X
 18.10.2017 Култура

Од следната година ќе се зголемат цените на летувањата во Грција


Плажа во Грција
(Фото: Pixabay)


Доколку и следното лето планирате својот одмор да го поминете во Грција, бидете подготвени да платите повисока цена на аранжманите. Имено, од 1 јануари 2018 година во Грција се воведува такса за престој, која за десетдневно летување може да чини и до 40 евра.

Грчките власти одлучиле од следната година да воведат нова давачка во форма на такса за престој, чија висина ќе зависи од видот на сместувањето, а ќе се пресметува како фиксен износ по соба на ден.

Како што објавува порталот grckainfo.com, најевтино ќе биде во приватните соби, студија и апартмани, каде што ќе изнесува по 0,5 евра за ден, што значи дека десетдневниот аранжман ќе поскапи за 5 евра.

Толку ќе чини и таксата за престој во хотелите со една и две ѕвезди, додека сместувањето во хотел со три ѕвезди, поради новата давачка, ќе поскапи за 1,5 евро од ден, односно 15 евра доколку се одмарате десет дена.

Во хотелите со четири ѕвезди таксата ќе чини по 3 евра на ден, додека очекувано, најскапа такса за престој ќе се плаќа при сместување во хотели со пет ѕвезди. Таму таксата за престој ќе чини 4 евра дневно, односно 40 евра за десетдневно летување.

Таксата ќе биде вклучена во вкупната цена на аранжманот и нема да се наплаќа од гостите поединечно.

Според написи во порталите, хотелската индустрија во Грција оваа давачка ја смета за апсурдна затоа што туризмот е еден од ретките сектори во грчката економија што добро ја издржаа кризата. Грција веќе има највисоки даночни стапки за туристички услуги во споредба со другите конкурентски медитерански земји.

Турција применува најниска даночна стапка од 8 проценти, Кипар има данок од 9 проценти за сите хотелски услуги, а Италија и Шпанија применуваат даночна стапка од 10 проценти.

Според неодамнешното истражување на Институтот за туристички компании СЕТЕ, од 100 евра кои еден хотел со четири ѕвезди во Грција ги добива од гостинот, 33,4 евра одат на даноци и придонеси за социјално осигурување. Во Кипар таа цифра е многу помала и изнесува 16,1 евра.

Поради сето ова, хотелите се присилени да работат со значително пониски маржи со цел да ја подобрат својата конкурентност.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура