X
 24.10.2017 Здравје

Д-р Нино Васев, директор на Онкологија: На клиниката нема да се примаат вакцини, ги вративме и кубанските, нема да експериментираме на луѓе

Клиниката за онкологија на која се лекуваат најголем број од болните од рак нема да набавува вакцини за нивно лекување, дециден е директорот на оваа установа, д-р Нино Васев. Тој во разговорот објаснува дека вакцините не се доволно испитани и се ризични за пациентите. Со него разговаравме и за недостигот од лекови, за 10 години непроширената позитивна листа на терапија за овие болни, метежите, како и за најзначајното кога станува збор за канцерот - неговото рано откривање



Факултети.мк: Српските медиуми јавија дека во нивната земја ќе се увезуваат вакцини за одредени типови рак на дојка кои ги убиваат клетките на ракот. Дали кај нас има интерес за нив?
- Не. Што било што ние им го даваме на пациентите мора да биде дел од евиденција, т.е. медицина базирана на докази. Постојат насоки и протоколи, водичи како да даваме хемотерапија кај онколошки болни, кои ги пропишува науката. Тамам работа да даваме нешто што не е според медицина базирана на докази. Затоа и сакам да потенцирам дека сè што им се дава како лек на пациентите мора да биде испитано и да ги има поминато сите фази во испитувањата. Со вакцините тоа не е случај. Давањето лекови за кои не се поминати фазите на испитување е ризично и недозволено. Вие секојдневно сешто читате на социјалните мрежи и многумина неселективно го прифаќаат тоа што ќе го прочитаат. И јас секој трет ден читам дека е најден лек за рак. Но, дали е најден? Не постои вакцина што се дава, а е според медицина базирана на докази.

Факултети.мк: Но што доколку болниот сепак сака да ризикува и да прими вакцина?
- За нас не е битно само тоа дали ќе се согласи пациентот да прима одреден лек. Ниту еден лекар во врвна установа нема да ризикува, ниту смее да лекува со нешто што не е доиспитано. Нема да експериментираме на луѓе.
На Онкологија, која е државна установа, не може да се даде нешто што не е доиспитано. И во Индија во државна установа нема да дадат ајурведа лек или исхрана, на пример. И во Париз и во Њујорк исто така ќе се однесуваат.
Ние ги вративме и кубанските вакцини за рак на бели дробови. Им беше истечен рокот на употреба, но немаше да ги даваме и ако беше уреден рокот. Ако внимателно прочитате, ќе видите дека во Србија само двајца пациенти ја имаат земено таа вакцина. Проверете дали на друго место во светот некаде се дава. Исто така, на Клиниката не постои официјален документ дека ние сме ги барале вакцините (а сепак минатата година беа донесени и стоеја во нашата аптека, за што пред четири месеци беше известена Агенцијата за лекови да преземе мерки за нивно уништување).
Клиниките може да се вклучат во програми или т.н. трајали кога се лекуваат пациенти со лекови кои ќе влезат во клиничка употреба, во последната фаза на испитување. И додека тука се даваат, се даваат и во други градови во светот, во реномирани центри, и тоа е сосема друга приказна.
Јас не верувам дека вакцините може да помогнат додека не постои фаза три во лекувањето и ќе ги потврди успешноста и предноста во лекувањето со некој лек. Постојат фази во испитувањето на лекови: претклиничка фаза е кога тоа прво се врши на лабораториски животни. Фаза еден е на здрави волонтери кога се гледаат токсичноста и фармакокинетиката на лекот. Фаза два е кога се тестира на пациенти да се видат ефикасноста и страничните ефекти на лекот и фаза три, кога мора да биде на поголема популација на пациенти (над 300) каде што покрај ефикасноста и страничните ефекти, мора да се провери и сигурноста на лекот. Таа типично трае од две до пет години.
Во овие случаи нема такви студии.

Факултети.мк: На Клиниката за онкологија подолг период недостигаа лекови за болните од рак. Дали се реши тој проблем?
-Кога ја презедов функцијата, 22 есенцијални лека од позитивна листа ги немаше, т.е. беа исцрпени количините без право да се набават до распишување тендер. Сега ги имаме сите лекови што се на позитивната листа за лекување болни од малигни заболувања. Направивме напори да се продолжат и да се распишат тендери за лековите што ги нема на позитивна листа, а беа направени договори меѓу повеќе страни (Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и Фондот за здравствено осигурување) минатата година. За останатите се реализираат тендери. Среќни сме што ги имаме бесплатно сите потребни лекови и можам да кажам дека пациентите се лекуваат со современа терапија, која сигурно мора да се освежи со нови лекови кои имаат докажана успешност и се користат во регионот и пошироко.

Факултети.мк: Позитивната листа на лекови за болни од рак не е обновена десет години? Кога лекот е на позитивна листа, значи дека треба да го имаме, дека не зависиме од друг тип набавка кога може да сопре доставата.
- Точно е тоа. Десет години не е освежена позитивната листа. Јас со широко срце давам поддршка тоа да се направи и ќе се борам за тоа. Развојот на онкологијата е енормен во последните пет години и затоа постои потреба од навремено освежување на позитивна листа со неколку лекови што ја имаат докажано нивната ефикасност во поединечни фази на болеста, во рани и поодминати стадиуми.
Ние не лекуваме со стари генерации лекови, бесплатно ги имаме сите потребни лекови. Меѓутоа, позитивната листа мора да се освежи за да не зависиме од комерцијални договори. Кога лекот е ставен на позитивна листа, тоа значи дека не може веќе да го нема и дека мора да се распишуваат тендери за да се набавува и да биде достапен за пациентите на клиниката. Моментално имаме достапни седум лека кои не се на позитивна листа и договорите се такви што не треба да ги снема, значи пациентите се обезбедени. Искрено се надевам дека наредната година ќе ја прошириме позитивната листа. Има десетина лекови што треба да се стават на неа и се сметаат за прва линија лекови за метастатски болести, кога ракот е проширен освен на основното место каде што се јавил. 30-40 проценти од болните се со метастатска болест.

Факултети.мк: Државата најмногу штеди кога болеста ќе се открие рано, а пациентите така си го спасуваат животот.
- Тоа е следната наша борба, да го направиме раното откривање на ракот подостапно, а информирањето за тоа како или каде - што пошироко. На пример, мора да се освестат жените дека постoи рак на дојка и навреме да појдат на ехо и ако е потребно, на мамографија. Државата има ресурси за тоа. Ни недостигаат едукација и информација за тоа во поголема мера и за тоа ќе се организираме заедно со сите фактори што сакаат да ја кренат медицината во Македонија на повисоко ниво, кое го заслужува.

Факултети.мк: На клиниката знаат да се направат метежи, особено наутро. Како ќе го решите овој проблем?
-
Токму сега работиме на тоа и ќе направиме нова организација. Пациентите од внатрешноста доаѓаат со првите автобуси наутро и чекаат без разлика на тоа што прегледот им е закажан, на пример, на пладне. Преку системот „Мој термин“, на пример, јас понекогаш имав и по 70 пациенти закажани на по 5 минути, што е недоволно време дури и за еспресо. Сигурен сум дека за кусо време нема да има метежи и покрај фактот дека клиниката има само нови пациенти и над 3.000 годишно, без да ги сметаме контролите и редовните хемо и зрачни терапии.
На крај би сакал да додадам дека многу ми е драго што за сите овие проблеми и предизвици зборувам за Факултети.мк, портал кој особено го почитувам сите овие години.


Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје