X
 14.11.2017 Образование

Тијана, Симона и Марина, студентки од ФИНКИ му кажаа стоп на булингот во училиштата

Со сигурност знам дека не сакам никој да се почувствува како што сум се чувствувала јас во периодот кога сум била изложена на врсничко насилство, раскажува студентката Симона Стојчевска.




Илјадници деца во Македонија секојдневно се соочуваат со врсничко насилство. Навредите, но и физичкото насилство оставаат траен белег на психичкото здравје кај децата, а многумина го трпат без да им кажат на најблиските. Тијана, Симона и Марина се три студентки од ФИНКИ кои и самите биле жртви, но и сведоци на врсничко насилство. Затоа решиле преку сопствена иницијатива да ја зголемат свесноста за овој проблем, а и да им помогнат на децата. Вака се родила волонтерската иницијатива „Стоп за булинг во училиштата“.
- Бидејќи бев свесна дека вака сериозен проблем постои, а сум го почувствувала на сопствена кожа, се сметав за должна да направам нешто во насока на негово решавање. Со сигурност знам дека не сакам никој да се почувствува како што сум се чувствувала јас во периодот кога сум била изложена на врсничко насилство. Силно верував дека можеме да помогнеме нештата да се променат, па ја предложивме оваа тема за нашиот тим – раскажува студентката Симона Стојчевска.

Децата не знаат да се справат со врсничко насилство


   
Марина и Симона
Нејзината колешка Тијана Радиќ објаснува дека оваа волонтерска иницијатива произлегла од предметот Медиуми и комуникации на ФИНКИ под водство на професорот Владимир Трајковиќ.
- Како што напомена и Симона, главната причина поради која избравме да работиме на оваа тематика е што и самите сме биле жртви/сведоци на врсничко насилство – објаснува Радиќ. Студентките првично спровеле анонимна анкета наменета за средношколци за да ги увидат реалните потреби и предизвици и колкав е интересот. Потоа, одлучиле да организираат настан во кој вклучиле ученици од неколку училишта и опфатиле повеќе аспекти од темата, и поттикнале и дискусија помеѓу присутните.
- Настанот се одржа под мотото „Булинг? Не повеќе!“ во гимназијата „Орце Николов“. Присуствуваа околу 70 средношколци од три скопски училишта. Говореше и Симона за нејзиното искуство и за последиците од изложеноста на булинг – раскажува Марина Ѓоргиева.

Во училиштата е присутно и сексуално вознемирување

Голем дел од учениците во анкетата биле запознаени со оваа појава бидејќи биле или жртви или сведоци на врсничко насилство. Истовремено, голем дел од нив тврделе дека знаат како да постапат во случај на врсничко насилство, но начините што ги предлагаат се многу често несоодветни и би поттикнале продлабочување на проблемот.
- Оттука можеме да заклучиме дека недостига едукација во областа на превенција и соочување со врсничко насилство. Во рамките на дискусијата што се разви за време на настанот, според личните искуства на присутните, врсничкото насилство во експлицитна форма е позастапено во основните училишта. Во средношколските денови насилството добива посуптилни форми кои и не се така лесни за препознавање (некој може да е изложен на некоја форма на врсничко насилство без да биде свесен за тоа, а сепак да трпи психолошки последици). Значи, клучно е да се едуцираат младите како да ја препознаат оваа појава – вели Стојчевска.
Најголема дискусија се развила на темата сексуално вознемирување како една од формите на врсничко насилство. Присутните споделиле навистина голем број примери. - Тоа е повеќе од загрижувачко и уште еднаш ја потврдува потребата од сеопфатно сексуално образование (ССО) во основните и во средните училишта – вели Стојчевска.
Радиќ објаснува дека имаат големи планови за оваа иницијатива и би сакале да продолжат преку соработка со останати поединци, образовни институции, граѓански организации и професионалци од областа да креираат одржлив модел преку кој во континуитет ќе се работи на овој проблем.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование