би немале „лабораторија за спорт“, односно фискултурна сала? Колку би им било досадно на децата наставникот да им објаснува што е топка и како се игра кошарка? Како би изгледале часовите по пливање без базен? Ете така изгледаат часовите по природни науки без лабораторија. Колку децата би ги сакале овие часови ако имаат можност да си „играат“ со апаратура, да експериментираат и да откриваат. Тоа е нивно природно опкружување. Во детството тие си играат со играчки и откриваат. Тоа е она што треба да се продолжи во училиште, само малку поинаку – смета Зајков.
Неговата дефиниција за добро обучен и слободен наставник е педагог кој одлично ги познава природните науки за да може да „жонглира“ со знаењата, исто како што тоа го прават наставниците по странски јазик или во поново време наставниците по спорт во одделенска настава.
- Наставникот треба да биде подготвен заедно со децата да си „игра“, да може и тој да истражува со нив, без некој да му дише во врат и без да се плаши од инспектор кој не ги познава предметот и процесот на едукација, а кој ќе гледа само да го казни. Тој треба да работи во релаксирана атмосфера, која ќе дозволи креативност. Сето ова ќе го почувствуваат децата и ќе уживаат во таа атмосфера – вели тој.

Континуитетот на наставата од пониско во повисоко одделение е катастрофален

Професорот Милевски додава дека децата може повеќе да ги засакаат природните науки со тоа што истите би им биле прикажани и презентирани на забавен и едноставен начин, во почетокот дури и како игра. Особено внимание треба да се посвети на изведување едноставни експерименти, кои би го разбудиле и задржале детското внимание.
- Треба да има и прошетки во блиската природа (парк), настава во природа, посета на природо-научниот музеј, зоолошката градина, планетариумот итн. Тука, се разбира, најмногу до израз доаѓа креативноста на самиот наставник, кој треба да знае како да ги искористи споменатите посети, игри, забавни активности. Неговата улога е и во поголемо мотивирање на децата да изработат некој цртеж, да направат едноставен модел, макета. Децата најчесто обожаваат цртани филмови. Меѓутоа, добро е да им се презентираат (цртани) филмови кои на некој начин ги објаснуваат природните законитости, настанокот и еволуцијата на Земјата и сл. Такви примери се цртаните „Ледената доба“ (Ice Age), за диносаурусите (Jurassic Park), за планетите, за животните и многу други. Наставникот претходно треба да им укаже на децата-учениците што ќе гледаат, на што да обрнат внимание, а по гледањето да развијат интересна дискусија – објаснува Милевски.
Природните науки во нашето образование се застапени доволно со часови, но Зајков коментира дека сѐ друго не е добро.
 - Со воведување на програмите според Кембриџ, според бројот на часови застапеноста на предметот природни науки е добра. Тука завршува доброто. Сѐ друго треба да се смени. Учебниците не се на ниво и со јазик кој го разбираат учениците, а исто така ни наставниците. Континуитетот на наставата по природни науки од пониско во повисоко одделение е катастрофален. Континуитетот со посебните предмети од природните науки во повисоките одделенија: физика, хемија и биологија исто така го нема. Учениците учат природни науки до 6 одделение. Во седмо одделение учат само биологија, па продолжуваат со физика и хемија во осмо и деветто одделение. Поврзаноста со останатите предмети не постои - завршува тој.
За нашите ученици, квалитетот на наставата е најважен, смета Милевски. Според него, важно е да има и соодветен избор на наставници кои ќе знаат на одличен начин да ја презентираат материјата.
- Сега се случува еден наставник, од дадена област на природни науки, да покрива содржини кои и не се од негов професионален опфат (наставник по биологија да покрива содржини од физика, хемија, географија или, пак, обратно). Во смисла на претходното, треба да има подготовка на наставници за предметот природни науки уште во фаза на нивните студии, со што би биле максимално подготвени за одговарање на предизвиците што ќе се постават пред нив. Зашто ако децата правилно ги сфатат и разберат основните природни законитости, тоа ќе им помогне да разјаснат многу нешта понатаму во своето школување, па и во секојдневниот живот – вели Милевски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование