X
 23.10.2017 Култура

Мотивирачки: „Како станав претприемач на 66 години!“


ТЕД конференција
(Фото: Youtube Printscreen)


Никогаш не е доцна да направите промена, како во животот, така и во кариерата. Особено во кариерата. Добар пример за тоа е Пол Таснер, како и неговиот говор на ТЕД конференцијата. Имено, по 40 години континуирана работа за други, тој основа свој стартап, и тоа на 66-годишна возраст. Ја спои својата идеја со искуството и страста. И не е единствен во тоа.

Во својот краток, забавен и инспиративен говор, Таснер истакнува дека повозрасните луѓе сè повеќе се впуштаат во аватура наречена „мој бизнис“, и покажуваат успех во тоа. Тој е коосновач и директор на компанијата PulpWorks Inc., која  дизајнира и произведува биоразградлива амбалажа за стоки за широка потрошувачка.

Пренесуваме дел од неговиот говор:

„Ајде да се вратиме повеќе од седум години наназад. Тоа петочно попладне, неколку дена пред Божиќ во 2009 година. Бев директор за производство за широка потрошувачка во една компанија во Сан Франциско и бев повикан на состанок кој беше во тек. Состанокот, всушност, беше мојот разговор пред да добијам отказ. Тогаш имав 64 години.

И така се завршија повеќе од 40 години моја работа во разни компании, големи и мали. Имав добри контакти, добра репутација – верував дека ќе бидам добар. Бев инженер во производство и пакување. Имав квалитетно искуство. Пензионирањето не беше опција за мене. Продолжив да работам како консултант, но без вистинска страст.

Идејата почна да пушта корени, а се роди од мојата грижа за околината. Сакав да почнам со мој бизнис, дизајнирање и производство на биоразградлива амабалажа од фрлениот земјоделски материјал, како и хартија и текстил. Тој материјал би бил замена за токсичните, пластични кеси кои ја загадуваат околината.

И така, на 66-годишна возраст, со 40-годишно искуство, станав претприемач по првпат.“

Таснер зборуваше и за потешкотиите со кои се среќавал при покренувањето на стартапот. Меѓу другото, за финансирањето на проектите морал да се „натпреварува“ со многу помлади колеги од „хај-тех“ индустријата: „ Имав чевли кои беа постари од повеќето мои колеги претприемачи“.

Но, после пет години, заработката почнала двојно да се зголемува на годишно ниво, веќе немало долгови, и имале неколку постојани, силни клиенти. Компанијата на Таснер освоила повеќе признанија и награди, но како што вели, она што најмногу му значело е таа позитивна промена, мала промена, во светската криза со загадувањето од пластични кеси.

„И сега ја работам најважната работа во животот. Она за што исто така копнеев е да се поврзам со претприемачите кои почнале со свој бизнис на постари години. Немав на кој да се угледам. Програмер на апликации на 20 и нешто години не можеше да биде мој модел...

Посакувам повеќе да се зборува за луѓе кои во повозрасна доба станале претприемачи. Да зборуваме за тие ќелави мажи и жени со побелени коси кои се пријавуваат додека нивните врсници се „одјавуваат“. А потоа да ги поврземе тие луѓе, без оглед во која област работат, и да направиме заедница....

Од повозрасните лица се очекува да играат шах и да чуваат внучиња. Не ме сфаќајте погрешно. Ги обожувам моите внучиња, но нешто значајно на светскиот пазар неверојатно ме покренува да работам. Статистиките покажуваат дека оние кои повозрасни влегуваат во претприемништвото, имаат 70% повисок успех во споредба со помладите колеги...

И за крај, би сакал фразата 70 над 70, да стане вообичаена исто како и 30 под 30*“

*30 под 30 е позната листа на „Форбс“ листа од 30 млади, успешни луѓе кои имаат под 30 години.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура