X
 12.11.2017 Образование

Рајовиќ: „Не треба да им се забранува на децата да ги користат новите технологии, само треба да им се ограничи времето!“


Ранко Рајовиќ


Секој нов медиум, колку и да бил револуционерен во времето кога се појавил, на почетокот бил осудуван како закана за младите луѓе. Крими-романите ќе го уништат нивниот морал, телевизорот ќе им го расипе видот, видеоигрите се насилни за нашите деца... Прво телевизијата, па компјутерите, па потоа таблетите и разните апликации се означуваа како губење време кое би требало да се искористи за учење или за играње со врсниците. Нашата генерација е концентрирана на грижа за мозоците на нашите наследници, за неискористените синапси кои пропаѓаат во ист размер со времето што децата го поминуваат пред екраните.

И покрај целата загриженост, околу 90 проценти од родителите им дозволуваат на своите деца, дури и на возраст под две години, да користат некоја од новите технологии.

Никој досега со сигурност не потврдил дека вашето дете со користењето ајпад-апликации ќе стане генијално или ќе научи да зборува кинески јазик. Но, ниту дека ќе си ги уништи мозочните клетки.

Легитимно се поставува прашањето како децата го поминуваат своето време, но сè што можете да направите е да донесете одлука од која возраст ќе му дозволите на вашето дете да користи нови технологии, но и правилник колку време и како ќе ги користи. Американската академија на педијатри има нула толеранција за таквите видови игри: според нив, еден час поминат во гледање телевизија значи еден час поминат без родители. Оттука и потекнува стравот дали создаваме нови „зомби“ генерации.

Ранко Рајовиќ, основачот на „Менса Србија“ и творецот на НТЦ-системот за учење (Никола Тесла центар), вели дека не е противник на новите технологии и дека се согласува дека е потребно децата да ги користат, но проблем е што никој, барем што се однесува до децата во развој, не одредил колку точно време на ден би требало да го прават тоа.

„Детето што долго време седи не може да развие важни делови од својот мозок, особено ако редовно, односно секој ден гледа ТВ или во мониторот од својот компјутер, или поминува неколку часа играјќи видеоигри. Но, сепак, не смееме целосно да ги игнорираме новите технологии. Тогаш прашањето е како да се подготват децата за идниот живот, како да се усогласи потребата на детето од движење и предизвикот од новите технологии кои буквално можат да го заробат?! Затоа мора да се пронајде интеракција во училиштето, учење низ игра, учење со помош на нови технологии, но и нешто што родителите сосема го забораваат – едноставните детски игри: трчање, скокање, прескокнување, провлекување, искачување... На тој начин сите делови од мозокот се усогласени, поврзани, синхронизирано работат, но ако детето многу време поминува во лежечка или седечка положба, со сигурност им отвора врата на идни когнитивни испади.“

Рајовиќ вели дека тој, како човек кој ги поддржува новите технологии, сепак вовел правила за неговите деца, кои гласат: еден час седење мора да се компензира со два часа играње надвор.

„Јас не сум против новите технологии, тие се корисни, но можат да бидат и штетни, особено ако го ’заробат‘ детето, па тоа ќе почне да го занемарува училиштето. Виртуелниот свет станува забавен, а училиштето е напорно или досадно. Можно е децата да живеат побрзо и сè се случува во пократко време – после видеоигра во која ги поминало сите препреки за еден час, доживеало многу нервоза, среќа, исчекување, возбуда... тешко е да чита книга во која сè се случува прилично бавно. Детето нема концентрација, се случува нешто што прочитало да не може да го повтори, заборава многу нешта и тогаш мора пак наново да чита. Затоа мора да им помогнеме на децата училиштето да го сметаат како еден вид забава, затоа што учењето е игра.“

Педагогот на Четвртата белградска гимназија, Нада Шкундриќ, истакнува дека новите технологии имаат многубројни предности, но истовремено имаат и недостатоци, особено кога се злоупотребуваат. „Експертите што работат со деца не зборуваат за забрана за користење на изворот (телевизија, интернет), туку за намалување на времето што децата го поминуваат пред екраните. Колку што се децата помлади, толку времето на нивно користење треба да биде пократко. Во морето на сервирани информации, готови заклучоци и решени проблеми кои нудат содржини преку интернет, младите имаат сè помала потреба од анализа, логика, дедукција, критичко мислење. Тие ученици имаат послаб вокабулар, често користат кратенки како во усниот така и во пишаниот говор, осмислуваат нови кратенки и грст од симболи наместо зборови и емоции, имаат поделено внимание, неправилна примена на правописот, полошо ги следат и усвојуваат наставните содржини, мисловно се отсутни, имаат нечитлив ракопис, комуникацијата лице в лице им е сведена на минимум. Последиците од долгата употреба на интернетот во континуитет се разни здравствени компликации, сè поголеми деформитети на ’рбетот поради долгото и неправилно седење, оштетувања на видот, зглобовите...“

Таа вели дека за вистинска едукација, многу е важно „и наставниците да усвојат соодветни знаења за новите технологии, затоа што колку е поголем бројот на непознати во некоја сфера, толку се поголеми и стравувањата и погрешните интерпретации и манипулации со нив“. Таа додава дека и наставниците би требало да поттикнуваат идеи за конструктивни, практични активности на часот или дома, со чија помош учениците би ги согледале и би ги искористиле предностите на интернетот и мобилната технологија, потенцирајќи дека и родителите би требало да се информирани за тоа.

„Укажувајте на позитивните страни, но и на штетноста на новите технологии, потрудете се на своите деца или ученици да им ја посочите важноста за пронаоѓање вистинска мера во нивното користење. Навистина држи фактот дека интернетот е прозорец кон светот, но не треба да се заборави и на можноста дека очите од целиот тој свет преку истиот тој прозорец може да се вперени кон нечиј дом“, истакнува таа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование