X
 19.10.2017 Живот

Дали сте ментално силен родител?


Мајка и дете
(Фото: Pixabay)


Сите посакуваме нашите деца да израснат во ментално силни, стабилни личности кои ќе можат да се носат со сите предизвици во животот.

За да се постигне тоа, логично е и родителот да биде таков – личност која е подготвена да го соочи своето дете со сите стравови и да го научи на одговорност. Се разбира, тоа е тежок процес, но вакви искуства му требаат на детето за да може максимално да го развие својот потенцијал.

Според зборовите на психотерапевтот Ејми Морин, родителите што им го „вежбаат“ мозокот на своите деца за да израснат во среќни, успешни возрасни луѓе, со јасно зацртана животна цел, треба да се придржуваат до овие нешта:

Да не усвојуваат менталитет на жртва


Ако вашето дете е исфрлено од училишната фудбалска екипа или лошо му оди учењето, тоа не значи дека тоа е жртва. Одбивањето, неуспехот и неправдите се дел од животот. Не би требало да дозволите детето долго време да биде потиштено, туку треба да го научите како своето страдање да го претвори во сила. Помогнете му да реагира на таквата ситуација на најдобар можен начин, и покрај сите околности.

Да не чувствуваат вина


Многу родители поради чувството на вина, на крај им го дозволуваат на децата она што претходно им го забраниле. Ментално силните родители знаат дека тоа чувство на вина ќе помине и нема да дозволат поради тоа да донесат одлука која лошо ќе се одрази врз нивното дете.

Не прават од своето дете центар на универзумот

Ова може да биде многу тешко, но е многу важно детето да научи да се фокусира на тоа што самото може да му го понуди на светот, а не да очекува светот да му даде нешто нему. Само на тој начин детето ќе научи дека не може сите работи да ги мери според себе и своите потреби.

Не дозволуваат стравот да управува со нивните избори


Држењето на децата „под стаклено ѕвоно“ може да им обезбеди на родителите помалку стрес во животот. Но, на тој начин се сопира и се забавува развојот на детето. Ментално силните родители знаат дека не можат постојано да бидат чувари на децата, туку нивни водачи. Тие им дозволуваат на децата да излезат во светот и да го искусат животот, дури и кога се преплашени од самата идеја.

Не им дозволуваат на децата да бидат „шефови“ 
  

Децата не можат да бидат тие што ќе одлучуваат што ќе јаде семејството или каде ќе се оди на викенд. За нив не е здраво да им станат „шефови“ на своите родители, па дури ни да бидат еднакви со нив. Добриот родител треба да го поттикне своето дете да прави вистински избори, истовремено одржувајќи ја јасната хиерархија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот