X
 17.10.2017

Загрижувачки податоци за нарушувањето на менталното здравје

Шестина од популацијата во Англија на возраст од 16 до 64 години имаат проблеми со менталното здравје, според статистиката. Без разлика дали се работи за семејство или пријатели, соседи или колеги, шансите дека сите познаваат некој што има проблем се високи.


Премиерката Тереза Меј најавила планови за подобрување на здравствената нега, а во меѓувреме 10 податоци се навистина загрижувачки.

1. Бројот на проблеми се зголемува

Изгледа дека проблемите со менталното здравје се сѐ почести, односно сѐ поголем број луѓе ги имаат симптомите. Не се работи за драстично зголемување, туку постепено во текот на годините. Истражувањата во Англија покажуваат дека бројката е зголемена повеќе кај жените. Се верува дека во денешно време луѓето почесто се обраќаат за помош и признаваат дека имаат проблеми со менталното здравје. Исто така, повеќе од очигледно е дека 21 век во голема мера влијае врз некои луѓе - економската неизвесност, социјалните медиуми, влијанието на медиумите и зголемените очекувања за животот.

2. Жените почесто ги имаат проблемите

Бројот на жени што патат од проблеми со менталното здравје е сѐ поголем во Англија. Исто така, зголемена е бројката и кај младите лица. Тука големо влијание има економската неизвесност бидејќи токму младите се оние што се обидуваат да изградат кариера и да заработат додека најмногу можат. Психијатрите во голема мера предупредуваат и на влијанието на социјалните медиуми и притисокот што го чувствуваат младите.

3. Мажите почесто си го одземаат животот

Проблемите со менталното здравје предизвикуваат сѐ поголем број луѓе да се одлучуваат на самоубиство. Во Велика Британија минатата година најголем број од тие што си го одзеле животот се мажи на возраст до 49 години.

4. Проблемите со менталното здравје почнуваат рано

Како што е горе споменато, голем број млади лица патат од вакви проблеми. Поточно, повеќето се развиваат во детството или кога индивидуата е возрасно младо лице, околу 24 години.

5. Сервисите за ментално здравје не се доволно финансирани

Досега ваквите сервиси не биле секогаш поддржувани и развивани. Сега во Англија се очекува да се зголеми финансирањето до 2020-21 година. Парите ќе се наменат за повеќе кризни тимови кои најмногу ќе се фокусираат на помагањето на новите мајки.

Дополнителни инвестирања се прават и во другите делови на Велика Британија, како Велс и Шкотска.

6. Нација на лица што консумираат лекови

Ветувањето за инвестиции е исто така проследено и со желба за повторно оформување на сервисите и нивната достапност. Тоа значи дека здравствените услуги ќе подразбираат полесен пристап до терапии со зборување во текот на 18 месеци и помош за оние што ги искусуваат своите први епизоди на психоза, а не инстантно препишување на лекови. Бројката на луѓе што земаат лекови за анксиозност, депресија, панични напади е повеќе од двојно зголемена во последните 10 години.

7. Зголемен бројот на притворени лица

Со оглед на тоа дека голем број од луѓето со нарушено ментално здравје не се под никаков третман, голем дел од нив завршуваат во институции. По добивањето лекови за стабилизација, тие се пуштаат дома, но потоа повторно доживуваат кризни моменти и повторно се затвораат во болница.

8. Долго отсуство од дома

Притисокот на системот исто така доведува до долг период надвор од дома за примање терапија. Голем процент од луѓето се испратени на многу далечни дестинации за да ја добијат потребната психијатриска нега и рехабилитација. Ова е особено тешко за оние што живеат во рурални средини, кои мора да патуваат долго за да ја добијат помошта што им е неопходна.

9. Не се сите вести лоши

Сега во Англија и во Велс не се користи често методата за затворање во полициски ќелии на луѓето што имаат кризи во менталното здравје. Бројката на вакви случаи драстично е намалена во изминатите години.

10. Време е за промена

Можеби она што најмногу ветува е менувањето на размислувањето во врска со нарушеното ментално здравје, односно свеста за соочувањето со ваквиот проблем се зголемува и предрасудите се намалени. Се спроведуваат многубројни кампањи за таа цел, кои се поддржани од владата. Последните резултати покажуваат волја кај луѓето за работа, живеење заедно и живеење во близина со некој што страда од проблеми со менталното здравје. Оние што ги спроведуваат кампањите велат дека има напредок на ова поле.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk