X
 15.11.2017 Образование

Интервју со шесткратниот магистер Марија Петковска чиј труд се најде на „Амазон“: „Се пронајдов себеси како еден субјект, припадник на проблематично општество во денешно време“

„Отсекогаш бев фасцинирана од викторијанскиот период, т.е. историјата, културата и особено од литературата од 19 век. Потребата за враќање на јавниот ред и мир во едно мошне проблематично општество беше толку голема, што доктор по медицина се решил да ја напушти праксата и да се посвети на креирање еден суперхерој преку кој сакал да допре до јавноста“, вели Марија и додава дека се пронашла себеси како еден субјект, припадник на проблематично општество во денешно време.

2

Зошто ги избравте баш Грац и Универзитетот „Карл Франзенс“, и како тоа да се најдете на „City College of New York“?


Јас секогаш велам дека Грац ме избра мене. Буквално. Сѐ започна од Бугарија. Бидејќи студирав применета лингвистика со два паралелни јазика, англиски и германски, мојата професорка по германска морфологија и превод, д-р Антоанета Михајлова, реши да ме пријави на тогаш пилот-програмата CEEPUS за размена на студенти меѓу Бугарија и Австрија. Интересното беше што јас воопшто не знаев за тоа, сѐ беше направено, така да речам, зад мој грб. Професорката ме извести откако Австрија ја одобри мојата апликација и ми додели стипендија мојот последен семестар да биде изучен на Универзитетот во Грац. Имав две недели да се спакувам и да заминам. Признавам дека беше шок, но истовремено и огромна благодарност, особено затоа што и покрај највисокиот просек како студент на генерацијата, јас, сепак, бев Македонка во друга држава и од сите мои колеги јас бев избрана како претставник на Универзитетот во Благоевград. Заминав со македонски пасош и со поддршка од двете катедри, и англиската и германската, што беше особена чест. Имајќи ја среќата да го завршам мојот последен семестар од студиите во Грац, сосема случајно во тој период ја запознав д-р Ненси Кембел (професорката од Шкотска), координаторот на магистерската програма по англиски и американски студии, уште една пилот-програма замислена како партнерство меѓу шест партнер-универзитети што и денес е многу популарна и привлечна за студентите заинтересирани за хуманистички науки. Програмата е одлична затоа што се фокусира на три главни точки во изучувањето на еден јазик: лингвистика, литература и културологија. Студентот може да се одлучи за еден од овие три аспекти кога ќе го подготвува магистерскиот труд, меѓутоа, во периодот од тие две години колку што трае оваа програма се изучуваат предмети од сите три полиња, дел од нив задолжителни, а дел изборни. До тој момент не бев свесна за големината на „Карл Франценс“ како универзитет или барем додека не навлегов подлабоко во академскиот живот.

1
Со гордост можам да кажам дека „Карл Франценс“ е универзитет со светско реноме, универзитет каде што студирал Никола Тесла и каде што Иво Андриќ го бранел својот докторат. И најважно, вратите се ширум отворени за секој што сака да се посвети сериозно на академскиот живот. Нема предрасуди, нема фаќање врски и се дава огромна помош кога е побарана.

Како се најдов на факултет во Њујорк? Тоа е прекрасното во мојата магистерска програма.  Бидејќи е направена од шест партнер-универзитети, еден од условите за студирање е да се студира на два од тие партнери. При самото аплицирање кандидатот треба да наведе кој универзитет го избира за „домашен“, а кој ќе биде универзитетот каде што ќе ја помине мобилноста, па потоа комисија одлучува според претходен успех, т.е. просек, и секако, силно мотивациско писмо. Бидејќи имав највисок просек, ми беше дозволено јас да си го направам изборот – „Карл Франценс“ во Грац за „домашен“, а City College во Њујорк за мобилност.    

Со оглед на тоа што сте магистер по англиски јазик и американски студии на Универзитетот „Карл Франценс“ во Грац, а дипломиран лингвист/преведувач на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, и секако, живеете и работите во Македонија, дали можете да направите една споредба помеѓу трите високообразовни системи? Од кој систем сте најзадоволни?

2

Реално, би можела само да направам споредба меѓу образовниот систем во Бугарија и Австрија зашто никогаш не сум била македонски студент, иако имав шанса. Бев примена во државната квота на Филолошкиот факултет во Скопје, меѓутоа, одбрав да студирам во Бугарија од првична причина затоа што таму ми беше понудена стипендија не само затоа што бев во првите тројца на приемниот испит туку и како кандидат-студент со највисоки бодови, додека Македонија во тоа време не ми обезбеди ништо слично. Реков првична причина, затоа што подоцна и сфатив дека сепак во Бугарија, како тогаш пресна членка во Европската Унија, би имала повеќе можности за мое професионално усовршување и тоа што најмногу ме интересираше – контакт со повеќе култури и меѓународни искуства. Навистина не би можела да зборувам за студентско искуство во Македонија затоа што го немам, меѓутоа, од она што го гледав преку моите пријатели, па и сега кога после 11 години сум вратена назад во Македонија, можам да кажам дека разликата сѐ уште е огромна. Секако, тука мислам повеќе на општите административни работи и организација на студиите зашто не сум детално запознаена со студентските програми што се нудат и начинот на кој се одвиваат предавањата, практичниот дел и сл. Меѓутоа, факт е дека македонските студенти плаќаат многу повеќе во однос на (тогашните) бугарски и австриски студенти. Јас во сето мое студирање имав среќа да бидам поштедена од високи партиципации затоа што Бугарија и Австрија се погрижија да бидам покриена во тој поглед за да можам да се фокусирам на студиите без да се грижам за основната егзистенција. Од првиот момент, и во Бугарија и во Австрија, мене ми беше обезбедено сместување во студентски дом за смешно ниска сума (со вклучени режиски трошоци), па подоцна беше моја лична одлука дали јас ќе решам да се преселам на друго место или не. Исто така, никогаш не сме плаќале пријава за испит, пријава на дипломски трудови, дополнителни трошоци за спорт, студентски прашања, рекреативни активности за студентите, казнени сесии и сл. Секако, тука веќе станува збор за одделни политики на одделните универзитети и нивната можност за самофинансирање и тоа е разбирливо, меѓутоа, разлика и тоа како постои. Ако веќе зборувам конкретно за Австрија, тоа е веќе сосема друга приказна од која ние, не само Македонија, туку поголемиот дел од Балканот, сме сѐ уште со светлосни години назад. Во Австрија за студентите се грижат како за свои деца. Јас, како и многу други странски студенти таму, го имав искуството моја професорка од Шкотска да се грижи за мене како за сопственото дете. Поради неа, секогаш имавме кому да се обратиме за какви било лични проблеми и за сѐ ни излегуваше во пресрет. Пред сѐ културата, воспитувањето, дисциплината се вкоренети во нацијата (вклучувајќи ги тука и дојденците) и им доаѓа сосема природно да покажуваат еднаква почит кон сите – студенти, колеги, административци. Високиот стандард, секако, си го прави своето, но Австрија има и многу долга традиција на академски живот што и ден-денес се негува и се вбројува меѓу најразвиените и најпочитуваните во светот. Така што, мислам никој не би се изненадил ако ја издвојам Австрија како фаворит.

3

Какво беше искуството да се учи на колеџот во Њујорк и што Ви остави најголем впечаток?

Неверојатна привилегија. Не само што Њујорк отсекогаш беше мојот сон, туку и учев на истиот факултет каде што учеле Вуди Ален, актерот Тони Кертис, каде што и денес сѐ уште предава познатиот астрофизичар, колега на Нил де Грас Тајсон, фантастичниот професор Мичио Каку, како и добропознатиот психолог Маслов. Уште еднаш, Австрија истапи во покривањето на моите трошоци заедно со Универзитетот на Њујорк, нешто што јас на своја рака никогаш не би можела да го направам затоа што само еден семестар на Универзитетот на Њујорк чинеше 20.000 долари, а таму одделно се плаќа и секој предмет. Да не раскажувам за киријата и режиските трошоци – вртоглави суми. Но, она што го научив, она што го видов, е бесценето. За сѐ што избрав да студирам таму имав максимална поддршка и од колегите и од професорите. На пример, многу се интересирав за афроамериканската култура во почетоците на 20 век и мислам не само на литература, туку и музика, филм и сл., па ми беше овозможено да ги посетувам најпознатите и најбогати библиотеки (New York Public Library), некогашните џез-клубови, да разговарам со музичари и режисери – и сѐ во име на еден добро подготвен семинарски труд (таму многу сериозно ги сфаќаат семинарските). Интересно беше што самите професори нѐ мотивираа да дадеме придонес за тамошните датотеки. На пример, сѐ уште има мој есеј за корените на џезот и блузот и нивниот развој низ годините во датотеките на библиотеката во Харлем, лулката на џезот. И сето тоа се прави на максимално опуштен начин. Професорите и студентите, пред сѐ, се пријатели затоа што нема потреба од нагласување на хиерархија и поради тоа, мотивацијата за работа е голема. Мислам дека тоа, заедно со можноста која било тема да се истражува на самото место (во смисла дека сѐ е достапно и може да се оди многу лесно во секоја институција за да се направи истражување) ми беше најголемото освежување. Сепак, да се зборува за академскиот живот во Њујорк е толку опширна тема, што навистина не може да се опфати со неколку реченици.   

Магистратурата ја завршивте во Њујорк. Станува збор за 6-кратна магистратура. Што точно значи тоа?

4

Оваа програма ја направија универзитетите Karl Franzens од Австрија, Paris Diderot од Франција, Ca Foscari од Италија, City College of the City University од Њујорк, САД, Универзитетот на Печ, Унгарија и Универзитетот на Бамберг, Германија. Секој од нив се вбројува во првите 500 универзитети на Шангајската листа на рангирање, а првите четири се и меѓу првите 100. Спогодбата меѓу шесте универзитети ветува дека кога студентот ќе го одбрани магистерскиот труд (што е далеку од формалност, туку стресен процес на устен испит) и кога ќе го положи државниот испит (уште еден стресен процес на писмено оценување) се здобива со диплома што му е признаена паралелно од сите шест универзитети, т.е. во сите шест земји тој/таа се смета за магистер на исто ниво како и нивните магистри. Со други зборови, ако постдипломецот ја добие дипломата, тој е магистер на исто ниво како и магистрите од тие земји и без никакви пречки може да продолжи на докторски студии во една од тие земји или да бара таму работа според тие квалификации. Единствено за САД правилата се малку поинакви, бидејќи тука веќе станува збор и за поинаков вид виза и сите тие придружни документации. Франција дури ми додели и нивна дополнителна диплома напишана на француски јазик со која се потврдува мојот академски статус таму.

Темата на трудот за магистратура е поврзана со Шерлок Холмс и концептот за мажественоста. Зошто баш оваа тема и како дојдовте до идеја за неа?

Отсекогаш бев фасцинирана од викторијанскиот период, т.е. историјата, културата и особено литературата од 19 век. Тука спаѓа и готиката и сета таа фасцинација со декадентноста од крајот на тој век. Искрено, првичната идеја ми беше да направам интердисциплинарен труд каде што сакав да поврзам психологија со делата на Едгар Алан По, бидејќи тој беше главната инспирација за сер Артур Конан Дојл да ни го подари Шерлок Холмс, меѓутоа, по препорака на мојот ментор, проф. д-р Мартин Лошниг, тоа решив да го оставам за поопширна анализа, да речеме за докторат. Но, потребата за враќање на јавниот ред и мир во едно мошне проблематично општество беше толку голема, што доктор по медицина се решил да ја напушти праксата и да се посвети на креирање еден суперхерој преку кој сакал да допре до јавноста и да пренесе, според него, вистински вредности во општество заболено од неконтролирани убиства, разврат, сиромаштија и најнезамислив криминал. Морав да истражам подлабоко затоа што, некако, си се пронајдов себеси како еден субјект, припадник на проблематично општество во денешно време. Сакав да откријам што значеше да се биде херој во тоа време зашто, нели, Шерлок Холмс достигна толку голема слава што денес има луѓе кои не се сигурни дали тој бил вистински човек или измислен лик. Дојл таа слава на својот детектив ја искористи во голем дел за дидактички намени, т.е. на еден начин да ги „воспита“ мажите во тој период (сепак, во 19 век правата на жените сѐ уште беа само идеја во зародиш), и во помал дел, за забава на една публика жедна за скандали, драма и хорор. 

6

Публикацијата може да се најде и на германска страница за книги, но и на „Амазон“ - нешто со кое не може да се пофали секој. Како стапија во контакт со Вас? Дали досега има некој што ја купил книгата?

Тоа е една од предностите човек да магистрира на високореномиран универзитет. Веднаш по официјалното објавување на мојот труд ме исконтактира Академското здружение на издавачи од Германија. Не знам точно како, но мислам дека таму универзитетите се во постојан контакт со издавачите и едноставно ги следат тие работи без да треба авторот сам да се нуди. Ме прашаа дали сакам да им ги отстапам правата и тие да ја издадат книгата. Со склучувањето на договорот јас добив шанса да бидам промовирана во Германија, но и во светот преку електронски промоции. Здружението има склучено договор со многу дистрибутери и онлајн-книжарници, па така книгата не само што е достапна на „Амазон“ туку и на многу други онлајн-места. Да бидам искрена, изненадена сум што има интерес. Секако, ни приближно како белетристика, но како за научен труд сметам дека околу дваесет продадени книги досега низ светот е солидно. За секоја продадена книга јас добивам мал процент, па така можам и да видам од каде ја порачале. Досега знам дека е продадена во Австрија, Германија и во САД.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование