X
 10.10.2017 Живот

Зошто Сократ ја критикувал демократијата?

Во денешно време на демократијата се гледа како на најдобриот облик на владеење. Но не било отсекогаш така. Некои од најголемите умови во историјата на западната цивилизација имале силни критики кон демократијата.


Во книгата „Република“, Платон пишувал дека Сократ ја дебатирал природата на идеалната држава. Во еден момент го предложил и тоталитарниот режим како идеална држава, каде што владетелите би требало да бидат едуцирани со децении пред да ја преземат апсолутната моќ. Размислувањата на Сократ за демократијата може да се пронајдат и во други дела. Тој ја коментирал спартанската монархија како добро менаџирано општество. Исто така, имал мислење дека поголемиот дел од популацијата не е доволно паметен за да ги менаџира работите.

Ова се смета како критика на интелигенцијата на гласачката популација, која е всушност лулката на демократијата. Платон, пак, велел дека демократијата е една од подоцнежните етапи во падот на идеалната држава. Онаа што на крајот станува толку лоша, што луѓето „плачат“ за појава на диктатор кој ќе ги спаси. Оваа идеја била голема за Платон – демократијата ќе доведе до тиранија.

Аристотел сметал дека демократијата е пропадната верзија на владеење на мнозинството. Тимократијата, која е владеење од одредена класа, била идеалниот начин за владеење, според многумина, сметал Аристотел. 

Идејата дека демократијата е фундаментално преполна со маани, се среќава како мислење и подоцна во историјата, дури и од либералите. Волтер, кој ги поддржувал сите форми на либерална слобода на говор и религија, велел дека речиси ништо големо не било направено во светот, освен генијалноста и решителноста на еден човек кој се бори со предрасудите на мнозинството. Се поставува прашањето – ако демократијата била толку критикувана, тогаш зошто најголемиот број земји во светот се обидуваат да ја применуваат?

Сепак, важно е да се сфати дека демократијата во тоа време, како на пример во Атина, била многу различна од онаа што ја имаме денес. Тогашната демократија била полна со рестрикции – само 20% од популацијата имале право да гласаат истовремено.

Што може да се направи во иднина? Експертите го гледаат решението во доброто образование. Популацијата која разбира кои карактеристики треба да ги поседува добриот лидер, ќе може и да избере таков. Исто така, преку доброто образование, граѓаните ќе ги научат своите права, но и обврски како граѓани на одредена држава, а со тоа и гласачи. Луѓето треба да знаат доволно за да можат да го изберат соодветниот лидер што ќе ги води.

Черчил велел дека демократијата е најлошиот облик на влада, освен сите други форми. Секоја влада е онолку добра колку што се добри тие што ја водат. Во модерната демократија тоа значи дека поголемиот дел од популацијата треба да биде доволно образован за да може да се владее себеси.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот