X
 14.11.2017 Живот

Треба ли децата да учат да пишуваат ракописно?

Американската држава Илиноис вовела закон кој бара од учениците да научат да пишуваат ракописно. Ова веќе не е правило во американските училишта, а некои држави го воведуваат како опција. Во Велика Британија, пак, уште се инсистира на вакво нешто, иако е дигитална доба. Истото се случува и во нашата земја. Дечињата во прво одделение сите букви од азбуката учат да ги пишуваат и печатно и ракописно.


Во државата Индијана во САД ова правило е исфрлено, во Финска и во Индија исто така. Најчестата причина за тоа е трошењето време кое може да биде инвестирано во учење и совладување модерни вештини, како што е „типкање“ на компјутер или кодирање. Но, има ли придобивки од ракописното пишување?

Кога децата учат да пишуваат рачно, тоа за нив носи придобивки што типкањето на тастатура ги нема. Од спроведени студии се покажало дека рачното пишување помага при подоброто паметење на буквите. Кај децата што пишуваат рачно се покажало дека во нивниот ум е активиран регионот за читање.

Истражувачите заклучиле дека е можно, но не е докажано, дека физичкиот акт на пишување, всушност и може да им помогне на децата да научат да читаат. Исто така, се покажало дека гледањето друго лице како пишува букви не ја носи истата придобивка како кога детето само ги пишува.

Ракописното пишување секако дека е побрзо од печатното. Според анализите, меморијата се подобрува на подолгорочен план, односно рачното пишување помага во умствениот развој кај децата и ги подобрува вештините за учење.

Се јавуваат и културолошки проблеми. Курзивното пишување не може да биде прочитано од генерација што никогаш не го учела. Во модерно време, вакво пишување се користи за одредени документи и најчесто за покани за свадбени веселби. Лошиот ракопис, пак, доведува до послаби резултати на тестовите, според податоците од одредена студија. Во меѓувреме, за учениците со дислексија, типкањето може да им помогне значително да ги подобрат оценките, а оние со физички хендикеп и нарушувања долго време ја користат технологијата за да ги снимат своите мисли.

Засега нема интернационален консензус по ова прашање. А по многуте часови во училниците поминати на традиционално ракописно пишување, според некои, придобивките можеби не се ни вредни.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот