X
 10.11.2017 Живот

Љубов посилна од Берлинскиот ѕид...


Црно-бела фотографија од Берлинскиот ѕид
(Фото: Getty images)


Вчера, на 9 ноември, се одбележуваше годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, кој сурово го разделуваше градот речиси 30 години, од 1961 до 1989 година. Одбележувањето на 28-годишнината од неговото паѓање го врати и сеќавањето на многумина што го загубија својот живот во обидот да преминат на другата страна.

Меѓу нив биле и тогашните тинејџери Регина и Екхарт Албрехт, чија врска тогаш се обидувала да ги поткопа тогашните спротивставени идеологии и Студената војна. Екхарт бил студент по право во Западен Берлин, а Регина живеела во Источен, кој го контролирале Советите. Сепак, нивната љубов била посилна од Ѕидот, без да помислат на можните последици од тоа...

Екхарт и Регина се запознале во 1967 година на една школска свеченост посветена на татковците во Источен Берлин, која била одобрена од советската власт. Кога Екхарт се вратил дома, почнале да се допишуваат, сè додека еден ден не сфатиле дека шпионската организација „Штази“ цело време им ги пресретнувала писмата.

„Едно утро ме уапсија и ме одведоа во затвор на испитување. Сакаа да дознаат дали ќе побегнам. Знаев дека ако кажам да, веднаш ќе ме одведат во затвор, затоа што и самата желба да заминете во Западен Берлин беше злосторство. Тогаш ме прашаа дали го сакам тој човек, а јас им одговорив: ’Имам само 18 години, не знам што е тоа љубов‘. Тој одговор сосема ги збуни.“

Ја принудиле да ја раскине врската и ја следеле во следните шест месеци. За да ја замаскира трагата, Регина дури и излегла на состанок со друг човек, но тајно продолжила да си разменува писма со Екхарт, со помош од својата баба.

За среќа, тие успеале да се сретнат во Унгарија, каде што Германците од Источен Берлин имале дозвола да патуваат.

„Бев пред хотелот. Тој стоеше пред мене и јас останав без зборови. Отидовме во хотелот и... Дојде, виде и победи!“, се насмевнува Регина.

Се договориле прво да ги завршат студиите пред да најдат начин да бидат заедно. На почетокот на 1971 година Екхарт му платил на еден човек кој му ветил дека ќе ја прошверцува Регина низ тунел. Но, тој план пропаднал затоа што властите набрзо го откриле. Потоа пронашле друг начин – преку Романија, тогашна Југославија и преку границата со Австрија, а таа поминала во багажник.

„Се сеќавам дека бензинот ужасно смрдеше. Чув кога ја поминавме границата. Го прегледаа комбето, но не ме најдоа. Сум заспала, а во еден момент ме разбуди шоферот и ми рече: ’Слободна си‘.“

Дури по три дена веста стигнала до Екхарт. „Конечно добив повик од Салцбург. Таа беше таму и јас бев пресреќен. Среќен сум и ден-денес.“

На само чекор до конечната слобода Регина морала да отпатува до Западен Берлин, а тој лет барал да се прелета Источна Германија. Слетала на аеродромот „Тепелхоф“, на само неколку метри од Ѕидот поради кој поминала речиси 2.000 километри.

„Ме пречекаа со чаша шампањ: ’Добре дојде во Западен Берлин и Република Германија‘. Тоа беше навистина пресреќен момент за мене.“

Но, дали Екхарт беше вреден за тој напор?

„Се разбира. Немав друг избор. Го посакував и тоа ме одржа на патувањето.“

Двојката е во брак 45 години!

„Мора да се борите за своите права и никогаш не смеете да ги земате здраво за готово“, ги советува Екхарт младите Германци.

Околу 5.000 луѓе се обиделе да преминат на другата страна од 155 километри долгиот ѕид, меѓу 1961 и 1989 година, а најмалку 136 од нив се убиени во обидот да го направат тоа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот