X
 07.11.2017 Образование

Анкета наменета за деца од 11 години ја вознемири Гевгелија - Дали ти пречи ако човек од Сирија, Авганистан... дојде да живее постојано во твојата земја

Дали имаш против доколку припадник на Сирија, Авганистан, Ирак, Иран дојде да живее во твојата зграда или соседство, да ти биде пријател... ова се само дел од прашањата наменети за петто и шесто одделение што учениците од ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија деновиве ги добија за да ги пополнат со своите родители. Овие прашања на тема интеграција на мигранти и бегалци предизвикаа лавина реакции по социјалните мрежи кај гевгеличани.


Анкетата била дел од поголем проект со наслов „Градиме заедно: мониторинг-застапување на локалните заедници“, чиј носител е Здружението на правници на Република Македонија. Во проектот соработувале повеќе локални институции - Центарот за социјална работа и Министерството за труд и социјала, како и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

По повод реакциите на јавноста, новиот градоначалник на Општината, Сашо Поцков, испрати известување до директорите на сите училишта во општината дека во иднина, пред да се подели каков било промотивен, пропаганден или анкетен материјал меѓу учениците, градоначалникот задолжително да биде запознаен со содржината и од него да се бара согласност.

-Сево ова со цел во иднина да не се повторат вакви и слични случаи кои можат да ги вознемират учениците, родителите и пошироката јавност – вели Поцков.
Директорката на ОУ „Владо Кантарџиев“, Снежана Аџиева, вели дека непотребно ѝ се фрла црна дамка на одличната работа што ја вршела во изминатите девет години. Таа објаснува дека ниеден родител не се пожалил на анкетата.

-Од кога во една демократска земја не е дозволена соработка помеѓу институциите? Пополнувањето на прашалниците беше анонимно, доброволно и незадолжително. Училиштето секогаш е отворено за соработка со сите родители и за решавање проблеми доколку се појават. Бидејќи родителите што добија прашалници не се обратија до училиштето и до мене како одговорно лице со прашања или поплаки, сметам дека во училиштето не е направен скандал како што е претставено на социјалната мрежа „Фејсбук“. Родителите, учениците и вработените ги познаваат ликот и делата на директорот на училиштето – вели Аџиева.

Снежана Аџиева, директорка на ОУ „Владо Кантарџиев“

Таа за Факултети.мк изјави дека стои зад анкетата и како педагог смета дека прашањата се во ред.
-Анкетата е анонимна, со никакви инсинуации или задни намери, по случаен избор. Анкетата не е правена во училиштето и без знаење на родителите. Јас сум педагог и тврдам дека анкетата е приспособена на детската возраст. На пример, дали сакате другарче од друга нација? Нема ништо скандалозно во прашањата. Само еден родител дојде во училиштето, кое секогаш е отворено за соработка, и ми рече: „Сакам да пополнам, ама сум збунет со реакциите на Фејсбук“ – вели Аџиева.
Поразговаравме и со претставници од Центарот за социјална работа.
-Прашалникот не го сработивме ние, ама е направен да се одговори со помош на родителите. Се прашувам дали ќе имаше толкава фама доколку во прашањата се споменеа луѓе од Шведска, Данска? Ова само покажува колку ксенофобично општество сме – вели Лазо Трајков, директор на Центарот за социјална работа.

Прашањата се лошо поставени

За проблемот ја консултиравме Живка Делева, доктор по Европски студии и политика, директор на Центарот за примање и помагање на баратели за азил и бегалци во Берлин. Таа е категорична дека прашањата се несоодветни.



-Проблемот не лежи во соработката помеѓу различните институции. Како што наведува и диреторката, анкетата е наменета да биде одговорена од страна на учениците и родителите заедно. Зошто? Потоа самата изјавува дека прашањата се приспособени на возраста на учениците. Кога тоа би било точно, тогаш нема потреба децата да ги носат прашалниците дома и да ги одговараат со помош на родителите (тоа е во секој случај влијание, дали позитивно или негативно, зависи од фамилијата). Најголемиот проблем, меѓутоа, лежи во начинот на кој прашањата се поставени. Ако поставиме прашање во негативна конотација, тогаш може да очекуваме одговорите да бидат веќе насочени, што не ги прави независни. Со користењето на „против“ во прашањето веќе е наметнато дека позади се, се крие нешто за кое што не можеме да бидеме рамнодушни. И трето, анкетата може да биде независна и анонимна, меѓутоа, не од страна на тој што ја подготвил. За да биде валидна, мора да се потпише оној кој ја изработил (се именуваат институциите и се дава контакт за да се постават прашања, доколку има). Мора да се претстави проектот за да се знае точно зошто се бараат овие одговори. И зошто токму тие земји? Дали позади оваа анкета се крие некој кој сака да наметне страв од избраните земји?
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование