X
 26.10.2017 Живот

Пратениците на Европскиот парламент бараат да се укине поместувањето на стрелките од часовникот

часовник
Фото: Thinkstock

Група од 70 пратеници на Европскиот парламент се залага за укинување на Директивата на Европската комисија за менување на стрелките од часовникот двапати годишно.

Како што се наведува, барањето за укинување на поместувањето на стрелките од часовникот двапати годишно се засновало на сè поголемите докази за негативниот ефект на таа практика.

„Научните истражувања покажуваат дека 20 отсто од населението страдаат од здравствени проблеми поради промената на часовникот“, истакнува Павел Свобода, чешки пратеник кој е предводник на неформалната работна група од 70 пратеници што ја поддржуваат оваа иницијатива.

Освен негативното влијание врз човечкиот биоритам, „поместувањето на стрелките на часовникот доведува до поголем број сообраќајни несреќи, повеќе нарушувања во семејствата, како и намалување на продуктивноста на работното место“, рече Свобода на конференцијата за новинари во Стразбур.

Исто така, поместувањето на часовникот е воведено со цел да се заштеди енергија, а оваа цел никогаш не била исполнета.

„Спроведеното истражување јасно покажува дека укинувањето на промената на часовникот би било добро за нашите 510 милиони граѓани“, вели чешкиот пратеник.

Свобода додава дека овој предлог има силна поддршка од земјите-членки, при што Полска веќе ги направила првите законодавни чекори по тоа прашање.

Свобода најави дека работната група ќе даде предлог за резолуција што ќе бара од Европската комисија да упати предлог за укинување на оваа практика и дека во блиска иднина ќе очекува гласање за ова прашање токму во Европскиот парламент.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот