X
 13.11.2017 Култура

Лазар Ристовски: Уметниците не треба да се оптоваруваат со дневна политика


Лазар Ристовски
(Фото: Getty images)

Интервју на Лазар Ристовски за Б92

Во долгогодишната кариера Лазар Ристовски има остварено многу значајни улоги во филмови, ТВ-серии, драми, има настапувано во театарски претстави, а денес работи како продуцент, режисер и писател. Добитник е на многубројни награди и признанија, а во родното село во Војводина има основано фестивал на дебитантски филм.

Тој смета дека професијата на уметникот е напорна, дека бара многу труд и работа, а секое време за уметникот е еднакво добро и еднакво тешко.

„Некој што сериозно си ја работи својата работа, не е лесно да дојде до добар резултат. Од подготвеноста на уметникот да се жртвува себеси зависи и неговиот успех. Ако е подготвен на поголема жртва, успехот ќе биде подобар. За уметникот, секое време е добро и секое време е еднакво тешко.“

Според Ристовски, оние што се занимаваат со уметност не треба да се оптоваруваат со дневна политика. Констатира дека, за среќа, уметноста е постара и поважна од политиката, а тоа што во последните децении политичарот зазема многу поголем медиумски простор од уметникот се смета за хендикеп на ова време, и се надева дека нема долго да трае.

„Се надевам дека повторно ќе дојде време, ако не на ренесанса на уметноста, барем време во кое уметниците ќе делат еднаков простор со политичарите.“

Постои мислење дека во последните години се вложуваат многу повеќе средства во ТВ-серии отколку во филмови, дека се поскапи, подобри и поквалитетни, но дека филмот сепак не ја губи таа трка.

„Можеби губи во малите средини, како нашите. Во големите средини, филмот не ја губи трката, тоа се случува во големите средини на индустријата. Во Америка филмот е индустрија и тие добро сметаат дали ќе им се исплати да вложат или не. Ако се исплати да се вложи во филм, тој опстанува, но вистина е дека телевизиските продукции стануваат поинтересни, и во светот и кај нас“, смета Ристовски.

Тој верува дека филмските фестивали се важни, а меѓу другото, и можност „за оние што не одат на кино да погледнат некој филм“. Воден од таа идеја, го основал Фестивалот на дебитантски филм во Равно Село во Војводина, каде што е роден, со намера да го привлече вниманието на јавноста за потребата од реставрирање на тамошниот Дом на култура, кој изгорел.

Лазар Ристовски е продуцент и главен актер во филмот „Дневникот на машиновозачот“, кој го разбудил интересот како во Србија така и во светот поради темата и начинот на кој е обработен. Тој смета дека режисерот Милош Радовиќ мудро го избрал жанрот при што приказната, која е трагична, во филмот е претставена трагикомично.

„Тоа беше мало разобличување на таа професија. Сите знаат дека постои човек кој управува со воз и дека тој се вика машиновозач, но малкумина знаеја многу повеќе од тоа. Ние преку тој филм на неколку нивоа го дешифриравме тоа занимање“, нагласи тој. Истакнува дека тој е најдобриот филм во последните десет години, и можеби со најмногу награди и успеси во светот.

Од остварувањата со понов датум, Лазар Ристовски има зачудувачка улога во телевизиската серија на Радоша Бајиќ, „Село гори, баба се чешла“, каде што игра улога на човек кој доаѓа од странство во селска средина.“

„Морав дури и со друг актерски јазик да ја одиграм таа улога, што беше тешко. Таа навистина фантастична актерска екипа беше уиграна, веќе неколку години работеа заедно. Јас дојдов како некој непоканет гостин, но мислам дека ѝ се допадна на публиката“, вели тој.

Лазар Ристовски е еден од најзначајните филмски актери на просторите на поранешна Југославија, а во речиси половина век колку што му е долга кариерата, одиграл повеќе од 4.000 театарски претстави, учествувал во повеќе од 70 филма. Работи и како продуцент, режисер, а пишува и книги. Сопственик е на продуцентската куќа „Зилион филм“.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура