X
 16.10.2017 Образование

Алек Ицев, менаџер за инженерство во „Гугл“: Тука е како во слаткарница – каде и да се свртиш, сакаш нешто да пробаш

Од Македонија заминал на студии во САД, но од март 2005 година е дел од една од најголемите компании во светот - „Гугл“. Во интервјуто за Факултети.мк, Алек Ицев зборува и за неговата посета во Македонија, кога како говорник ќе се појави на Самитот организиран од Македонија 2025.




Најдоброто време на планетата Земја е пред нас и новите технологии ќе го направат светот многу подобро место за живеење во следните 10 години. Ќе имаме многу повеќе енергија од обновливите извори и таа ќе биде поевтина, што пак ќе им помогне на многу ниско развиени земји да се подигнат од сегашната сиромаштија. Поевтината енергија и технолошките иновации ќе придонесат да имаме поевтина и поквалитетна храна за многу повеќе луѓе. Победата на зелената енергија ќе помогне во борбата со глобалното затоплување. Ова се само дел од предвидувањата за нашата иднина што ќе го подобрат светот во кој живееме, според Алек Ицев, менаџер за инженерство во „Гугл“, САД.
Ицев од Македонија заминал на студии во САД, но од март 2005 година е дел од една од најголемите компании во светот- „Гугл“. Во интервјуто за Факултети.мк, Ицев зборува и за неговата посета во Македонија, кога како говорник ќе се појави на Самитот организиран од Македонија 2025. За првите чекори во светот на компјутерските науки и за работата во „Гугл“ тој вели:
- Мојата приказна е едноставна. Сакав да го продолжам своето образование и во тоа време американските универзитети нудеа порелевантни програми за компјутерски науки од европските, па по завршувањето на додипломските студии во Скопје, 2000 година, аплицирав на неколку факултети за постдипломски студии во САД. Worcester Polytechnic Institue во Масачусетс ми ја даде најдобрата понуда за работа како асистент, а и соодветни финансии за научното истражување, така што одлуката беше мошне лесна. По завршувањето на студиите, од WPI добив понуда да работам за една интересна биоинформатичка компанија во Масачусетс – GenomeQuest, оттаму преминав во друга за тоа време значајна компанија од сферата на „enterprise software“, наречена BEA Systems во Сиетл. Потоа бев регрутиран во релативно млада компанија наречена „Гугл“, каде што почнав да работам во март 2005 година. Во сите овие години имав шанса да работам на многу различни проекти во компанијата и сум многу горд на сите работи што произлегоа од „Гугл“ и го подобрија животот на илјадници луѓе низ светот.
* Сите си замислуваме како е да се работи во „Гугл“, една од најдобрите компании во светот. Вие од прва рака го знаете тоа, какви предизвици носи ова работно место?
- За мене, предизвик е тоа што во фирмата има многу интересни проекти, кои секогаш се примамливи за да посветиш дел од своето време на нив. Понекогаш тоа е како да си во голема продавница за слатки и каде и да се свртиш околу себе има колаче што сакаш да го пробаш.
* Како изгледа еден Ваш работен ден?
- Значителен дел од денот поминувам во споделување идеи со соработниците. Дел од времето е фокусиран на неделниот оперативен фокус на моите тимови, дел на долгорочните стратегии. Поминувам извесно време на регрутирање нови луѓе, како и на обликувањето на техничката архитектура на моите производи. Исто така, секој ден се обидувам да научам една нова работа, макар и да е нешто мало како нов збор од странски јазик.
* Наскоро ќе ја посетите Македонија. Вие сте еден од 50-те успешни луѓе од целиот свет што се говорници на годинешниот Самит организиран од Македонија 2025? За што конкретно ќе говорите на овој самит?
- Мислам дека организаторите спремаат одличен „Fireside chat”, каде што ќе ги допреме темите кои се поврзани со иднината на вештачката интелегенција, социјалните медиуми и за тоа како самата технологија ја обликува нашата иднина.
* Вие сте инженер кој доаѓа од една од најбрзорастечките области, компјутерските науки. Кои се најинтересните предвидувања за следните 10 години од оваа научна област?
- Најдоброто време на планетата Земја е пред нас и новите технологии ќе го направат светот многу подобро место за живеење во следните 10 години. Марк Андерсен имаше еден семинален текст во кој едноставно кажа дека софтверот го јаде светот и дека темелно ќе ги трансформира сите гранки од индустријата. Мислам дека ќе имаме многу повеќе енергија од обновливите извори и таа ќе биде поевтина, што пак ќе им помогне на многу ниско развиени земји да се подигнат од сегашната сиромаштија. Мислам дека поевтината енергија и технолошките иновации ќе придонесат да имаме поевтина и поквалитетна храна за многу повеќе луѓе. Мислам дека победата на зелената енергија ќе помогне во борбата со глобалното затоплување. Сметам дека напредокот во десилиназицијата на океанската вода ќе придонесе да имаме попристапна питка вода отколку денес. Очекувам електричните возила да станат главен тип на превоз и очекувам околу 10 проценти од возилата на улиците да бидат „ self-driving cars“. Исто така, се надевам на голем напредок во раната дијагноза на четири болести, што се меѓу најголемите причини за смртност кај луѓето, а тоа се срцевите заболувања, ракот, дијабетесот и Алцхајмеровата болест, преку технологии базирани на вештачка интелегенција. Очекувам и голем напредок во развојот на производството на органи од матични клетки, CRISPR методите за манипулација на генетичкиот материјал, кои заедно со напредокот на нанотехнологијата ќе доведат до план за тоа како да се превенираат, надминат и спречат овие болести во иднина. Очекувам генералниот напредок во вештачката интелегенција да автоматизира повеќе процеси во различни индустрии и многу повеќе продукти да станат попристапни до пошироките слоеви на населението. Генерално, сметам дека ако успееме да го задржиме глобалниот мир, нè чека многу возбудливо време.
* Што конкретно е поле на Ваш интерес како научник?
- Мојот потесен интерес е една зона во која се преклопуваат следните нешта: data mining, machine learning и bionformatics. Data mining (анализирање на податоци) е област која се фокусира на наоѓање интересни трендови и информации во огромни маси на податоци, machine learning (способност на машините да „учат“) се фокусира на алгоритми кои учат од податоците во минатото и врз нивна база предвидуваат што ќе се случи во иднината, а биоинформатиката се фокусира на примена на компјутерските алгоритми во анализа на генетичкиот материјал. Сите овие области се bleeding edge (врвна работа) на компјутерските науки и генерално се интердисциплинарни затоа што инволвираат различни инженерски техники.
* Во една новинарска статија со сопругата зборувате како ги учите Вашите деца компјутерски науки преку разни игри и сложувалки, како и кодирање. Компјутерските науки ги ставате во функција за развој на интелигенцијата кај вашите деца. Кај нас во последно време постојано се апелира до родителите да забават малку кога е во прашање технологијата и децата помалку да бидат изложени пред екраните. До каде е, според Вас, црвената линија што не смее да се премине, што ги советувате младите родители?
- Ова е одлично прашање. Мислам дека решението е во балансот. Прво, за секое дете е многу важно да има здрав сон, исхрана и физичка активност. Исто така, многу е битно да потроши време во директна човечка интеракција со својата фамилија и другарчиња. Ако се следат овие приоритети и ако сите паметни уреди се користат пред сè за образовни цели, а не како мали телевизори, имаме добитен модел. Сметам дека ова е многу возбудливо време за најмладите луѓе на планетата Земја. Секое дете што има пристап до паметен телефон има пристап до информации во ист обем како што некогаш имал претседателот на САД во 1990 година, така што генерацијата што расте денес има огромна предност да биде покреативна и да биде носител на невиден напредок во децениите што следуваат.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование