X
 09.10.2017 Култура

Дарја Ризова – најдобра млада актерка на МЕСС

Дарја Ризова ја доби наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“, на 57.театарски фестивал МЕС во Сараево. Жирито составено од врвни театарски уметници од реагионот, за улогата на Ризова во претставата на Македонскиот народен театар, а во режија на Андриј Жолдак, образложија:


- Ризова реализира една особено сложена улога во рамките на режисерските барања и начинот на кој тоа е остварено. Таа не увери во нејзината голема зрелост, иако е во прашање млада актерка. Актерката имаше многу голема енергија и присутност на сцената и доста долг период беше постојано присутна пред публиката. Во еден релативно монохроматски режисерски регистер, токму нејзината улога донесе многу суптилност, боја и нијанси – вели театрологот Дарко Лукиќ, претседател на жирито.

Во конкуренција за наградите беа веќе докажани продукции од 12 земји: Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора. Беа доделени четири награди: Гран при „Златен ловоров венец“ за најдобра претстава во целина на „Пет лесни парчиња“ од Белгија, Швајцарија; „Златен ловоров венец“ за најдобар режисер: Мило Рау, истата претстава, награда за најдобро актерско остварување на Силвија Калдерони, за улогата во претставата „MDLSX“.

За истата улога Ризова лани ја доби наградата за најдобра актерка на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Следната изведба на „Електра“ е на 26 октомври, во 20 часот, а во чест на наградата, дирекцијата на МНТ одлучи влезниците да бидат бесплатни.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Култура