X
 17.11.2017 Култура

Највозвишеното чувство



Колумна на Викторија Митевска

Најсилното, највозвишеното чувство, исполнето со многу емоции и изразено само во еден збор – ЉУБОВ. Таа е како тивка музика која ги отвора срцето и душата.

Чувство кое му дава смисла на животот. За некого можеби феномен. Чувство кое доколку се продлабочи, може да опстане засекогаш. Вечна мистерија, мотивација, најголема сила, безусловност. Тоа е она нешто што ги придвижува сите наши сетила, продира насекаде и на крај се вселува во длабочините на срцето. Вистинска страст, хемија и посветеност.

Меѓутоа, светот не секогаш е отворен за љубов, во последно време луѓето многу повеќе се склони кон насилства, неправди, војни и раздвојувања. Сè повеќе се оддалечуваме од ова чувство, прераснуваме во ладни луѓе со студени срца. Нема повеќе топлина во нас која би зрачела и надвор за да ја види секој. Сега постојано градиме ѕидови околу нас кои спречуваат да продре љубовта, можноста да сакаме и некој да нè сака, да ни ја обои душата во различни бои, да се почувствуваме дека сме дел од едно прекрасно и магично волшепство.

Време е да им кажеме стоп на сите болки и страдања, на сите обиди за раздор, на секој обид за војна. Треба да чекориме во друга насока, да ги стоплиме нашите срца. Да почнеме да функционираме заеднички, сплотени, поврзани. Да се сакаме прво самите, а потоа да нè сакаат и другите. Сега е време кога треба безрезервно да даваме љубов, да се почитуваме и да се сакаме. Зошто да не го почувствуваме највозвишеното чувство? Зошто да не ја осетиме најтоплата прегратка? Тоа е таа сила што нè придвижува, нè трансформира, нè прави подобри, почовечни.

Да уживаме во животот и да се сакаме, да му ставиме крај на војувањето. Да си дозволиме да бидеме среќни, исполнети, да го сакаме животот. Да, во минатото можеби љубовта била причина за војна, но денес кога живееме во модерно време и општество, љубовта треба да ни биде оружје за спречување војни. Сите луѓе во светот - ширете љубов, а не омраза, зрачете со насмевка и среќа, заборавете ги конфликтите и насилствата, поделеноста и нетрпеливоста. Да го направиме светот топло катче во кое секој ќе има свое место, место во кое секој ќе сака и ќе биде сакан, место на убави, среќни, весели, посветени и пред сè исполнети луѓе.

За крај, сакајте и бидете сакани!

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура