X
 09.10.2017 Наука

Американскиот професор Ричард Х. Талер е добитник на Нобеловата награда за економија

nagrada

Овогодишната Нобелова награда за економија ја доби Ричард Х. Талер за својот придонес кон бихевиоралната економија. Талер е угледен професор по бихевиорални науки и економија на Универзитетот во Чикаго.

Наградата ја добива затоа што во својата анализа на економското одлучување воведе три нови психолошки реални претпоставки: ограничена рационалност, општествена преференција и недостаток на самоконтрола, пишуваат од Нобел.

„Во целост гледано, придонесите на Ричард Талер изградија мост меѓу економските и психолошките анализи при донесувањето на поединечни одлуки“, објави Одборот за доделување награди при Шведската кралска академија на науки.

Ограничената рационалност е концепт според кој луѓето, кога во своите глави ги рационализираат финансиските одлуки, ги поедноставуваат истите и се фокусираат на тесните ефекти од секоја одлука поединечно, наместо да го земат предвид учинокот од сите одлуки во глобала, па така, заради аверзијата кон губењето, како повредни ги оценуваат предметите што ги поседуваат во споредба со оние кои не ги поседуваат.

Талеровиот концепт за општествени преференции, кој заедно со своите колеги и експериментално го потврди, упатува дека заради перцепцијата на чесност, компаните не ги подигаат цените кога постои зголемена побарувачка за нивните производи и услуги,туку  ги дигаат цените кога ќе се зголемат трошоците за производство.

Во своите трудови, Талер се занимавал и со тензиите меѓу долгорочното и краткорочното планирање, и со прашањето зошто луѓето толку често ги жртвуваат долгорочно паметните одлуки заради краткорочна корист.

Откако ја примил наградата, на прашањето што смета дека е најважнен  аспект на неговиот труд, Талер истакнал: „Она што покажува дека економските актери се луѓе“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука