X
 16.11.2017 Образование

Наставниците порачуваат: „Описменуваме деца, дајте ни плата од барем 30 илјади денари“



Наставниците воопшто не се задоволни од најавеното покачување на платите, кое ќе изнесува пет отсто, покажа нашата онлајн-анкета. Дури 92,8 проценти од анкетираните сметаат дека ова покачување на платите не е доволно. Само 7,2 проценти би се задоволиле со оваа сума.
- Со ова уште еднаш се става до знаење дека секоја власт си поигрува со нашиот углед, нашето достоинство. Сите нѐ омаловажуваат. Треба да имаме минимум за 10 проценти повисоки плати - смета наставник од основно образование.

Најниски плати во регионот

Негов колега коментира дека платата на наставник сега е израмнета со плата на помлад соработник.
- Со 1.000 денари е само алиби дека работиме европски. Во Црна Гора имаат плата од 650 евра, во Албанија 540 евра, дури во Косово - 430 евра, да не прашуваме за Хрватска и Бугарија. Најлошото е што треба да чекаме уште многу месеци, бидејќи и овие 5 проценти не почнуваат од јануари. Ова значи дека ќе живееме со ист стандард. Вработените во образованието и во здравството треба да имаат солидни плати, како што е во секоја нормална земја. Пет проценти личи на шега. Затоа образованието нема никаков квалитет, кога најзаслужните луѓе во една земја немаат ни минимална плата од Европската Унија – смета наставник од основно образование.
Наставниците во основните и во средните училишта во земјава во просек имаат плата од 20 до 25 илјади денари, што значи дека на сметка ќе им легнат 1.000, односно 1.250 денари. Оние што немаат полн фонд на часови, пак, земаат плата и од 10 до 15 илјади денари. Најголем дел од наставниците на прашањето колку треба да бидат платени просветните работници одговориле со „најмалку 30 илјади денари“. Дел од нив сметаат дека и тоа не е доволно, па бараат до 40 илјади денари.
- Пaтни трoшoци плaќaме пo 3.000 денари, знaчи земaме 17 илјади, кoлку хигиеничaрките вo другите институции – вели револтирано одделенска наставничка.
- Ако се покачува, барем да биде достоинствено, а не потценувачки, за 900 денари. Нека дојде некој што го предлага ова да работи со деца и да ја почувствува тежината на оваа професија, која во светот е една од најценетите и најплатените – вели наставник од средно училиште.




Просветната фела е на работ на егзистенција

Голем дел од наставниците во одговорите на анкетата потсетуваат колку благородна, но и одговорна и тешка работа имаат, а не се чувствуваат почитувани и удостоени со добра плата.
- Наставникот описменува, воспитува, учи и се грижи за сите деца... а има мизерна плата. Се надевам дека достоинството на наставникот ќе се врати.
- Сметам дека просветната фела е на работ на егзистенција, а ја вршиме најблагодарната работа, ги образоваме и воспитуваме децата. Столбот на општеството, разнишан, понижен, згазен. Колку го цените образованието, толку ќе ви биде ценето општеството – вели друг наставник.
- Професијата која ја нарекуваат просветен работник е многу повеќе од тоа. Наставниците, професорите, менторите, даскалите, наречете ги како сакате, не се обични работници кои вршат рутинска дејност, напротив, станува збор за индивидуи кои имаат благородна и многу одговорна задача. Некогаш ценети и почитувани, сега се наоѓаат на срамното, најниско општествено скалило. Оставени и заборавени на милост и немилост, на притисоци од лажни авторитети, со окована креативност и празен џеб залутани во темната бездна ја шепотат својата лебедова песна – коментира наставник.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование