X
 03.11.2017 Живот

„Форбс“ ја објави листата со најмоќни жени за 2017 година

моќни
Фото: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел и оваа година се најде на првото место на листата со 100. најмоќни жени во светот, направена од магазинот „Форбс“. Веднаш по неа се наоѓа британската премиерка Тереза Меј.

Зад Меј е Мелинда Гејтс, копретседателка на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, па Шерил Сандберг, главната оперативка на „Фејсбук“ и Мери Бара, извршна директорка на „Џенерал моторс“.

На листата се најде и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, а според „Форбс“, таа е помоќна од норвешката премиерка Ерне Солберг и од Елвира Набулина, гувернерка на руската Централна банка.

Имињата на листата се извлечени од седум „бази на моќ“ - милијардери, бизнис, финансии, медиуми, политика, филантропи и технологија. Заедно жените влијаат врз повеќе од 3 милијарди луѓе, вели Моира Форбс, извршна потпретседателка на „Форбс медија“.

„Без разлика дали управуваат со мултимилијардерска компанија или водат земја, или пак трансформираат индустрија, заедно овие жени оставаат глобален отпечаток“, вели таа.

Речиси половина од жените на листата се Американки. Британија има 8 репрезентативки, додека другите 13 се од Европа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот