X
 08.11.2017 Култура

Овие пет града ќе ви платат за да се доселите во нив


Пејзаж од Детроит
(Фото: Pixabay)


Различни градови на различни места во светот можат да имаат различни причини и начини како да привлечат нови жители. Или едноставно да ги направат среќни оние што веќе живеат таму.

Нијагара Фолс, САД


За да привлечат што повеќе млади луѓе, градските власти нудат отплата до 7.000 долари студентски кредит за секој млад дипломиран човек што ќе се досели кај нив. Се работи за гратче со 48.000 жители, а какви проблеми го мачат овој град во врска со населението, може да се забележи во статистиката од минатото. Во 2000 година градот имал 56.000 жители, а во 1990 – 62.000. Во тоа гратче во 1980 година живееле 71.000 луѓе, а во 1960 дури 102.000 жители. Згаснувањето на индустријата во градот значително влијаело врз големината на градската популација, но и фактот што во туристичка смисла поголемиот дел од колачот го „јаде“ братот-близнак од другата страна на границата.

Понга, Шпанија


Двојките што ќе се населат во ова место од локалната власт ќе добијат по 3.200 долари субвенција која имаат право да ја потрошат по сопствен избор. Ова место во покраината Астурија некогаш и можело да се нарече гратче. Денес таму живеат само 600 жители, во индустријата има само еден вработен, а во градежништвото само седуммина... А во пресрет на Шпанската граѓанска војна во 1930 година овде живееле повеќе од 3.500 луѓе, што било сосема солидна бројка за тоа време. Во 1960 година депопулацијата накратко запрела, па тогаш бројот на жители изнесувал околу 2.400. Но, оттогаш бројот на постојано населени лица во континуитет опаѓа.

Детроит, САД


Овој град ја покрена програмата „Challenge Detroit“ која нуди по 2.500 долари на работоспособни лица што сакаат да се населат таму. Најнаселениот град во државата Мичиген денес има околу 670.000 жители. Па тогаш каде е проблемот?  Проблемот е во фактот што во 2000 година во Детроит живееле 950.000 жители. Една петтина од населението овој град изгубил во текот на 70-тите години кога од еден и пол милион жители бројот паднал на 1,2 милион, иако во 1950 година таму живееле речиси два милиона луѓе. Со други зборови, градот денес има само една третина од тогашното население. Поради дислокацијата на индустриските постројки, градот сосема се разрушил во социјална смисла. Невработеноста е ужасна, секој трет жител е сиромашен, па поради тоа се раширени насилството, дрогата, криминалот... Празните градски улици зрачат со очај, па и ден-денес Детроит е најсиромашниот голем град во САД.

Кејп Бретон, Канада

Ах, Канада. На жителите на овој канадски остров им недостигаат работници во локалната пекарница. Па доколку некој би прифатил предизвик да живее во мала заедница, далеку од бетонската џунгла, и да прифати да се занимава со печење колачи и леб во пекарницата, попатно на подарок ќе добие и парцела од околу 8.000 квадратни метри. Тоа е простор од приближно 90 на 90 метри. А што друго се нуди? Преселувањето таму навистина има смисла. Се работи за остров во државата Нова Шкотска, на северозападниот дел од Атлантскиот Океан. На островот живеат 132.000 лица, од кои во посочениот округ околу 100.000. И сакаат да ги има сè повеќе.

Утрехт, Холандија

Секој жител на градот прима гарантиран месечен приход во висина од 1.000 долари како социјален експеримент. На овој град не му недостигаат жители затоа што ги има над 300.000, и навистина добро им оди кога веќе експериментираат со гарантирани приходи за да се намали егзистенцијалниот притисок. Се чини дека големи се изгледите дека експериментот ќе им помине одлично. Има уште една интересна работа за Утрехт, а тоа е дека во 2013 година дури 61 % од жителите се изјасниле дека не припаѓаат на ниту една религија, односно дека се или атеисти или агностици, или пак живеат во некаков сопствен „филм“, но не се сметаат за дел од ниту една постојна религија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура