X
 15.11.2017 Наука

Овој век може да изгубиме до 75% од видовите на Земјата, тоа не е нешто што може да се поправи, алармираат научници

predupreduvanje

Длабокото, негативно влијание на човековата активност врз нашата околина е доста дискутирано, но многумина продолжуваат да негираат дека имаме проблем. Во обид да го поправат тоа, повеќе од 15.000 научници од 184 земји потпишаа „Предупредување на светските научници: второ известување“ - статија објавена во ноемвриското издание на „БиоСајнс“.

Предупредувањето на научниците нè потсетува на специфичните опасности со кои моментално се соочуваме и нуди предлози за поставување нов курс. Идејата е да се поттикне јавноста да изврши притисок врз владите низ светот за решавање на ова прашање.

Овој напор ги следи стапките на „Предупредување на светските научници до човештвото“, статија објавена од Унијата на загрижени научници во 1992 година, потпишана од 1.700 експерти, што покажува колку загрижувачка станала ситуацијата во текот на последните 25 години.

„Второто известување е начин да се ревидира предупредувањето поставено пред 25 години и да се види што се случило оттогаш? Дали имало некаков напредок? - за повторно да се вратиме на прашањата што го предизвикале предупредувањето“, вели коавторот на статијата, Елиен Крист.

Според најновата статија за „Предупредување на човештвото“, ситуацијата е несомнено мрачна, а авторите даваат податоци што покажуваат колкава штета била направена во изминатите 25 години.



Количината на достапна свежа вода на жител опадна за 26 отсто. Уништени се речиси 300 милиони хектари шума. Глобалната популација на цицачи, водоземци, влечуги, птици и риби е намалена за 29 отсто, додека човечката популација е зголемена за 35 отсто.

„Консензусот е дека не сме направиле доволно“, вели Крист. Таа ги забележува Монтреалскиот протокол и неговиот ефект врз осиромашувањето на озонот како исклучок, но признава дека повеќето проблеми се влошиле.

„Сечењето на шумите продолжува, а ќе се соочиме со масовно уништување. Научниците предупредуваат дека ако продолжиме да се однесуваме така, овој век ќе изгубиме од 50 до 75 отсто од видовите на Земјата. Ова не е нешто што може да се поправи. Не е нешто за кое подоцна има решение. Ова е трајно“, продолжува Крист.

„Предупредување за човештвото“ не е само преглед на моменталната ситуација. Исто така, забележува мерки кои потенцијално би можеле да повратат некоја штета што веќе е направена. Овие активности вклучуваат воспоставување на повеќе заштитни диви места на копно и во морето, подобри прописи за антиловење и ограничување на тргувањето со дивиот свет, подобрување на програмите што нудат планирање на семејство и образование за жените, широко распространета промена кон исхрана базирана на растителна основа и далекосежна транзиција кон обновливи и зелени извори на енергија.

За Крист, јасно е дека постои разлика помеѓу начинот на кој експертите го гледаат влијанието на човековата активност врз нашата околина и начинот на кој општата јавност ја гледа ситуацијата.

„Постои многу голем јаз помеѓу она што го знае научната заедница и она што е генерално во јавноста“, вели таа.

Идеално, извештајот ќе помогне за намалувањето на овој јаз, преку обезбедување пристап на просечниот човек до големо количество на научно точни информации. „Се надеваме дека нашиот труд ќе предизвика широка јавна дебата за глобалната животна средина и за климата“, вели коавторот Вилијам Рипл.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука