X
 16.10.2017 Култура

Во Македонија се јаде највкусен ајвар, според хрватските новинари


Луѓе јадат ајвар
(Фото: Igor Kralj / Pixsell)


Го сметаат за „крал“ на секоја зимница. Без него не може да се замисли ниту една зима во домаќинството. Без оглед дали се јаде намачкан на леб или како прилог на друга храна, секој има свои фаворити или преференции. И додека многумина одлучуваат да набават потребни продукти – црвени пиперки и патлиџани и самите да го подготват по „стариот семеен рецепт“, има и луѓе кои поради недостиг на време, „осудени“ се да го набават во продавниците.

Хрватскиот „Вечерњи лист“ одлучил да ги тестира ајварите што се продаваат низ хрватските супермаркети со цел да утврди чиј ајвар е најдобар во регионов. Во конкуренција се нашле хрватски, македонски, српски, босански и словенечки ајвар, и тоа во две варијанти – благ и лут.

По прашањето чиј ајвар е најдобар, немаше никакво изненадување. Македонците, како што Хрватите вообичаено ги нарекуваат „самопрогласените најдобри готвачи во регионот“, и на нивното тестирање ја освоија тутулата прваци. Производителот „Дентино“ се покажал како најдобар, додека словенечката „Дрога“, босанската „Витаминка“, но и еден македонски бренд – „Гранд“, не им оставиле силен впечаток на тестирачите. Кај одредени видови забележително било отсуство на патлиџани во составот.

При тестирањето, некои членови на жирито се пожалиле што не можеле да го донесат својот домашен ајвар во тестирањето. „Шармот“ на ајварот е и во тоа што секое семејство има свој семеен рецепт. И поради тоа, дефинитивно е исплатливо да се изработи во домашни услови. Особено ако постојат услови да се направи на старински начин – односно на шпорет на дрва.

Тогаш, според познавачите, ајварот добива дополнителен „шмек“. Потребно е само трпение. За да се направи една доза ајвар од 20 килограми пиперки, од кои се добиваат 7,2 килограми, потребни се и до осум часа работа. Целиот процес бара трпение и внимателност. Смесата треба да се пржи на тивок оган со долготрајно континуирано мешање на исцедените и сомелените состојки.

Врвниот ајвар „не простува“ површност и немарност, и токму поради тоа, многу домаќинки користат денови од годишниот одмор кога почнува сезоната за подготвување зимница.

Иако основниот рецепт за подготвување ајвар би требало да е ист или сличен, некаде не се печат и лупат пиперките, туку се варат или пржат. Секој крај има некаква „тајна“ состојка што придонесува за врвен вкус.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура