X
 13.10.2017 Образование

Матилда Бајкова, најдобар просветен работник: Од коноп да се направи свилен конец е најголемиот успех на еден професор

За да се биде учител, потребно е многу работи да бидат во избалансирана состојба. Компетентност, трпеливост, харизматичност, искреност, огромна толерантност, способност за говорење, креативност, емпатичност, кооперативност, упорност, правичност, флексибилност, отвореност кон промени... воедно модел на сè што би сакале да видите и да постигнете со својата улога во животот на детето кое треба да прерасне во индивидуа со високи квалитети, корисна за себе и за општеството – вели Матилда Бајкова, која 11 години е наставничка по македонски јазик во ОУ „Вера Циривири-Трена“ во Скопје.


Таа и уште тројца нејзини колеги од други основни и средни училишта ги добија признанијата за најдобри просветни работници што ги доделува Сојузот на просветни работници на Македонија. Со Бајкова, која две децении е посветена на образованието, поразговаравме на повеќе теми од кои боледува македонското образование, но и за предизвиците да се биде учител.

Ви значи ли признанието што го добивте од Вашата фела?

- Професијата со која се занимавам е една од најубавите, ако се работи со љубов и целосна посветеност. Колку и да звучи излитено, вистина е и јас така ја доживувам. Секој има своја цел и мисија во животот, мојата цел, а воедно и сон, е поврзана со образованието, со тоа да подучувам и да го споделувам тоа што го знам и умеам. Мисијата, пак, е поврзана со мислата дека во животот ќе бидеш успешен како учител оној момент кога ќе доживееш твоите ученици да те надминат и да бидат поуспешни и подобри од тебе. Секако дека ми годи што моите колеги и оние што ме познаваат и со кои работам секојдневно и оние што не ме познаваат доволно ми оддаваат јавно признание и се радуваат заедно со мене за успесите што ги постигнувам и на професионален план со учениците, но и на мојот личен професионален развој. Ме радува што покрај себе имам луѓе што се искрени, вредни, достојни за нашава професија и дотолку задоволството е поголемо, а мотивот да се постигаат и поголеми резултати е поголем, но и одговорноста пред себе и пред нив - најголема. Во овој круг на моето растење како професор никогаш не ги заборавам моите ученици и моите партнери - родителите, бидејќи без нив сè би било бесмислено. Потекнувам од семејство кое има своја историја на хуманост, преданост, скромност и ненаметливост и горда сум што можам да го продолжам делото кое го започнале мојата прабаба Гонџа Бојаџиу, мојата тетка Аница Лора, која била првата учителка по војната во Македонија и мој пример за учител. Во текот на моето образование имав многумина такви, некои од нив не се веќе тука да му се радуваат на мојот/нивниот успех.

Имате благородна професија. Каде е денес местото на просветниот работник во нашата земја и каде сакате да се видите себеси и Вашите колеги?

- Да се биде учител, потребно е многу работи да бидат во избалансирана состојба. Компетентност, трпеливост, харизматичност, искреност, огромна толерантност, способност за говорење, креативност, емпатичност, кооперативност, упорност, правичност, флексибилност, отвореност кон промени... воедно модел на сè што би сакале да видите и да постигнете со својата улога во животот на детето кое треба да прерасне во индивидуа со високи квалитети, корисна за себе и за општеството. Јас сум предметен наставник и честопати во текот на мојата секојдневна работа со учениците имам потреба да ги користам овие нешта за да постигнам резултати. Не велам дека секогаш е лесно, но да се направи од коноп свилен конец е најголемата умешност и успех на еден професор. Секоја генерација си носи свој белег и начин на однесување и нашата способност да се вклопиме во нивниот начин на функционирање нè прави посебни и ценети кај нашите ученици. Низ годиниве местото ни стана скоро невидливо, споредено со времето во кое јас бев ученик и од оние што учев како да бидам учител. Во моите очи учителот имал голема вредност. Точно е дека времето ги менува нештата, но домашното воспитување, менталитетот на нашиот топол народ како да исчезна. Не сум поборник на стари и закоравени мислења и зборови како што е страхопочитта, но, сепак, сметам дека големото шаренило на луѓе што погрешно ја разбрале или подобро речено избрале оваа професија придонесе да дојдеме до најдолните гранки на општествените улоги, а мешањето на дневната политика со учителствувањето го направи сето тоа уште поерозивно. Сметам дека доаѓа време кога се сфаќа потребата од квалитет, а не од квантитет. Мојот професионален развој ме носеше низ овие 20 години од моето работење во сферата на образованието во земји каде што наставниот кадар е на пиедестал на кој заслужува и треба да биде. Токму таа можност ми даде за право да бидам амбициозна. Можеби низ годиниве наликував во нечии очи на црна овца која не се вклопува во нивната приказна, бара неможно, која се заложува за нешто неможно и се бори со ветерници, но мојата упорност и настојчивост ми велат дека е добро што стоички издржав и сум горда што не потклекнав и не се откажав, едноставно останав своја. Просветниот наставник има огромна одговорност, пред повеќемина, пред учениците, пред родителите, пред колегите, пред општеството. Затоа, треба да го добие своето место со своите резултати, а тоа се гледа од лицата и знаењето на децата, од задоволството на родителите и, конечно, местото кое ни припаѓа треба сами да го направиме реалност.

Се чини дека како никогаш досега најмалку си го познаваме мајчиниот јазик. Децата едвај спојуваат реченица, не читаат доволно, повеќе знаат англиски отколку македонски јазик. Како да им го приближиме литературниот јазик на децата?

- Ова прашање за нас, македонистите, е по малку сензитивно. Но, учениците се нашето огледало. Сакам да кажам - што гледаат, слушаат, тоа и прават. Уште не го прозбореле мајчиниот јазик (македонскиот), родителите се амбициозни и ги запишуваат на разни курсеви и школи за странски јазици, гледаат цртани на англиски јазик, па неретко се случува и родителите да комуницираат на англиски, небаре сите сме Англичани и Американци. Во животот секогаш има простор и време да се научат и користат и други светски јазици и тоа е богатство, но најпрвин треба да се научи мајчиниот, без разлика дали е тоа македонски, албански, турски, ромски, бошњачки, влашки... Ако сопственото име што го носиме е нашиот идентитет, тогаш јазикот е исто така идентитет на една личност. Иритира фактот што македонскиот јазик како предмет со број на часови за изучување е помалку застапен од математика. Замислете во 6-то одделение пет пати во недела имаат математика, а четири пати македонски, три пати англиски наспроти четири пати мајчин јазик. Јас сум јазичар, но неможно е децата да ви велат дека не можат да се сетат на македонскиот збор наспроти збор кој згора е сленг од англискиот јазик. Светските истражувања за користење на мајчиниот јазик укажуваат на тоа дека тој е примарен, особено во делот на основното образование, и дека треба да се гради однос кон него. Желбата и потребата од изучување странски јазик не доаѓаат толку рано. ПИСА-истражувањата покажуваат дека нашите ученици се на најниско ниво, но за тоа не ни треба ПИСА па да знаеме. И пак ќе речам, децата се нашето огледало, тие учат од нас, возрасните, каков однос имаат родителите кон јазикот, таков ќе имаат и тие. Истовремено медиумската култура е на ниско ниво, особено мислам на телевизијата, бидејќи и тоа е уште една причина во целата приказна за користењето на мајчиниот јазик. А уште многу би требало да зборувам за литературниот јазик, кој веќе и меѓу некои колеги е, за жал, мислена именка.

                                  Со своите ученици во посета на Архивот на Македонија

Како ги мотивирате Вашите ученици да читаат книги?

- Моите методи не се тајна. Јас едноставно ги „инфицирам“ моите ученици да станат читачи. Креирам средина во која нема стрес и класично предавање. За да совладаме нешто, се подготвуваме, читаме, дискутираме, понекогаш и полемизираме, дебатираме. За да бидат способни да го прават сето тоа, треба да говорат, а за да знаат да говорат, треба да имаат речник, фонд на зборови, а да го збогатат фондот на зборови, треба да читаат, и така почнува. Им нудам можности преку разни активности-проекти кои сами ги креираме за соработка со разни институции, библиотеки, музеи, институти. Членуваат во Вики клубот, на македонската „Википедија“, слободна енциклопедија, каде што пишуваат статии на македонски јазик, користејќи го познавањето на англискиот, германскиот, францускиот, српскиот, хрватскиот... чиј образовен координатор сум и обучувач на моите колеги кои можат да ја користат. Лектирните изданија се месечни четива, но во текот на месецот добиваат понуди за наслови приспособени на нивниот вкус, брзина и вештина за читање во согласност со нивната возраст. Секоја година сме присутни на Саемот на книгата, но и правиме средби со македонски писатели и автори и секако охрабрени се и самите да пишуваат и да конкурираат со свои творби, со кои имаат голем успех. Детските списанија за наша заедничка среќа повторно можат да ги имаат при рака и да читаат и да учествуваат во нив.

Каква е состојбата со лектирите? Професори и писатели реагираат дека треба да се ревидира изборот на лектирите. Што кажува Вашето искуство?

- Учениците сакаат да читаат. Но, фактот дека навиката што не е стекната не доаѓа од училиштето. Поборник сум за најрано стекнување навика да се чита, на почеток од родителите, па потоа сами со тенденција да прерасне во уживање, односно формирање вкус за читање. Поради тој недостиг, учениците не знаат ниту да говорат ниту да комуницираат, да се изразуваат. Веќе споменав дека е потребна ревизија и на списокот на изборот на лектирите. Голем број книги од детската литература со години наназад беа тргнати, а голем број колеги, вклучително и јас, ги понудувавме нашите ученици со наслови кои би ги заинтересирале во зависност од нивните афинитети, потреби, вештини. Сè со цел да станат читачи. Точно е дека се става акцент, особено во основното образование, на македонските автори, но не треба да се заборави дека детската литература нема граници. Познатите наслови од странски автори се преведени на македонски јазик и не гледам тука ништо спорно. Збогатувањето на списокот по одделенија - годишта на учење треба да се збогати, се надевам дека тоа во најскоро време ќе се направи зашто само така ќе се создаде навиката за читање. Изборот на насловите кај децата е цела наука со која јас се занимавав во мојата магистерска теза, но тоа е повод за нов разговор. Технологијата пак ќе ја споменам, која ја користам во мојата работа и полезна е но, сепак, колку и да звучи сувопарно, миризбата на хартијата на книгата има посебна магија.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование