X
 30.10.2017 Живот

„Златни“ правила како се воспитуваат неспособни и асоцијални деца


Дете ги затвора ушите и вика
(Фото: Pixabay)


Од најмала возраст му ја задоволувате секоја желба на прво барање.

Родителите, но и бабите и дедовците, постојаниот недостиг на време што можат да им го посветат на своите деца/внуци го надоместуваат со купување подароци – чоколади, слатки, играчки... Потоа барањата стануваат сè поголеми и прераснуваат во сè понепотребни и бескорисни предмети.

А најдобро би било секогаш кога ќе можете, да се обидете да им го посветите своето време на децата – време за разговор или за заедничка игра. А кога децата ќе претераат со своите барања, треба да имате храброст и цврстина да кажете јасно НЕ и да им објасните дека не може секогаш да имаат сè што ќе посакаат.

Не инсистирате на градење морал: искреност/солидарност/трудољубивост. Тоа се особини на слабаци.


Ако забележиме како функционираат работите околу нас, се чини дека напредуваат само лукавите, оние што успеваат да остварат многу со малку вложен труд, задолжително искористувајќи ги лицата околу себе. Останува на нас, родителите, на своите деца да им објасниме дека со такво однесување не се победува и не се напредува вистински, затоа што вистинскиот успех за заснова на поинакви вредности.

Треба да разговарате со вашите деца на вакви теми и да ја искористите можноста за подвлекување на позитивните и негативните аспекти на таквото однесување. Не дозволувајте децата сами да ги „впиваат“ надворешните импресии од опкружувањето затоа што можат да ги толкуваат сосема спротивно! Научете ги децата како да размислуваат со својата глава.

Ги собирате и ги средувате работите што детето ги остава наоколу. На тој начин тоа смета дека за сè се одговорни другите.

Вистина е дека многу работи побрзо е да ги направите вие наместо да чекате на детето. Но, на тој начин тоа никогаш нема да се научи на одговорност. Охрабрувајте го само да го намести својот кревет, само да ги собере своите играчки или да ви помогне во средувањето на масата. Дозволете му да ги работи тие работи без разлика дали резултатот е „совршен“ или не. Кога го носите на училиште, избегнувајте да му ја носите училишната торба.

И уште една напомена: немојте работата во куќата да ја поврзувате со награди, како на пример: „Ако ја средиш собата, ќе ти купам...“ или „Ако не ја средиш, нема да...“ Децата треба да научат дека сите овие работи треба да се прават затоа што така е правилно, без да имаат цел да добијат нешто за возврат.

Често се расправате и физички се пресметувате пред детето, дури и за глупости. Ќе порасне со идеја дека бракот треба да се избегнува по секоја цена.

Важно е не само да ги избегнувате расправиите по некои општи теми, туку пред сè треба да избегнувате да се расправате пред детето околу одлуки што се поврзани со него. Мајките и татковците треба превентивно да се согласат околу линијата на отпор што ќе ја покажуваат во врска со одредена тема, а потоа пред детето да зборуваат „едногласно“.

Ако таткото го кара детето затоа што, по негово мислење, тоа направило нешто погрешно, а мајката го брани затоа што не смета дека е така, детето добива порака дека постојат повеќе вистини и дека со одлуките може да се „манипулира“. Исто така, кога родителите меѓусебно се расправаат поради него, тоа може да помисли дека бракот е начин да се „убие“ љубовта.

Го браните детето секогаш и секаде, па така му ставате до знаење дека секогаш другите се виновни.

Одговорно дете се воспитува поинаку – ако погреши, треба и да ги трпи последиците. Детето не учеше доволно? Тогаш, професорот е во право што му дал мала оценка. Детето се однесувало лошо кон свое другарче? Тогаш другарчето е во право да се налути. Ќе забележите дека овде не се работи за тоа дека детето задолжително треба да се казни, туку е поважно настанот да не помине без никаква реакција затоа што детето ќе продолжи да живее во илузија дека сè му е простено затоа што е дете. Никогаш не е доволно рано на детето да му се стави до знаење, дури и со благ тон, дека нешто згрешило.

Психологот Џани Нотарникола советува родителот да се однесува како полицаец, кој ако наиде на неправилно паркирано возило, обврзан е да напише казна, без заземање прекорен став, затоа што така предвидува законот. На детето можете и да му напоменете дека и вие самите сте погрешиле многупати, но и дека секој може да ја поправи грешката. Она што било поминало, и тоа треба да се разбере како корисна лекција.

Немојте никогаш да го карате детето за стореното затоа што би можело да почувствува вина.

Оваа точка се надоврзува на претходната: ако детето погреши, мора да му се стави до знаење, без страв дека ќе се чувствува лошо. Да се прекори детето не значи и дека родителот мора да биде налутен, туку дека сака да му одржи лекција што ќе му користи во иднина.

Дајте му на детето онолку пари колку што бара! Но потоа бидете подготвени дека нема да биде расположено за работа. А и зошто би било кога вие ќе му дадете сè што му треба?

За сите членови на семејството е добро детето да има контакт со пари на рана возраст за да ја научи нивната вредност. Детето би требало да знае што може да се купи со определена сума пари и колку пари се потребни за да се купи некој конкретен предмет. Ако го знае тоа, родителите можат да дискутираат со него за тоа дали треба да се потрошат сите пари за купувањето на таа работа или подобро е да се купи нешто друго и слично.

Накратко, децата треба да ги научиме дека парите не се неограничен ресурс и дека е потребно да се знае како да се троши паметно.

Оставете го детето да малтретира животни и послаби другарчиња. Нека се исмева со постарите и нека оштетува туѓи работи и сето тоа да го снима на телефонот. Ќе верува во Бог затоа што ќе мисли дека тоа е Бог.

Постојат однесувања што децата ги усвојуваат особено кога се дружат со „посилни“ претставници на групата. Се разбира, задолжително треба да му се објасни на детето дека сопствената супериорност не се покажува преку сила. А особено е важно да сфати дека не треба да се копираат туѓите однесувања, дури и кога станува збор за неговите пријатели!

Дозволете му на детето да гледа ТВ колку што сака. Без ограничувања. Ќе порасне мислејќи дека ќе може да управува со животот/луѓето/ работите преку далечински управувач.

Немојте да мислите дека е доволно само да се вклучи ТВ и дека сè е во ред. На тој начин детето ќе гледа само погрешни работи. Родителите мора да водат сметка за тоа кои програми ги гледаат нивните деца и да им помогнат во нивниот избор, да ги насочат. Ако им дозволите на децата сами да ги избираат ТВ-програмите, тие ќе можат да изберат сешто.

И понекогаш треба да ги одведете децата на кино – таму ќе знаете што ќе гледа детето, а ќе поминете и некое време заедно.

Немојте да го принудувате детето да практикува некакви спортски активности. Ќе испоти и може да настине. Доволно ќе биде да го следи спортот од трибините.

Навикнете го детето да го доживува спортот во „прво лице еднина“, како актер, а не како публика. За тоа не е потребно веднаш да го запишете детето на некаков мегакурс, ќе биде сосема доволно да почнете со заедничка прошетка низ шума за викенд. На тој начин сите ќе практикувате физичка активност преку шетање, но ќе имате можност и да разговарате, да ја набљудувате природата, да дишете чист воздух и да се забавувате во опуштена атмосфера. Тоа и за родителите ќе биде пријатен начин да го поминат викендот и да се одморат од стресната атмосфера во текот на работната недела.

Ако навистина сакате уште повеќе да му помогнете на детето во овој поглед, помогнете му да избере спорт кој ќе му одговара на неговите предиспозиции и можности. Тоа ќе му обезбеди можност да научи како да го поминува своето време дружејќи се со врсници, ќе научи да победува, но и да губи, ќе научи да се бори и да се „жртвува“ за да ја постигне целта.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот