X
 10.11.2017 Образование

Професор Ивица Милевски: Географијата е интересна, потребна и значајна научна дисциплина





Првиот географски портал во земјава - ИГЕО го слави својот шести роденден. Повеќе од 700-те илјади директни посети и 350 илјади лица што го следат се доказ дека публиката е жедна за знаење и информации и од областа на природните науки. Творецот на ИГЕО е универзитетскиот професор Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет. Тој објаснува дека идејата за креирање ваков портал настанала неколку години пред неговото официјално појавување. Еден од мотивите бил недостигот на географски содржини за Македонија на интернет, како и потребата на студентите, учениците и наставниците по географија за такви содржини. Исто така, сакал на лесен и на популарен начин да се презентираат неговите навистина интересни географски сознанија добиени непосредно од терен, но и од научната литература.
- По неколкуте пробни обиди, во почетокот на ноември 2011 година, одбрав соодветна веб-платформа и тема, а на 11 ноември ги поставивме и првите географски статии. Замислата беше покрај мене, во пишувањето статии да се вклучат што е можно повеќе студенти, потоа наставници, колеги од Институтот за географија и други. Во почетокот бев малку скептичен околу целата замисла и реализација. Сепак, по 6 години можам да кажам дека ИГЕО целосно го оправда своето постоење со оглед на близу 700-те илјади директни посети од 350 илјади лица што го следат порталот. Ако се додаде индиректното следење на нашите статии пласирани преку разни други медиуми, меѓу кои и факултети, тогаш бројката е навистина импресивна – вели Милевски.

Опстојува поради волонтерска работа

Главна цел на ИГЕО била и останала промоција и популаризација на географијата како интересна, секојдневно потребна и значајна научна дисциплина. Воедно, една од целите е пошироко запознавање со Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој е меѓу најстарите високообразовни институции во земјава. Милевски нагласува дека една од целите е и промоција на нашите млади географи, студенти, дипломирани географи кои овде најчесто првпат ги публикуваат своите географски прилози и текстови.
- Објавуваме квалитетни и оригинални статии, кои задолжително се проверуваат од уредувачкиот одбор и од уредникот. Внимаваме на цитираноста, на авторството, на стилот на изразување, концизноста, особено кога станува збор за оригинални авторски статии. Нашата цел не е квантитет (всушност, немаме ни можности за такво нешто), туку избор и објавување на квалитетни и пооригинални статии, често во најголем дел напишани од самите автори – вели Милевски.
На порталот има многу корисни информации и за академската задница, не само за некој љубопитен читател кој сака подобро да ја запознае природата. Милевски објаснува дека дел од тие информации се користат и за разни студии, публикации, дипломски работи, на Википедија, други електронски и печатени медиуми, па до посериозни научни проекти, извештаи. Затоа потенцира дека ќе се потрудат сите статии и објави на ИГЕО да останат зачувани во оригинална форма, имајќи предвид дека многубројни информации се навистина оригинални и не можат да се најдат на друго место.
- Морам да напоменам дека при користењето на податоците од порталот единствено бараме прописно цитирање, онака како што ние секогаш се трудиме да ја одржиме цитираноста во статиите на соодветно ниво.




На порталот ИГЕО нема да најдете реклами бидејќи опстојува поради волонтерска работа на уредникот и на сите други, кои во еден или во друг период, на разни начини помагале во одржување, ажурирање, доставување и поставување статии.
- Тоа бара навистина голем ангажман, така што само јас, како уредник, неделно одвојував по 5-10 часа за работа на порталот, секако како дополнение на моите обврски со студентите, наставата, истражувањата. Сепак, некако издржавме и се снаоѓавме, како што кажав со помош на заинтересираните студенти, соработници и колеги. Треба да напоменам дека целиот период имавме помош и од Институтот за географија, кој ни даде дел од сопствениот веб-простор, како и веб-адреса. Секако, за во иднина сето наведено нема да е доволно за одржување и солидно функционирање на ИГЕО, па ќе бараме модалитети за подолготрајно решение преку кое нема да се нарушат основниот концепт, квалитетот и целта на порталот –објаснува професорот Милевски.
За шест години Милевски успеал да објави околу 400 статии, од нив 190 се оригинални. За шест години се публикувани вкупно 900 статии, од кои 260 оригинални и со содржини првпат презентирани во јавноста. Милевски вели дека покрај неговиот придонес, голем е бројот на објавувања и од студентите на Институтот за географија при ПМФ, кои подготвиле и објавиле над 230 текста.
- Околу 120 статии се од колегите (наставници и асистенти на Институтот), а другите се од различни соработници низ државата и пошироко. Тоа значи дека секој што има интересен текст поврзан со географијата или сродните области може да го достави за објавување на нашиот портал, со што би станал достапен до нашата и меѓународната јавност. За нас е значајно тоа што во последно време содржините на ИГЕО се следат и во странство, не само во дијаспората, туку и од странски лица, со користење на преведувачот на „Гугл“ - вели тој.

Земјотресите во Скопско и во Охридско најинтересни за публиката

Убедливо најчитани статии на ИГЕО се оние за природните непогоди во нашата држава, односно за земјотресите во Скопско и во Охридско во изминатите две години. Милевски објаснува дека внимание привлекуваат и статиите за убавите и недоволно познати предели во Македонија, како што се планините, кањоните, клисурите, островите, обично поставени во категоријата Чудесна Македонија. Интересни за читателите се и написите поврзани со некои ретки природни феномени или настани во светот, потоа теми од астрономијата, како и интересни географски вести. Но, зошто читателите најмногу ги привлекуваат вестите поврзани со несреќи и опасности?
- Најчитани статии се токму за поплавата и земјотресот од Скопје во 2016 година и за овогодишните земјотреси во Охридско. Претпоставувам дека причината за тоа беше недостигот на подетални систематизирани информации за двата настана во што е можно пократок рок по нивното настанување. Мојата научна преокупација во делот на современите релјефни и геолошки процеси, меѓу кои спаѓаат и гео-непогодите, ми помогна да дадам релативно солидни објаснувања во правец на смирување на паниката, често непотребно подгревана од нестручни лица или од медиуми. За среќа, најголем дел од нашите укажувања се покажаа како точни, што придонесе за натамошно зголемување на довербата кон она што е објавено на ИГЕО. Инаку, сосема е логично информациите за вакви настани да бидат особено често и внимателно следени, со оглед на ризикот за населението и материјалните добра, што сепак е врвен човечки приоритет – вели тој.



Милевски е професор на Институтот по географија на ПМФ и го радува фактот што интересот за изучување на географијата е перманентен, без оглед дали станува збор за „традиционалната“ наставна насока или за новите насоки туризам, географски информациски системи (ГИС) и демографија.
- Со новите насоки се прошири изборот на потенцијалните студенти кон нивните поблиски афинитети и така ја пронајдоа својата идна професија. Сепак, треба да напоменеме дека не ни е важна само бројката, туку и квалитетот на кандидатите што (сакаат да) студираат кај нас, а од тој аспект исто така може да бидеме задоволни. Всушност, една од целите на ИГЕО е и да привлече што повеќе квалитетни, заинтересирани ученици од средните училишта, да го разбуди географското во нив, а дополнително да ги мотивира и студентите за самостојна креативна работа – завршува Милевски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование