X
 07.10.2017 Живот

Почна со ролерки, но лизгалките ја однесоа на Светско првенство во уметничко лизгање

Тринаесетгодишната Ангела Прилепчанска ги освои срцата на сите во Македонија со својот настап на ISU Junior Grand Prix (Светското првенство во уметничко лизгање за јуниори), што се одржа во Загреб, во категоријата-жени. Таа е првата Македонка што настапувала на ваков натпревар.





Кога имала само четири години, првпат стапнала на мраз, на лизгалиштето под Кале. Не ни помислувала дека за неколку години ќе ја претставува Македонија на Светско првенство во уметничко лизгање. Тринаесетгодишната Ангела Прилепчанска ги освои срцата на сите во Македонија со својот настап на ISU Junior Grand Prix (Светското првенство во уметничко лизгање за јуниори), што се одржа во Загреб, во категоријата-жени. Таа е првата Македонка што настапувала на ваков натпревар.
Првите чекори на мразот ги направила со помош на мајка си. Татко ѝ ги следел и ги фотографирал. Ангела се шегува дека сега сликата ѝ излегува пред очи и ѝ изгледа смешно. Со нејзината сестра Деана прво се запишале на балет. Тогаш добро ги владееле и ролерките, но кога видела дека сестра ѝ поради уметничкото лизгање станува подобра со ролерките, посакала и таа да тренира на мраз. Tренерката Ксенија Јасташењски-Симиќ веднаш ја примила.
- Татко ми набрзо потоа ни ги купи првите лизгалки и се беше поинаку. Открив дека и тука има балет, но имаше и други тренинзи, кореографија, гимнастика, поголема забава и многу повеќе деца... Со поставувањето на подлога со мраз драстично се сменија тренинзите. Ги добивме првите професионални лизгалки. Подобра опрема и поинтензивни тренинзи. Некои деца се откажуваа, но и многу други се пријавуваа. Со првиот наш натпревар во Белград, можеби не толку тежок како овој, бев убедена дека сакам да се занимавам со овој спорт – вели Ангела.



За првенството во Загреб се подготвувала еден месец. Со сестра ѝ Деана, за да ја одржат формата, летото го поминале во Базел, Швајцарија, на гости кај блиски пријатели, каде што вежбале самостојно во арената „Сент Јакоб“, која има мраз преку целата година.
- Овој период го искористивме за интензивни тренинзи. Имавме среќа да тренираме во исто време кога тренираа и натпреварувачите од Базел. На тестирањето ги исполнив бараните критериуми за настап на ЈГП, што се случи кон крајот на август. Потоа Федерацијата за лизгачки спортови на РМ одлучи да ме испрати со тренерката Ксенија на 11-дневни припреми во Белград, каде што постоеше мраз во овој период. Тренирав 2-3 пати дневно, по неколку часа. Веднаш потоа отпатувавме за Загреб. Севкупно имав период за подготовка од еден месец за настапот на Јуниорското Гран-при во Загреб – вели таа.
Кога стигнале во Загреб, странските натпреварувачки ѝ честитале како со само четири месеци годишно на мраз успеала да се појави на вакво светско првенство.
- Засега сум задоволна што успеав да ја претставам Македонија според условите кои ги бара ова првенство, но знам дека можам и подобро. Се надевам на следното учество дека ќе бидам ослободена од товарот на прв историски настап, а резултатот ќе биде подобар – вели Ангела.
Сега, во очекување е отворање на сезоната на мраз и кај нас, па Ангела ќе има целосни и интензивни тренинзи. Со тренерката Ксенија ќе посетат регионални натпревари во Белград, Софија, Будимпешта, а можеби и Сараево и Загреб. Ангела има голема желба во земјава да се отвори затворено лизгалиште и да има подобри услови за сите што сакаат да се занимаваат со овој спорт. Децата, инаку, вежбаат на лизгалиштето во салата „Борис Трајковски“.
-Тоа што ни недостига е затворена сала и мраз преку цела сезона. Тоа би било вистинска можност за мене, но и за сите деца што тренираат и сакаат професионално да се занимаваат  со уметничко лизгање – вели Ангела.



Тренерката Јасташењски-Симиќ вели дека Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија постои повеќе од две години. Во јуни 2017 година очекуваат да стане членка на Светската лизгачка федерација ISU (Internationl Skating Union).
- Спортистите ќе можат да учествуваат на големи светски натпревари, ќе им бидат овозможени тренинг-кампови, стручни семинари, а може да се случи да се создадат услови и ние да организираме некој светски натпревар овде, во Македонија – објаснува Јасташењски-Симиќ.
За Ангела вели дека го дала максимумот на натпреварот во Загреб и дека е вистински борец.
- Се гордеам со неа.
Таа потенцира дека сега се наметнува голема потреба за отворање затворено лизгалиште во земјава. Според неа, четири месеци сезона на мраз е краток период во споредба со потенцијалот за успех што може да се постигне.
- Инвестицијата во затворено лизгалиште ќе ја подигне свеста за овој спорт, а со тоа условите за работа и тренинг ќе бидат далеку, далеку подобри – вели таа.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот