X
 20.10.2017 Образование

Д-р Гордиана Ѓоргoва, најдобар просветен работник: Секогаш барам начин како да допрам до учениците што не се мотивирани

Сојузот на просветни работници на Македонија ја прогласи за најдобар просветен работник во средното образование за изминатата учебна година. Гордиана Ѓоргова е доктор по филолошки науки, три децении предава англиски јазик во СУ „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Посветена на своите ученици, секогаш вложувајќи труд да го извлече најдоброто од секој ученик, Ѓоргова е и координатор на меѓународната матура.


Добивте признание од Сојузот на просветните работници. Ви значи ли што доаѓа токму од Вашата фела?

- Секое признание има големо значење, а особено ова признание од Сојузот на просветни работници на Македонија за мене претставува голема чест. Кога колегите ви даваат признание, тоа е доказ дека вашиот труд не е залуден, а од друга страна, тоа признание е и еден вид обврска и мотивација да продолжите понатаму. Фактот дека ова признание се доделува на 5 октомври - денот кога во цел свет им се оддава почит на учителите и на нивниот труд, на признанието му дава продлабочена димензија и универзалност. Морам да споделам дека ова признание ги израдува и сите мои колеги во гимназијата „Јосип Броз Тито“ и истото го доживеаја како признание и гордост и за самото училиште, а и како мотивација за останатите колеги дека доколку работите посветено, сепак некој тоа го цени и вреднува.

Што, за Вас, значи просветната работа? Кое е најголемото задоволство за еден професор?

- Најголемо задоволство за нас, просветните работници, е кога ќе видиме дека нашите ученици постигнале успех во нивното понатамошно образование или во нивната професија, а ние сме придонеле кон тоа со своите насоки или примери. Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ предавам англиски јазик безмалку 30 години и можам да кажам дека мојата просветна работа е нераскинливо врзана со идентитетот на оваа скопска гимназија. Сум изучила повеќе генерации ученици и секогаш сум се трудела да оставам позитивен пример. За мене лично како професор, најголемо задоволство претставува кога ќе успеам кај учениците да ја поттикнам внатрешната мотивација за учење и да им помогнам да се справат не само со образовниот процес, туку и со предизвиците на созревањето. Сметам дека не постојат лоши или слаби ученици, туку само ученици кои поради разни причини не се мотивирани да го следат предметот. Е, токму тие за мене се најголемиот предизвик и секогаш барам начин како да допрам до нив и да им помогнам да ги откријат своите цели и интереси. Во рамките на предметот кој го предавам ги поттикнувам да ги развијат јазичните вештини и да можат да се искажуваат и на англиски јазик, кој во современото општество е предуслов за успех во понатамошното образование и кариера. Кај учениците секогаш поттикнувам дискусија и размена на идеи, а дебатата е еден од задолжителните формати за оценување на говорните вештини. Учениците мора да ја развиваат способноста за говорење и искажување на своите ставови, аргументирано и со соодветни примери и докази, а притоа да оставаат простор и за аргументите на другата страна. Исто така, посебно се вложувам при развивањето на способноста за пишување на англиски јазик преку совладување на разновидни формати и цели што на учениците им помага и кај другите предмети, а особено е важно за нивното понатамошно образование.

Се чини дека припаѓате на професијата која постојано мора да се бори за своето подостоинствено место. Каде посакувате да се видите себеси и Вашите колеги во општеството?


- Просветните работници, не само кај нас, туку и во светски рамки, се соочуваат со многу предизвици, како што се: зголемениот обем на административна работа на штета на креативноста и времето посветено на учениците. Постојано се зборува за новини во наставните програми, иновации во наставата, а секојдневно се појавуваат и нови наставни технологии. Информатичката технологија во наставата и употребата на новите медиуми, како и неисцрпните ресурси на интернет, денот на наставникот го прават долг и постојано мора да се биде во чекор со новите трендови. Секоја нова генерација на ученици, пак, од друга страна, има нови очекувања и навики со кои ние, наставниците, мора да се справуваме за да предизвикаме интерес кај нив и мотивација за учење. Денот на наставникот е сè подинамичен и полн со предизвици, а од друга страна, вреднувањето од страна на општеството некако не е во сооднос со она што наставниците го вложуваат. За да се избегне чувството на незадоволство и резигнираност поради несоодветно вреднување, мора да се работи на соодветно наградување на просветните работници и притоа да се земе предвид комплексноста на нашата работа. Реализацијата на часовите е само еден дел од нашата работа. Но, работата на наставникот не завршува со завршувањето на последниот час. Одговорноста продолжува и во делот на подготовката на наставата, изготвување на наставните материјали и следењето на постигнувањата на учениците и оценувањето, како и педагошката администрација и евиденција. Долга е листата со обврски и барања од еден современ наставник. Од друга страна, квалитетен наставник не се станува со самото дипломирање или положување на државниот испит. Квалитетни наставници се создаваат со вложување во нивниот развој преку континуирана обука и постојано надградување во текот на учебната година. Многу малку време е предвидено за тоа во рамките на годишните програми за работа. За да се подобри статусот на просветните работници, мора да се примени во пракса напредување на наставниците во професионални звања кои соодветно ќе бидат вреднувани. Наставниците ќе бидат мотивирани да се надградуваат и да постигнуваат подобри резултати ако знаат дека за тоа соодветно ќе бидат наградени. Она што посакувам да се случи во најскоро време е да се имплементира долго најавуваниот модел на кариерен развој со кој би се приближиле кон примерите на образовните системи од регионот. На пример, во Хрватска имам колешки кои веќе напреднале до звањето ментор и кои сметаат дека моделот на кариерен развој дава резултати за напредување во професијата и создава чувство на вреднуваност и соодветна награда за вложениот труд.



Вие сте координатор на меѓународната матура во гимназијата. Каков е интересот на учениците и дали веќе покажува резултати со продолжување на образованието на странски факултети?


- Гимназијата „Јосип Броз Тито“ идната година ќе одбележи 20 години од стекнувањето на првата меѓународна диплома според програмата на Меѓународната матура, или поточно International Baccalaureate Diploma Programme. Тоа е меѓународна програма која учениците ја следат во нашето училиште според програми на Организацијата на меѓународна матура со седиште во Женева, но оценувањето е екстерно и се спроведува од страна на испитниот центар во Кардиф, Велика Британија. Како координатор на програмата во текот на сите овие години, она што можам да го заклучам е дека претставува квалитетна подготовка на учениците за продолжување на високообразовни институции, не само кај нас туку и на најпрестижните универзитети во светот. Дипломата на меѓународна матура е високо вреднувана во светски рамки и на нашите ученици им овозможува да се стекнат со стипендија за школување на престижни универзитети. Долг е списокот на универзитети каде што нашите ученици го продолжиле образованието, а меѓу најпрестижните секако се: Универзитетот „Харвард“ и  Универзитетот на Њујорк во САД, како и во Абу Даби и Шангај. Потоа, тука се универзитетите „Кембриџ“ и „Оксфорд“ во Велика Британија, престижни универзитети во Холандија, Германија, Италија , Австрија, Швајцарија, Чешка, како и во регионот Словенија, Хрватска, Бугарија и Грција. Исто така, голем број ученици успешно завршиле и на универзитетите во нашата земја каде што се секогаш меѓу најдобрите студенти и меѓу првите рангирани по успех во студирањето. Со сите ученици ние како училиште одржуваме постојан контакт преку годишни средби, а и преку неколку проекти на алумни-мрежа на ментори, кои на сегашните ученици им пренесуваат искуства во врска со програмата и со нивното искуство од студии и кариера. Нашите поранешни ученици се веќе истакнати професионалци, универзитетски професори, успешни во своите професии и активни во општествениот живот на нашата држава и сите, без исклучок, го потенцираат огромното влијание што оваа програма го имала во нивното образование и формирање на нивната личност. Тоа, за нас, професорите што предаваме во меѓународната програма, како и за лидерскиот тим на училиштето, претставува мотивација да продолжиме да ја развиваме оваа програма по која нашата гимназија „Јосип Броз Тито“ е препознатлива во нашата земја.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование