X
 02.11.2017 Колумни

Колумна: Овде паѓаат крупни отпадоци


Колумна на Виктор Ефтимов


Овде паднаа крупни зборови.

Ги сетив во летната омарнина, горе на Кале, кога ноќта беше млада, а сонот штотуку се зачнуваше - намамувајќи ги бавно очните капаци на останатите (по)сетители кои беа опиени од слаткоречивоста на сите оние кои решија да создаваат и да се наречат себеси создавачи на „едноминутни новели“; за потем да победи оној што најмногу умееше да го вообличи напишаното и да му придаде некаква мудрост која до ден денес плови по свеста на тогаш присутните набљудувачи.

Бездруго, тоа беа зборови со една посебна тежина. Нив не можеш да ги слушнеш во секојдевните разговори со пријателите, познајниците, колегите... ама можеш да ги прочиташ, бидејќи само на листот хартија, писателот, лажејќи ја прикажува вистината угол гола. А таа е грдомазна и те присилува да се срамиш од нејзината форма, врз која, впрочем, секој постојано длабнува со длетото.

Но, какво фајде има од срамот? Кој не видел – не знае, а сите деланки се кријат како под чергиче за да исчезне нивната трага. Притоа, на местото на старите ќе се појават нови и сè така во круг, од вчера за денес, од утре за секогаш.

А горе на Кале, пред Музејот на современа уметност, во таа септемвриска вечер навистина паднаа крупни зборови кои останаа врежани во свеста на многумина. Ама тоа беа зборови од и за човека, исполнети со тага, хумор и иронија; зборови поинакви од оние што се потребни за да се нахрани свеста во време кога светов е нашето чергиче под кое паѓаат крупни отпадоци.

Притоа, просторот под чергичето, наменет за чување на она непотребното, веќе одамна е пополнет и наместо да запре дотокот на отпад, се ткае ново уште поголемо чергиче, и уште поголемо... А ткаенината е при крај, та сега отпадоците или се палат или се закопуваат; небитно како и да се постапува - и двете опции се штетни и за луѓето и за околината. Преку првата се испуштаат опасни гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување и ги загадуваат езерата, шумите и градовите, а преку втората се загадуваат воздухот и водата. И додека отпадот и загадувањата се неминовна последица на човековите потреби и задоволства, сепак тие можат да се намалат до некоја умерена мера. Тоа би значело индивидуално ангажирање во решавањето на проблемот (а не да се чека на науката и технологијата да го решат проблемот), то ест намалена употреба на пластични ќеси, шишиња и ред други производи во пластична амбалажа; собирање материјали што можат да се рециклираат, како што се хартија, стакло, лименки од пијалаци...

Дури тогаш, веков повторно ќе стане дарежлив и секому ќе му дарува по еден живот, без разлика на кој предел од чергичето припаѓа.   

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни