X
 01.11.2017 Економија

Пораки од Самит Македонија 2025: Инвестирајте во образованието и во луѓето, така ќе ја развиете економијата

На годинешниот Самит во организација на Македонија2025, кој се одржува на 1 и 2 ноември учествуваат 50 врвни говорници од 25 земји, и повеќе од 400 делегати.



Со инвестирање во луѓето, во нивното образование и обуки, развивање на претприемачки дух од најмали нозе, Македонија може да ја развие економијата и да го подобри стандардот на граѓаните, по примерот на Сингапур. На денешниот Самит 2017 во организација на Македонија2025, ова го истакна Суан Хианг Ли, претседател на Одборот за економски развој од Сингапур.
Со оглед дека Сингапур има пет милиони жители и е мала држава како Македонија, нејзиното искуство може многу да помогне, рече тој. Сингапур со само една генерација станала земја од Првиот свет, а била земја од Третиот свет. Квалитетот на живот е зголемен за 50 пати. Во 1961 почнале со индустријализација и БДП по глава на жител од 1.000 долари го зголемиле на 50 илјади долари.

Во Израел секоја мајка сака детето да биде претприемач

- Ова е искуство на една мала земја која што нема природни ресурси, но успеа да го претвори тоа во своја предност и да извлече економски напредок. Бидејќи немаме природни ресурси инвестиравме во луѓето, во нивното образование и обуката. Инвестиравме пред да се појави потребата за тоа. Глобалната средина брзо се менува, па затоа направивме нашите луѓе да може да се справат со промените. Затоа во фаза на иновации потребни се нови идеи и услуги, а сите зависат од луѓето. За Сингапур квалитетот на луѓето е најголема предност. Но, секако треба да се има и добра организација и процес, сите треба да влезат во иста насока. Треба заедничка визија, колективен напор за да се смени нешто – рече Хианг Ли.
Тоа што сме мали земји, може да ни биде само предност, смета овој бизнисмен.
- Во економијата не е важно колку си мал, туку дали си брз или бавен. Брзите ги јадат бавните, во таков свет живееме. Ние сме мали земји, но сега промените ги прават поединци. Тоа е шанса за малите земји, сите почнуваме од иста точка – истакна Хианг Ли.
Израел пак, успеала да стане земја со силна економија, бидејќи го препознала претприемништвото и вложуваат во академскиот кадар и научните истражувања. Дана Гавиш –Фридман, потпреседателка на одделот за претприемништво при универзитетот Бен Гурион Израел истакна дека моделот за успех што го има Израел се стартапите и новите фирми. Таа зборуваше како како академското изтражување го претвораат во успех, потоа го водат кон индустријата и создаваат нови производи.
- Во Израел има голема владина помош околу финансирање на иновации и развој. Се вложуваат многу пари и во академската заедница и во фирмите кои ги движат иновациите. Во Израел порано мајките сакаа синовите да им бидат правник или адвокат, а сега тоа е сменето. Секоја мајка сака синот да ѝ биде преприемач. Тоа е новиот збор што се цени кај нас. И вистина е. Секоја мајка сака детето да има стартап до својата 25-та година, да има успешна фирма. На тоа е насочено и образованието кај нас. Имаме огромна сцена со стартапи, многу акцелератори, инкубатори, кои имаат групи и за мали деца. Уште од најмала возраст децата ги учат за претприемништвото. Клучниот елемент е дека треба да се преземе ризик. Израел така ги учи децата, мора да се ризикува и во ред е ако не се успее. Важно е да се обидеш пак, да почнеш одново. Така новите идеи излегуваат на пазарот, но најважен е претприемачкиот дух – рече Гавиш-Фридман.



Талентираните да останат дома

Рубен Вардањан е влијателен руско-ерменски инвеститор и социјален претпримач, кој изјави дека гледа многу сличности меѓу Македонија и Ерменија поради активните луѓе, големата дијаспора, но за тоа да доведе до развој треба сите да се координираат и поддржуваат. Клучно за успех и развој на земјите го наведе и образованието.
- Ние во Ерменија имаме руски, француски, американски универзитети, но имаме и посебна програма која заеднички ја водат Владата и приватниот сектор, за наши кадри да учат во странски земји каде ќе се стекнат со вештини. Колку што знам и Македонија 2025 има слична програма. Главниот предизивик за сите нас е борбата да се задржат талентираните луѓе да останат во земјата да ја играат својата улога. Има многу талентирани луѓе на Балканот, но треба да видиме како да ги задржиме тука, да бидат среќни тука, а не некаде во САД или други земји. Ова е свет на иновации, па затоа е важно талентираните да се задржат – рече Вардањан.
На годинешниот Самит во организација на Македонија2025, кој се одржува на 1 и 2 ноември учествуваат 50 врвни говорници од 25 земји, и повеќе од 400 делегати. Денеска, свое излагање имаа и премиерот Зоран Заев, вице-премиерот Кочо Анѓушев, како и гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија