X
 28.10.2017 Спорт

155 км трчање за 35 часа ми беа полесни од 40-те часа пат со автобус до Далмација и назад

Природата, мирот, убавината, неспиењето, погледот, изгрејсонцето, зајдисонцето, тоа се работите што најмногу ме предизвикуваат на ваквите треил-настани – вели Никола Цицоски од Скопје, кој минатиот викенд во Омиш заврши тешка треил-трка

„Кога ќе пораснам, сакам да бидам како Цицо“ – вака неговата верна трчачка дружина од клубот 091RUNCrW пред точно една недела го поздрави неговиот херојски подвиг – да истрча 155 километри во Омиш, Далмација. Скопјанецот Никола Цицоски има 33 години, големо пријателско срце (ни споделија пријателите), сака предизвици, а со трчање полумаратони (21 км) почнал пред само две години. Тој беше единствениот Македонец што минатиот викенд, на 20 октомври, учествуваше и успешно ја заврши Далмација ултра треил. Трката почна на 20 октомври во 15 часот, а заврши на 22 октомври во 2 наутро.




На оваа трка учествувале 70-мина, а уште три други трки содржел целиот спортски настан. Оваа била најекстремната трка, која требало да се заврши за најмногу 45 часа. Со скромниот Никола, кој работи како готвач во детска градинка, поразговаравме за ова негово најекстремно искуство досега и како човек треба да се подготви за таква авантура. Ова не му е прв ултра треил маратон, ама дефинитивно е најдолгиот. Учествувал на неколку трки од над 100 км. Пролетва, на „само“ десет километри од целта се откажал на 123-тиот километар на трка на Фрушка Гора (Нови Сад) поради лошото време и повреда на зглобот.
Но, Далмација се покажа како вистински подвиг за Никола.


- Со маратони почнав да се занимавам од пред две години. Трчам генерално полумаратони, маратони или планинско трчање. Следен предизвик ми е маратонот во Истанбул, кој е закажан за 12 ноември. 155-те километри ги завршив за 35 часа. Убеден сум дека ќе завршев и за покусо време, ама од стотиот километар ѝ помагав на една Израелка која беше на раб да се откаже и заедно ја завршивме трката – вели Цицоски.


За овој подвиг Никола се подготвувал четири месеци. Трчал трипати на ден на кеј, се искачувал на Водно, Шапка, Скопска Црна Гора, Марков манастир.
- Во периодот на подготовка истрчав околу 1.200 км со 20.000 м висинско качување. Можеше да се случи на еден тренинг да истрчам и 40 до 50 км. Претежно тренирам сам, а за време на викендите со неколку другари од клубот 091 Run Crw. Трката во Далмација досега ми е најизискувачка. На сите други трки досега не се случило да ме осамне, а овде се натпреварував цела ноќ. Сè ти поминува низ глава, си размислуваш за многу работи – дома, работа, па зошто го правам ова. По многу поминати саати, ти се причинуваат работи, гледаш грмушки, мислиш дека се луѓе – се шегува Никола.



Својот прв полумаратон Никола го завршил лани во Дубровник, претходно се занимавал со планинарење. Како дете се занимавал со кошарка, ама никогаш пресериозно. Најзаслужни за тоа што се „навлекол“ на планинското трчање се Трајче Панковски, Јовица Јованчев, Жикица Ивановски и други членови од клубот за планинарско трчање TREX, на кои им е благодарен.

Вели дека немал момент да се поколеба и да се откаже од трката. Теренот е суров и во добар дел карпест и не дозволувал да се трча цело време.

- Тоа се терени со камења, со карпи и не дај Боже да се лизнеш. Како трчаш надолу, така камењата се ронат. Кога се вратив, многумина ми забележаа за тоа што сум ѝ помогнал на девојката од Израел, во спротивно ќе сум завршел порано. Ѝ реков дека нема да се откаже. Мене не ми значеше дали ќе завршам за 5 часа порано и подоцна. Ѝ кажав, ќе завршиш и ти и ќе бидеш среќна! Јас планирав да завршам за 29-30 часа. Кога ја сретнав, имав веќе поминато 110 км, дотогаш имав поминато 21 час, а последните 40-ина км беа лесни, ама одлучив да ѝ помогнам – се потсетува ултрамаратонецот.


Вели дека поминал без поголеми повреди, имал болка во нозете и на ципите и понекоја гребеница од камењата. Го прашавме како се одмораат натпреварувачите.
- Теренот е толку суров, што и да носиш планинарско стапче, нема каде да го забодиш или ќе ти се заглави во камењата. Секој натпреварувач има свој начин. Кога јас сум на таква трка, на местата одредени за одмор, обично седам 10-15 мин, се освежувам со сок, електролит, вода. Некои спијат и по час-два, ама јас не можам така, оти сум забележал дека потоа многу потешко се враќам во форма. Може да се случи да поминеш покрај некое дрво, околу 4 часот наутро, гледаш легнат човек, па нормално е да го прашаш дали е добар – вели Никола.

Тој ни објасни дека некаде на повеќе од половина трка маратонците менуваат чорапи, патики, ги мачкаат нозете против плускавци. Тоа е максимум половина час пауза.
- Од една страна, се качував на планина до врвот, го гледав целиот Јадран, Сплит, други острови. Ќе си поседев една-две минути, па продолжував. Се движев претежно сам, оти никого не знаев оттаму, а и секој си има свој ритам.
Во однос на освежувањето, Цицоски вели дека најчесто јаде чоколадо и пие „кока-кола“, а енергетските гелови не му одговараат.


Природата, мирот, убавината, неспиењето, погледот, изгрејсонцето, зајдисонцето, тоа се работите што најмногу го предизвикуваат Никола на ваквите треил-настани.
- Немам некоја посебна болка. Повеќе бев уморен од патот Скопје – Далмација што го поминав со автобус. Од четири дена во Хрватска, 40 часа ми поминаа во возење со автобус дотаму. 40 часа во автобус, 35 на трката, а во градот Омиш – 20 часа.
Ултрапредизвиците нема да застанат тука. Никола има доволно поени (15) за Светскиот самит на треил-трчање Мон Блан, кој е закажан за август. Во декември ќе аплицира, се надева дека ќе ја добие шансата највисокиот врв во Европа да го искуси на напорен и возбудлив начин.

Со среќа, Никола!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Спорт