X
 24.10.2017 Живот

Психологијата зад трошењето пари

На што најмногу би потрошиле пари, се разбира, доколку ги имате? Скапите производи обично се најквалитетни и ексклузивни, или нудат повеќе услуги од другите производи. Но, дали најскапите работи во животот се секогаш подобри? Што е она што луѓето ги тера постојано да трошат пари?


Истражување кое се однесува на тоа како трошоците влијаат врз нашите перцепции покажува дека цената толку многу е важна за нашето разбирање на вредноста, што понекогаш поскапите работи ги вреднуваме како супериорни или поефективни, иако не се со истиот квалитет како поевтината опција.

Друга студија покажала дека луѓето што пиеле поскапо вино, а во истиот момент над нив било извршено мониторирање на мозочната активност, уживале повеќе во искуството, освен што го ценеле повеќе поскапото вино.

Психологот Мајкл Нортон вели дека искуството го сметаме за двојно подобро. Мотивирани сме да се чувствуваме надмоќно ако потрошиме повеќе пари. Кога би требало да изберат помеѓу ресторан со 3 и со 5 ѕвезди, повеќето ќе го изберат оној со 5 бидејќи очекуваат дека искуството во тој ресторан ќе биде неверојатно. Тоа е таа логика што се јавува кај луѓето дури и кога размислуваат дали да купат некој поскап производ. Некои од нас бараат уникатни искуства, па се одлучуваат за поскапата опција, која сметаат дека ќе им овозможи гарантирано задоволство, иако не мора да значи дека тоа и ќе се случи.

Некои луѓе, пак, трошат пари за да сигнализираат дека се успешни. Тука станува збор за желбата да се импресионираат останатите. Економската теорија, пак, покажува дека барањето за некои добра расте ако нивната цена опаѓа. Нортон вели дека луѓето се поларизирани и често избираат да бидат или екстремно видливи или екстремно невидливи за да покажат висок статус.

Наједноставната причина за сето ова е фактот дека луѓето сакаат да купуваат поскапи работи и да уживаат во луксуз бидејќи мислат дека тоа ќе ги направи среќни, од психолошка гледна точка. Количината на среќа што ќе ја добиете од трошењето пари ќе зависи од тоа како ќе ги потрошите парите, а не колку, сметаат психолозите. Сепак, експертите советуваат луѓето почесто да ги трошат парите на искуства наместо на предмети. Исто така, се препорачува и дарежливоста како пат кон среќа, односно давањето на другите луѓе може да нè направи посреќни.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот