X
 31.10.2017 Издвојуваме

Кога бев студент... со Ана Јовковска: Се тркав со самата себе, никогаш со другите

Посакувам на факултет да имаше повеќе разновидност, надворешни предавачи и пракса и повеќе да нè учеа на солидарност и критичност




Медиумите, особено телевизијата, се морињата во кои одлично плива повеќе од 20 години. На 12 години започна со „Пулси квиз“ и никогаш не престана да ѝ се обраќа на публиката, секогаш одмерено провокативна, сонувајќи за подоброто, поубавото, посакувајќи им го истото на гледачите. „Пулс“, „Фикс идеја“ се нејзин заштитен знак, пред две години ја објави и книгата „Пулсот и времето“, инспирирана од гостите во емисијата. Таа е новинарка, водителка, активистка, продуцентка.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

Ја прашавме дали некој друг факултет освен Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет ѝ бил опција, со оглед на тоа дека од мала стои пред ТВ-камерите:

- Tелевизијата ти влегува под кожа. Заразна е, а јас имав можност да го вкусам нејзиниот адреналин на 12-годишна возраст, така што до одлуката за студии имаше доволно време новинарството комплетно да ме освои. Не дека немав и други симпатии, напротив, медицината ми беше голема љубов (со идеја дека сакам да специјализирам психијатрија), па така, по линија на човечкото, се мислев и премислував за психологија, филозофија, книжевност или драматургија, сè додека не одлучив дека новинарскиот занает е поле кое отвора широки хоризонти. Се запишав на Факултетот по новинарство и со тоа се качив на возот на кој постојано треба да учиш и да се надградуваш. Нашата професија бара континуирано читање, истражување, мислење и реосмислување – вели Јовковска.

     Емисијата „Фикс-идеја“ ја создаде во времето на студиите

Признава дека многу сакала да учи. Била прогласена и за најдобар студент на генерацијата.
- Сите предмети ми беа интересни, иако во тој период студиите по новинарство имаа широк тематски распон, од културна антропологија и социјална психологија, на пример, до современи економски и политички системи. Денес титулата најдобар студент на генерација ми стои во фиока и не значи ништо друго освен лична сатисфакција. Сакав да ги разберам работите во нивната суштина и учев со критичка диоптрија, а не во репетитивен бубалица-стил. Љубопитна бев за нови книги – признава Ана.

Оценките ѝ биле важни, но вели: „Се тркав со самата себе, никогаш со другите“.

- Благодарение на моите родители, бев гладна и мотивирана за повеќе знаење, но никогаш не ме воспитувале во агресивно компетитивен дух кон другите.

Креаторката на емисијата „Пулс“ издвојува и неколкумина професори за кои вели дека нивните лекции и ден-денес ѝ одѕвонуваат во глава. Тоа се: Антоанела Петковска, Гордана Силјановска, Веле Смилевски, Томе Груевски, а на постдипломските студии - Иван Џепаровски и Горан Јанев.


Јовковска посакува на нејзиниот факултет да имало повеќе „разновидност, надворешни предавачи и повеќе пракса и да ги учеле студентите повеќе на солидарност и критичност“. Таа признава дека иако се дружела со неколку колешки од факултет, сепак, главното друштво ѝ останало од времето на основно и средно училиште.

- Излегував многу и сакав да бидам во тек со сите културно-уметнички случувања. Денови поминати на филмски фестивали, концерти, изложби... еден куп убави спомени.


Во последните неколку години Јовковска помалку е на телевизија, а се преориентира кон печатениот медиум. На нашата констатација дека се добива впечатокот дека можеби се заситила од телевизијата, вели:
- Логично е да се помисли тоа оти точно 20 години без пауза работев во различни телевизии, но одговорот не е тој. Телевизијата никогаш не ми здосади, иако имаше периоди кога се чувствував преморена од целата продукциска работа што ја носев на свој грб. Во Македонија работиш на десет позиции за исти пари. Да не беше паузата од телевизијата, не ќе имав време да се освежам себеси во едни други води - во публицистиката. Издавањето на мојата книга „Пулсот и времето“ дојде како логичен шлаг на сработените околу 500 интервјуа. Кога ги завршив тие 500 страници монографски труд, на шега реков дека се чувствувам како да сум се породила. По една година навистина се породив, па во тој момент со мало бебенце, телевизијата не доаѓаше предвид, иако цело време работев на други проекти - вели Јовковска.


Класичниот новинарски ангажман или работата во пишаните медиуми денес ѝ се само мал залак од вкупниот професионален ангажман.
- Работам на различни проекти од социо-културниот контекст, од комуникациски стратегии, пи-ар, дебати, работилници, па сè до форуми со поширок тематски профил (социјални теми како медиуми, слобода на говор, човекови права, социјална инклузија, насилство, родови политики, уметност...). Всушност, широкиот тематски пристап го имав и во емисијата „Пулс“, за која се надевам дека еден ден ќе оживее во малку сменет и позрел ТВ-формат. Во меѓувреме ја пишувам мојата втора книга – најавува Јовковска.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме