X
 21.10.2017 Живот

Трогателни стории за напуштените деца за кои мораме длабоко да размислиме


Детенце со тажен поглед
(Фото: Pixabay)


Никола Тесла како лек за животно незадоволство препорачувал посета на гробишта, онколошки одделенија или депонии... Но доколку во налудничавата трка во секојдневието немате време за тоа, постои и еден едноставен начин да си „удриме шлаканица за отрезнување“.

Пред вас се кратки искуства на луѓе што дошле во контакт или поминале некое време во домовите за напуштени деца и сирачиња. Тие се срцепарателни, а имаат намера да ве поттикнат да размислите за сите важни и помалку важни работи што ви предизвикуваат нервоза и незадоволство....

„Добив понуда да глумам Дедо Мраз во дом за напуштени деца. Научив неколку песнички, облеков костим, ја залепив брадата и мислев дека сум подготвен. Не, човек никогаш не е подготвен за такво нешто. Затоа што кога стигнав, децата прво викаа дека не сум вистинскиот (мислев, полошо од ова не може да биде). Но кога стигна моментот за делење подароци, секое дете рецитираше неколку стихови, а потоа ми шепотеа на уво која желба сакаат да им ја исполнам следната година – да си ги најдат мајката или таткото или тие да ги најдат нив. Сите деца, без исклучок, молеа за тоа. Потоа, пушев и долго плачев.“

„Често поминував време во дом за напуштени деца и сирачиња. Од тие деца научив многу, ми беа одлична мотивација. Но една случка нема никогаш да ја заборавам. Седев во ходникот. Зад аголот се појави мало дете со жена, би рекла дека му беше мајка, која дошла да го посети. А за подарок му донела... едно пакување макарони. Но детето блескаше од среќа затоа што покрај него беше неговата мајка. А кај нас дома се прави скандал ако не одговара бојата на ајфонот...“

„Брат ми и јас останавме сирачиња, без мајка и татко, и од својата петта година живеевме во сиропиталиште. Тогаш бевме усвоени од две различни семејства. Не се сеќавам за многу нешта околу мојот брат, но на последниот ден се сеќавам на секој детаљ: се скривме во една огромна кутија за играчки, и низ солзи и смеа еден на друг си кажувавме како ќе живееме понатаму и што ќе бидеме кога ќе пораснеме. Си ветивме дека ќе се пронајдеме еден ден.

Поминаа години. Во домот не ни даваа информации, немале право, а сама не можев да го пронајдам. Завршувам училиште и заминувам на школување за морски биолог, затоа што тогаш, во таа кутија, му кажав дека тоа и ќе станам. Верувам дека ако го уредам својот живот онака како што нему му кажав, сигурно ќе го најдам брат ми. Мене ништо во животот не ми треба, само него да го пронајдам.“

„Дом за напуштени деца. Проаѓам низ ходникот гледајќи во собите. Тивко е, сите уште спијат. Последните мирни минути од мојот работен ден. Влегувам во собите, ги  кревам ролетните, ги палам светлата. Децата почнуваат да се вртат, да ги подигаат своите бушави главчиња, некое веќе станува. Во една соба едно малечко дете го мести креветот со една рака седејќи на работ и не подигнувајќи го погледот. Едно дете пак излегува од собата, ми приоѓа и ми ја става главата во моето крило. Останува така неколку секунди, обидувајќи се што подолго да остане во состојба на поспаност: Добро утро, мама!, ми вели.“

„Помагав да се однесат подароците од нерамнодушните луѓе во домот за напуштени деца и сирачиња. Не ги собирав јас, само бев возач. Тие погледи и чистоста на нивната радост не можат да се опишат со зборови! Си игравме, јас бев џинот, а тие групно ме „напаѓаа“. Најтешко ми беше да заминам. Толку ме допре тоа што кога се вратив дома, јас, возрасен маж, плачев цела вечер. Сега постојано мислам на нив. Ќе помагам колку што можам.“

„Моја познајничка целиот свој  работен век го помина во еден летонски родилен дом. Ми раскажа дека многупати мртвите новороденчиња ги заменувала со бебиња од кои родителите се откажувале. Водела и список. За 42 години, од 1963 до 2005 година, спасила 282 деца од сместување во дом. На прашањето дали се кае за кршењето на законите, одговорила: Се каам што успеав на направам толку малку. Јас сум дел од тој список.“

„Во домот дојдоа новинари. Децата во ходникот го гушкаат воспитувачот: Кој ни доаѓа денес, спонзори, мецени или министри? Децата не ја сфаќаат разликата, но сфаќаат: ќе има концерт, после ќе делат подароци и играчки. Најпопуларниот вид правење добри дела – доаѓаш накратко, ќе направиш свеченост, ќе дадеш подароци, ќе го подигнеш расположението. И ќе заминеш, оставајќи сè како што било.“

„Оваа приказна сум ја чула од вработен во шпанската амбасада. Станува збор за една ситуирана двојка која многу посакувала внуци. Но нивните син и ќерка не ни помислувале на деца. И тогаш се случило да гледаат некоја емисија на телевизија во која се зборувало за напуштено дете. Се установило дека детето има исто презиме како нив. Сметале дека тоа било судбина и го усвоиле. Сега сите живеат заедно и среќно.“

„На железничката станица наидов на момче на некои дванаесетина години. Побегнало од домот, питало, станало скитник. Го зедов со себе, го нахранив и го избањав. Заклучив дека момчето е паметно и педантно. Сфатив дека не можам тукутака да го вратам во домот. Се договоривме дека ќе го земам за викенди. Потоа почна да останува кај мене и преку неделата. Пријателите ме осудуваа за тоа. И со момчето не беше лесно. Кавги, викања: 'Ти не си ми татко!'... Но кога дојде време да добие лична карта, го зеде моето презиме. Одгледав прекрасен син.“

„Собирав помош за дом за деца. Им однесовме играчки, слатки, разни предмети. Долго разговаравме со децата, си игравме. Кога требаше да заминеме, ми пријде девојче од 12 години и ми рече: Многу ми се допадна што дојдовте. Ми се допаѓа кога доаѓате да се дружиме, а не само да се фотографираме, а потоа да ни дадете играчки и да заминете.“

Вообичаено на овие мали луѓе кои животот не ги штедел од самото раѓање, се сеќаваме околу новогодишните празници. Им помагаме колку што можеме, кога нам ни одговара, кога ќе имаме време или кога социјалните мрежи ќе нѐ мотивираат за тоа. Никој од нас не е виновен за нивните тешки судбини. Сочувствуваме, но болно ни е на нив да мислиме постојано.

А можеби тоа е позначајно од носењето на старите панталони од нашите деца или симболично издвојување од нашите плати за новогодишни пакетчиња. Помислата на нив го менува нашиот однос кон светот, нè тера да ја спуштиме „топката“, малку да забавиме и да ја скротиме амбицијата, да ги прераспределиме приоритетите, да избереме меѓу битното и небитното... Тој однос станува сè поблагороден, а кога благородноста ќе се помножи онолку пати колку што секој од нас ќе помисли на нив – можеби тоа е начинот на кој светот ќе стане вкупно поблагороден и кон нив.

Тоа е единствениот можен одговор на проклетото прашање кое неутешно го измачуваше и големиот Фјодор Достоевски. Нивното страдање е отворен повик кон нашата благородност.


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот