X
 20.10.2017 Култура

И сестрата на Моцарт, Марија Ана, била музички гениј како него - зошто била избришана од историјата?

mozart

Кога луѓето прашуваат зошто имаме особено црна историја, или историја на жените, многумина историчари не можат да го сфатат прашањето сериозно. Меѓутоа, ваквите прашања укажуваат на причината поради која постојат алтернативни или „ревизионистички“ истории. Не можеме да знаеме што не ни било кажано за историјата - барем не без да направиме слично истражување како што прават професионалните научници. Без оглед на трагичната, но измислена историја за сестрата на Шекспир, тврдењата на културните критичари за маргинализацијата и угнетувањето не се темелат на шпекулации. Навистина постојат случаи кога поединци биле игнорирани или исклучени од пошироката култура, а потоа исчезнале од историјата.

Еден таков извонреден случај е и вистинската сестра на уште една голема европска личност, за чиј живот знаеме многу повеќе од оној на Шекспир. Пред Моцарт да почне да ги пишува неговите први композиции, неговата постара сестра Марија Ана Моцарт, наречена и Нанерл, веќе се докажала дека е вистинско чудо.

Двајцата патувале низ Европа заедно уште како деца - таа била со својот брат за време на 18-месечниот престој во Лондон. „Постојат современи критики кои ја фалат Марија Ана“, вели Силивија Мило. На пример, рецензија од 1763 година за Марија Ана и не се разликува многу од оние упатени за младиот Волфганг.

„Замислете единаесетгодишно девојче како ги изведува најтешките сонати и концерти на најголемите композитори, со прецизност, неверојатна леснотија и беспрекорен вкус. Ова беше извор на чудо за многумина“.

Публиката од 18 век го запознала Волфганг како дел од дуото брат и сестра, што се сметало за вистинско чудо. Но сестрата била избришана од сликата. Таа не се појавува ниту во филмот за Амадеус во режија на Милош Форман. Згора на тоа, таа дури неодамна почна да се појавува во академскиот и класичниот свет. „Пораснав учејќи да бидам виолинистка. Ниту мојата музичка историја, ниту мојот репертоар не вклучува женски композитори“, вели Силвија.

„Со мојата плетенка, наставникот по виолина ме нарекуваше ’малиот Моцарт‘, меѓутоа мислеше на Волфганг. Никогаш не сум слушнала дека Амадеус имал сестра. Никогаш не сум слушнала за неговата сестра додека не видов негов семеен портрет“, додава таа.

На портретот, Нанерл и Волфганг седат заедно додека нивниот татко Леополд стои во близина.

Откако ја открила Нанерл, Силвија почнала да истражува низ историските архиви, читајќи сè што ќе најдела за неа. Истражувањето роди една женска драма, „Другиот Моцарт“. Во есеј за „Гардијан“, Силвија ја опишува судбината на Нанерл: „Била оставена во Салзберг кога наполнила 18 години. Нејзиниот татко го зел само Волфганг на следните патувања низ Европа. Нанерл никогаш повеќе не била дел од ниту една турнеја. Знаеме дека пишувала музика, а Волфганг пофалил едно нејзино дело во едно писмо до неа. Но ниту една нејзина композиција не преживеала. Можеби ќе пронајдеме нешто еден ден“, пишува Силвија.

Всушност, еден австралиски истражувач тврди дека пронашол музички ракопис што припаѓал на Нанерл во композициите што Волфганг ги користел за вежбање.

Други научници шпекулираат дека сестрата на Моцарт и тоа како имала влијание врз неговото свирење. „Ниту еден музичар не ја развива неговата уметност во вакуум. Музичарите учат гледајќи ги другите музичари, со тоа што се нивни ученици, формално или неформално“, вели музичкиот социолог Стеван Џексон.

Животот на Нанерл од неодамна стана и прашање од популарен интерес, не само во претставата на Силвија Мило, туку и во многу романи насловени како сестрата на Моцарт и филм од 2011 година.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура