X
 12.10.2017 Живот

Научете го вашето дете да ја сака математиката преку неколку чекори

дете
Фото: Shutterstock

Се чини дека стравот на родителите поврзан со домашните задачи по математика и математиката воопшто е сè поголем. Многу родители велат дека немаат никаква врска со математиката и тоа е разбирливо. Експертите за образование велат дека начинот на кој учениците традиционално учеле математика - со тестови, долга листа на правила за меморирање, го направи овој предмет не само стресен туку и неефикасен. Некои истражувања покажуваат дека 10 до 20 отсто од возрасните имаат анксиозност кога станува збор за математика.

Сепак, математиката очигледно е важна - таа е придружник на кариера во науката, медицината, технологијата и инженерството. Според Џо Боалер, професор по математичко образование на Универзитетот „Стенфорд“ и извршен директор на одделот за образование за математика, секое дете може да постигне највисоко ниво во математиката доколку му се дадат можности.

Еве како можете да му помогнете на вашето дете да учи математика кога вие имате математичка анксиозност.

Не поддржувајте го детето кога ќе каже дека е лошо во математика


„Никогаш не велете му на детето - и јас бев лош/а по математика. Наместо тоа, речете му дека најновите истражувања за мозокот покажуваат дека секој може да расте и да се промени и може да развие нови математички вештини“, вели Боалер.

Мајките имаат особено уникатен предизвик. Истражувачите откриле дека откако мајките им кажале на своите ќерки дека не сакале математика додека биле ученички, и постигнувањето кај нивните ќерки се намалило.

Не кажувајте им на децата дека погрешиле додека работат на одредена задача

Наместо тоа, Боалер вели дека треба да пронајдете логика во нивното размислување. „На пример, ако вашето дете помножи 3 со 4 и добие 7, вие речете му: Гледам како размислуваш, го користиш она што го знаеш за собирањето, па така кога множиме имаме 4 групи од 3...“

Играјте математички игри и загатки

Боалер вели дека математичките игри, загатките и апликациите можат да им помогнат на децата да развијат чувство за броевите, што е критички важно.

Создајте позитивна математичка средина во вашиот дом

Харис Купер, професор по психологија и невронаука на Универзитетот „Дјук“, вели дека родителите што имаат анксиозност кон математиката можат да им помогнат на своите деца дома со моделирање на математичко однесување.

„Кажете му на детето: ’Ако имаш домашна по математика, и јас имам‘, па седнете и со него и избројте ги вашите пари, пресметајте кога ќе биде готова вечерата, погледнете ги цените“, вели таа.

Помогнете му на детето што заглавило со поставување прашања

Ако не знаете како да го решите проблемот со математиката, поставувањето прашања може да ви помогне да ја пронајдете смислата.

Ова се некои прашања што ќе му помогнат на вашето дете да се ангажира во проблемот:

- За што е проблемот? Кажи ми со свои зборови.
- Што направивте на час за да почнете?
- Дали можеш да направиш дијаграм или да нацрташ скица?
- Какви претпоставки имаш направено?
- Како знаеш дека си го решил проблемот?
- Дали можеби недостига дополнителна информација?
- Дали можеш да решиш поедноставна верзија од проблемот?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот