X
 03.11.2017 Образование

Горазд Чепишевски не руши рекорди само во базен, туку и во лабораторија

Од Созопол, Бугарија, Горазд Чепишевски неодамна се врати со освоена втора награда на натпреварот за млади научници NATO-ASI 2017. Проектот што го претставил таму всушност бил поврзан со магистерската теза што ја работел на Технолошко-металуршкиот факултет: „Нанокомпозити со јаглеродни наноструктури за гасни сензори“.





Го знаеме како еден од најуспешните македонски пливачи, со постигнати извонредни резултати во сите категории, а во неговата дисциплина - грбен стил е и државен рекордер. Но, Горазд Чепишевски е исто така и успешен млад научник, кој неодамна освои награда на натпревар во Бугарија. Минатиот месец ја одбрани и својата магистерска теза на Технолошко-металуршкиот факултет, на тема која се однесува на гасните сензори базирани на јаглеродни наноструктури со спроводлив полимер.
- Наноматеријалите се иднината на денешницата и најголемите нови истражувања се поврзани со нив, па тоа беше и мојата магистерска теза – вели Чепишевски.

Ни треба државна стратегија за студентите од технички науки

Од Созопол, Бугарија, неодамна се врати со освоена втора награда на натпреварот за млади научници NATO-ASI 2017. Проектот кој го претставил таму всушност бил поврзан со магистерската теза што ја работел на ТМФ - „Нанокомпозити со јаглеродни наноструктури за гасни сензори“.
- За мене, ова беше навистина голем предизвик затоа што само во пет минути требаше да ги презентирам главните резултати до кои дојдов, а потоа борд од 10 професори ми поставуваше прашања во врска со презентацијата. Моето учество се случуваше во рамките на еднонеделна школа на која учествуваа уште 40-ина млади научници. Особено ми беше драго дека во таква силна конкуренција ја освоив оваа награда, затоа што останатите кандидати веќе беа доктори на науки за разлика од мене, тогаш сè уште немав ни магистрирано.
Чепишевски пред шест години се запишал на ТМФ на насоката металургија и метални материјали. Како добар студент, четири години бил и стипендист на „Југохром“ од Јегуновце. Кога се запишал, сметал дека ова е една од престижните професии што се дефицитарни, но по дипломирањето не можел веднаш да најде работа.
- Вака гледано, дека сега сум вработен по само две години од дипломирањето, кажува доволно. За дефицитарна професија две години да седиш дома и тоа со висок просек. Пред еден месец се вработив како асистент-инженер во „Макстил“ - вели тој.
Според него, потребно е да се направи државна стратегија за студентите од техничките науки.
- Постојано се зборува дека факултетите треба да бидат во дослух со потребите на индустријата, но очигледно тоа е само на хартија, а не и во практика. Иако ТМФ секогаш наоѓа доволен број стипендии, со што се потикнуваат студентите за студирање и за постигнување добри резултати во студирањето, сепак на крај поголемиот дел од нив не доаѓаат до соодветно работно место по дипломирањето. Од друга страна, ТМФ сепак става акцент на научноистражувачкото поле и секогаш во проектите што ги остварува вклучува студенти, постдипломци и докторанди. Така, младите истражувачи на ТМФ имаат можност многу рано да го почувствуваат истражувачкиот дух – вели Чепишевски.



И за спорт и за наука во оваа земја треба самофинансирање

Младиот научник Чепишевски исто така додава дека македонското образование треба да доживее суштински промени бидејќи не гледа дека се движи во правец на европските стандарди за студирање.
- Сѐ уште факултетите се борат да имаат само голем број студенти, а не и квалитетна настава. Иако дипломата треба да ветува побрзо вработување, тоа не е така. Од друга страна, и работодавците бараат млади кадри, ама со поголемо искуство во праксата, а не во теоријата. Тоа нашите факултети сѐ уште не го нудат – објаснува Чепишевски.
Иако тој е познат наш пливач со многу освоени награди и срушени рекорди, вели дека спортската кариера му е при крај. Со пливање се занимава од својата петта година, а во овие 20 години постигнал извонредни резултати во сите категории. Тој е државен рекордер во неговата дисциплина - грбен стил. За најголеми успеси ги смета учествата на трите универзијади (Казан 2013, Гванжу 2015, Тајпеј 2017), а на две од нив бил и знаменосец.
- Учествував и на трите светски првенства во мали и во големи базени (Барселона 2013, Катар 2014, Винзор 2016), како и на Медитеранските игри (Мерсин 2013) од каде што секогаш сум се враќал со државни рекорди во моите дисциплини. Инаку, бев спортска надеж и бев прогласен за млад спортист на град Скопје за 2009 и 2011 година. Во животот ми се појавуваат нови работи и сега за сега пливањето е во пензија – вели тој.
Го прашуваме и што е потешко во оваа земја, да се биде успешен спортист или успешен млад научник?
- Не знам што е потешко. И едното и другото се исклучително тешки. Во оваа држава и за двете работи ти треба само самофинансирање.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование