X
 10.11.2017 Економија

Рајските документи откриваат како „Кембриџ“ и „Оксфорд“ инвестирале десетици милиони фунти во офшор-фондови

dokumenti
Фото: The Observer

Универзитетите „Оксфорд“ и „Кембриџ“, и речиси половина од колеџите во Оксбриџ, тајно инвестирале десетици милиони фунти во офшор-фондови, вклучувајќи и во заедничко вложување во развој на нафта и длабинско дупчење, откриваат Рајските документи.

Досиејата покажуваат дека двата универзитета имале значителни средства за повеќемилионски приватни партнерски односи со седиште во Кајманските Острови, даночна оаза на голем број американски и британски фондови.

Парите биле насочувани преку корпорации познати како „блокатори“. Тоа значи дека универзитетите може да избегнат или да блокираат данок од Америка и добиваат дивиденди без данок.

Документите покажуваат дека во 2006 година „Оксфорд“ инвестирал 3,4 милиони американски долари во приватна компанија со седиште во Гернси. Парите биле ставени во два посебни фонда сочинети од готовина од самиот универзитет и од поединечни колеџи. „Кембриџ“ инвестирал 1,7 милион долари со истата шема.

Прем Сика, професор по сметководство на Универзитетот во Есекс, ја доведе во прашање етиката на универзитетите што ги испраќаат своите дотации офшор. Тој изјави дека универзитетите треба да бидат потранспарентни за нивните одлуки за инвестирање бидејќи се јавни институции што добиле јавни пари, вклучително и од ЕУ. „Треба да знаеме што прават со парите. Станува збор за корпоративна општествена одговорност“, вели тој.

Еден од двата фонда - „Колер интернешнл партнерс V“, бил најголем од ваков вид во светот, привлекувајќи 4,8 милијарди долари капитал од речиси 200 јавни институции.

Најголемата инвестиција на фондот, 1 милијарда долари, била со „Ројал дач шел“, англо-холандска компанија за нафта и гас. За возврат, фондот „Шел технолоџи венчрс“ инвестирал во технологии за производство и истражување.

Рајските документи веројатно ќе го зголемат притисокот врз „Кембриџ“ и „Оксфорд“ за целосно да се ослободат од фосилните горива. Минатиот месец академци од „Кембриџ“, предводени од Роуан Вилијамс, повикаа на прекинување на инвестициите во јаглерод од самиот универзитет.

„Оксфорд“ се соочи со слични повикувања. Во 2015 година објави дека излегува од јагленот и катран, по дискусии со студентската унија, меѓутоа, изјави дека продолжува со други фосилни горива.

Денес има малку јавни детали за тоа како овие донации биле управувани, инвестирани и потрошени. Во 2016 година стотици академци од „Кембриџ“ и „Оксфорд“ потпишале писма со кои ги повикале универзитетите да усвојат инвестициска политика што ќе им служи на потребите на иднината.

„Оксфорд“ изјави дека офшор-инвестициите најчесто се користат во инвестициската индустрија, вклучувајќи ги и високообразовните дотации на глобално ниво. Документите покажуваат дека 29 колеџи од Оксбриџ инвестирале во офшор-партнерства, при што повеќето од нив учествувале во фондови поврзани со нафта и гас.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија