X
 25.10.2017 Образование

Наставниците ретко гледаат убав ракопис, од сто ученици читко пишуваат само десет

Последните генерации ученици што доаѓаат во училиште имаат сериозен проблем со графомоториката. Причината ја гледам во домашните услови, каде што најчесто нивната играчка е таблет, телефон или нешто слично. Не сум против технологијата, да се разбереме, јас едноставно не сакам таа да го убие она човечкото во нас – вели Лила Арсова, одделенска наставничка во Основното училиште „Васил Главинов“.




Кога последен пат сте зеле лист хартија и сте напишале нешто? Дали сте пратиле писмо, дали ви стигнало писмо? Се фаќате ли себеси како ги мешате ракописните и печатните букви? Денеска е вистинска реткост да се забележи убав ракопис, а реално и нема каде да се види, но проблем е што ова станува загрозен вид и кај македонските ученици, оние што секој ден в рака држат пенкало или молив.

- Главниот фактор за лошиот ракопис е сѐ пореткaта можност за рачно пишување. Компјутерот и телефоните нѐ претворија во невешти држачи на моливот и пенкалото – вели Татјана Христовска-Качоровска, професорка по македонски јазик во Средното медицинско училиште во Скопје.

Дека убавото пишување или краснописот веќе е реткост, загрозена вештина во исчезнување, ни потврди и Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“. Таа вели дека култот кон буквите или уметноста на убаво пишување познато како калиграфија веќе е историја, и дека ретко ќе сретнете луѓе што ја негуваат естетиката на пишувањето.

- Со информатичката технологија се наметна автоматски избор на одреден фонт букви, компјутерот може да имитира, може да ни ја олесни комуникацијата, но тоа е автомат. Она што раката може да го креира, контролирана од мозокот и од душата на пишувачот, е краснотија и естетско задоволство. Кај учениците почесто забележувам „ногопис“ или „чкрабопис“ (се извинувам за сленгот), а при прегледувањето на писмените задачи, поточно нивните задолжителни креативни текстови или есеи кои се дел и од матурскиот испит, маки мачам со дешифрирање на ракописот (верувам дека и Шамполион полесно ги дешифрирал хиероглифите во 19 век) – вели Алексиќ.
И Лила Арсова, одделенска наставничка во Основното училиште „Васил Главинов“ од Велес, вели дека кај македонските ученици сѐ помалку се забележува краснопис или убаво разбирливо пишување.

- Проблемот станува уште поголем кога ни сопственикот, односно ученикот не успева да прочита што напишал. Радува фактот што сѐ уште има ученици кои сакаат и внимаваат убаво да пишуваат. Тие ученици се нашата верба и мотив да истраеме како наставници во своите заложби, тие да научат убаво и правилно да пишуваат- вели Арсова.

Соња Кировакова, наставничка по македонски јазик од Прилеп, исто така ретко забележува краснопис.
- Краснопис веќе нема, од генерација од стотина ученици убаво и разбирливо пишуваат само десетина – вели таа.

Не случајно ракописот нѐ „издава“

Како најголем виновник за губењето на краснописот, просветните работници ја сметаат компјутерската технологија, ретко користење рачно пишување, но и посветеноста на родителите, наставниците, начинот на кој се вежбаат буквите и пишувањето во почетните одделенија. За професорката Алексиќ, ова е век на компјутеризација, но е и еден од виновниците за расипаниот ракопис на нашите ученици, кои од една страна имаат можност да си ги контролираат правописот и печатните грешки со помош на компјутерските програми, но истите тие, од друга страна, ги осиромашуваат нудејќи автоматски „копи пејст“ решенија.

- Колку помалку го користиш мозокот, толку побргу оглупавува, рачното пишување, пресметување, па и меморирањето телефонски броеви се добра ментална гимнастика. Радост и вистинско задоволство е кога ќе прочиташ красно напишан текст, од вкупно 30 ученици, десетина пишуваат разбирливо, два-тројца го владеат краснописот, а на останатите, без оглед на добрата композиција и содржина на текстот, мора да им се одземе од оценката поради чкртаниците од букви. Се случуваат парадокси, богат ракопис, но сиромашно и сувопарно напишан текст и обратно, зад чкртаниците се крие креативност, добра аргументација и идејна разработка на темата, па понекогаш немам срце да им ја намалам оценката без оглед на маките при читањето – вели Алексиќ.

Таа смета дека и пофалбата од учителите и од родителите може да биде мотивација за ученикот, исто колку што може да биде фрустрација ако негативно се критикува и казнува детето кое од многу причини не пишува јасно и убаво.

- Љубовта се раѓа од љубов, кинење листови поради лошо напишани букви не секогаш е добра метода. Затоа треба внимателно и педагошки да се пристапи при оформувањето на ракописот кај децата, кој е менлив со текот на времето поради брзото пишување, брзо фаќање белешки од наставниците или професорите на факултетот и најчесто ретко користење на рачното пишување поради компјутерите. Учениците, по летниот распуст, на почетокот на новата учебна година, добиваат плускавци на прстите поради држење молив или пенкало, анатомски прстите им се приспособени на тастатурите и маусите. Мислам дека во иднина ќе имаме деца со сплескани „јагодици“ на прстите од удирање по буквите, а буквите треба со љубов да се пишуваат, тие се одраз на нашата душа и карактер, значи ракописот е наша посебност. Затоа менувањето на ракописот или негово контролирање е тешко колку и контрола над карактерот, посилен од интелектот, не случајно ракописот нè „издава“ – објаснува Алексиќ.

Велешката професорка Арсова го потенцира и значењето на опкружувањето во кое расте детето. Замислете ако никој во домот не користи хартија или пенкало, каков ќе биде интересот кај детето?, прашува таа.

- Освен воспитно-образовниот процес, огромно влијание врз личноста, односно детето има и семејството како колевка од која доаѓаат децата. Без помошта и соработката од родителите ние како наставници не можеме многу да влијаеме врз навиките што детето ги стекнува и употребува. Последните генерации ученици што доаѓаат во училиште имаат сериозен проблем со графомоториката. Причината ја гледам во домашните услови, каде што најчесто нивната играчка е таблет, телефон или нешто слично. Не сум против технологијата, да се разбереме, јас едноставно не сакам таа да го убие она човечкото во нас – вели Арсова.

Таа додава дека акцентот на ракописот, односно убавото пишување е изоставен од образовниот процес. Во денешното општество во кое доминираат социјалните мрежи и апликациите за комуникација сѐ помалку се користат пенкалото и хартијата.

- Краснописот како дел од предметот македонски јазик лично сметам, а се надевам и дека многумина ќе го делат истото мислење, дека треба да биде застапен континуирано во образовниот процес. Ракописната азбука има една цела наука графологија поради нејзиното значење. Потребно ни е во наставата да се установи еден универзален почетен облик на пишување на ракописните букви. Сметам дека и периодот кој е предвиден за изучување на буквите според Наставниот план и програма е недоволен за учениците. Тие од мали треба да научат правилно и убаво да пишуваат – вели Арсова.
Ситуацијата би се подобрила и кога во почетните одделенија би имало повеќе ученици. Невозможно е да постигнеш подобри резултати ако во паралелката има повеќе ученици, а немаш соработка со родителите, смета таа.




И покрај сета помош - полуписмени ученици

Колку убавиот ракопис е важен за секој поединец, дали воопшто е значајно како некој пишува? Овие професори сметаат дека убавиот ракопис е убавина за сечии очи.

- Среќна сум што сѐ уште го среќавам убавиот ракопис и се трудам да го негувам кај своите ученици. Правилното објаснување како секоја буква се пишува и поврзува во збор има многу големо влијание за убав ракопис. Вежбањето убаво пишување и охрабрувањето на детето да се стреми кон тоа убаво да пишува има резултати. Краснописот е вештина на убаво пишување кое може да се совлада ако се има желба. Таа треба да се поттикне кај детето со различни наставни методи и форми на работа – вели Арсова.

Професорката Христовска-Качоровска објаснува дека под убаво ракописно пишување пред сѐ подразбира читко и педантно пишување. Aко се направи споредба, девојчињата секогаш се победници над момчињата, веројатно токму поради гореспоменатата педантност и вродена потреба од естетика, вели таа.
- Искрено речено, пријатно е да се гледа во убав и читок ракопис, но според мене, естетското пишување не би требало да е пресудно при оценувањето на пишаниот труд. Убавиот ракопис е делумно и уметничка способност, слично како и цртањето, да речеме, а не секој е роден како уметник – вели Христовска-Качоровска.
Покрај лошиот ракопис кај голем број ученици, овие професорки потенцираат дека голем проблем за учениците е и правописот. Наставничката Кировакова вели дека состојбата е алармантна и дека е потребна итна реакција за младите да не останат полуписмени.

- Правописот е најстрашниот и најтешко решливиот проблем со кој се соочувам во наставата оти учениците тешко се одвикнуваат од претходно погрешно научените правила. Си имам свои методи со кои се обидувам да ги насочам на вистинскиот пат, на пример, ако на писмената задача забележам недозволива грешка, им давам задача зборот да го напишат 500, 1.000 пати, сѐ додека не им влезе в глава – вели Христовска-Качоровска.
Арсова, пак, коментира дека проблемот не е само кај учениците, тој зазема поголема димензија во општеството. За неа, темелот на едно општество е јазикот, кој секој треба да го негува и надградува, а не да се сведе само на обична често нејасна комуникација.

- Револтирана сум и од пишувањето на социјалните мрежи и неколку пати се охрабрувам да проговорам на таа тема. Латиницата најчесто се користи за комуникација или статуси, што сметам дека не е во ред. Ние, возрасните корисници на социјалните мрежи треба да сме примерот што ќе го следат помладите генерации. Кирилицата е нашето македонско писмо кое ние треба да го негуваме и да го користиме во меѓусебната комуникација. Сите треба да се запрашаме дали компјутерите ја убиваат македонската азбука или ние сами го правиме тоа, свесни за сопствените постапки – вели Арсова.

Професорката Алексиќ, пак, коментира дека лошиот ракопис може да се оправда, толерира и прости, но правописни и граматички грешки во време на дигитален толковен речник и компјутерски програми за детекција на печатни грешки, не смее.

- Имаме достапни книги во библиотеки и на интернет, достапни речници, правописи и бесплатни учебници, мајчин јазик и литература како наставен предмет за изучување во текот на цело основно и средно образование, прибор за пишување и разни технички помагала, светилки наместо свеќи, професори во школо и по дома, задолжително средно образование и... пак полуписмени. Не е до условите, до мотивот е – вели таа.

Затоа, од своите ученици таа бара рачно напишани лектири, задолжителна училишна тетратка во која се запишува, подвлекува и бои, тетратка за домашна работа каде што се одговара на прашањата од учебниците, a пишуваат и есеи.
  -На учениците им забранувам подароци од каков било вид освен во вид на рачно напишана честитка без повод, но со причина. Толку од една „старовремска“ учителка која користи ИКТ во наставата со задолжителни 30%, колку за атер на новото време.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование