X
 11.10.2017 Култура

Каталонскиот претседател не прогласи независност, почнува преговори со шпанската влада

премиер

Вчера каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон го одржа долгоочекуваниот говор. По едночасовно излагање, каталонскиот лидер побарал од парламентот мандат да прогласи независност на Каталонија, но парламентот предложи да се одложи ефектот на прогласување независност и да се почнат преговори со Мадрид.

Говорот на претседателот, Мадрид го смета за декларација на независноста. Владата на Рахој ќе го активира членот 155 од Уставот, со кој ќе биде укината автономијата на Каталонија.

„Шпанската влада не нè слушаше“

Во воведот на говорот претседателот рече дека не планира никакви закани, ниту навреди и дека сите се одговорни за ова. Треба да ја смириме тензијата, а не дополнително да ја заоструваме. Сакам на сите да им се обратам по тоа прашање. Сите сме дел од иста заедница и мораме заедно да одиме напред. Никогаш нема да се согласиме за сè, но многу пати докажавме дека единствениот начин да се продолжи напред е со помош на демократијата и мирот“, изјави тој.

Во продолжение тој ги осуди активностите на шпанските власти кои со насилство се обидоа да го блокираат референдумот за независност. „Нивната намера беше да се исплашат луѓето и да се натераат да останат дома. Не ја постигнаа целта бидејќи два милиона луѓе се спротивставија на стравот. Шпанската влада не вложуваше во Каталонија и не го почитуваше нашиот јазик. Сите се согласивме дека иднината на Каталонија треба да ја одредат Каталонците, и тоа на демократски начин“, изјави тој и додаде дека досега 18 пати преку дијалог се обиделе да го решат проблемот со шпанската влада.

„Секојпат од нив добивавме „не“ како одговор кога баравме референдум. Пред две недели Шпанија уапси 16 луѓе што работат во каталонската влада. Шпанската влада не нè слушаше, не ги слушаше нашите барања“, рече претседателот додавајќи дека сака дијалог, и дека Каталонците не се лудаци кои сакаат да се борат против демократијата. „Луѓето на референдум рекоа „да“, и тоа е пат што мислам да го следам. Бараа да почнеме дијалог со шпанската влада и тоа и ќе го направиме“.

Говорот одложен за еден час


Иако говорот на Пуџдемон бил закажан за 18 часот, во пресрет на обраќањето се сретна со шефот на парламентот, а разговарал и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Сепак, портпаролката на Јункер подоцна негирала дека Јункер е во Каталонија.

Би-би-си го толкува одложувањето на говорот како премислување на каталонскиот претседател да прогласи независност. „Гардијан“, пак, напиша дека една од можните причини за одложување на говорот е интервенцијата од ЕУ, односно Јункер.

Од Европа во текот на целиот вчерашен ден пристигнувале апели до претседателот да не прогласи независност. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претходно лично го повикал каталонскиот лидер да не прогласи независност бидејќи тоа би била одлука со која би можела да се спречи дијалогот.

„Ве повикувам, со вашите намери да го почитувате уставниот поредок и да не објавите одлука што ќе го оневозможи дијалогот“, изјави поранешниот полски премиер за време на говорот на регионалниот форум во Брисел.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека верува во мирно решавање на конфликтот помеѓу Мадрид и каталонските сепаратисти. „Сакам каталонското насилство да се реши во мир, мислам дека и така ќе биде, верувам во тоа. Каталонскиот чекор не е во согласност со прописите на шпанската правна држава“, изјави Макрон.

„Не мислам дека Каталонија е угнетувана“, забележа Макрон поддржувајќи го ставот на ЕУ дека не треба да се меша во оваа криза. „Тоа не е улога на Европа“, изјави Макрон.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура