X
 21.11.2017 Култура

А бре Македонче, каде брзаш?



Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Само колку да ви опишам реална и секојдневна ситуација: Некни, на семафорот кај „Рекорд“, еден дедо држи под рака една бабичка која оди со штаки. Да повториме: со помош на штаки! Зеленото на тој семафор за пешаци трае исклучително и несериозно кратко, дури боли од што е кратко, особено па ако имаш и плускавец на левата нога. Или одиш со штаки! Да повториме уште еднаш: со помош на штаки! Е сега може да замислиш колку траат тие 3,5 секунди. Што би рекол зајакот во „Алиса во земјата на чудата“ – „за некого една секунда трае премалку, а за некого цела вечност“.

И бидејќи ние сме ти земја на чудата, во таа секунда веднаш ги препознаваш оние што немаат цела вечност да почекаат еден дедо како држи под рака една бабичка со штаки. Свиреа со колите како кога одат на свадба. И ич не ми е јасно што мислеа кога им свиреа. Зарем им заличеа на свадбари? Зарем беа толку кратковиди та не можеа да видат дека едвај одат рака под рака? Зарем навистина некој од тие нестрпливи возачи има очекувања дека ќе се затрчаат или дека еве сега баш бабата ќе ги фрли демонстративно тоа штаките и ќе го фати дедото за рака, па ќе свртат едно орце и „трчаечким кораком“ и двајцата свечено романтично накај плоштад?!

Навистина не ми е јасно какви се очекувањата кога некој возач свири некому?! Па ако го гледаш дека има мака, многу нормално е да почекаш, оти и да свириш и да не свириш со исто темпо ќе чекори. Да не отвораме ич муабет па за деца, жени, мајки со бебешки колички, итн.

Па прашањата ми се: И што ако свириш? Чуму е тоа добро и за кого? И пред сè, каде брзаш толку?
Каде, сите ние, брзаме толку? Зошто брзаме?

Веројатно во ЕУ беа тргнати овие возачи што свиреа, оти не гледам друга „побрза“ причина и агенда на репертоар. Ама, нејсе, во ЕУ кога ќе стасаат да ги прашам дали ќе свират така безазлено или наеднаш ₤вроп$ко трп€ни€ ќе им се слее во мозокот па ќе застанат на пешачки и ќе чекаат. Таму ако те видат дека стоиш на пешачки, и да нема семафор, возачот застанува и му дава знак на пешакот дека го пропушта. Зошто тука е различно? Зошто овде мора да се свири напорно и насилно кон пешаците? Што кажува тоа за нас? Каде тоа патуваме со светлосна брзина, а не сме свесни за истата?

Многу кажува тоа за нас: сакаме брзо да живееме, да се направат брзи пари, да научиме што побрзо, да завршиме магистерски што побрзо, да најдеме работа што побрзо, да напредуваме и да успееме што побрзо, да испиеме кафе набрзина, да се јаде набрзина за да се стаса на некое друго место, итн.

Свириме „на цел глас“ за да му кажеме на светот дека доаѓаме, не знаејќи притоа дека светот е глув за нашите европски доаѓања, оти најпрвин ЕУ треба да дојде кај нас.

Брзаме за некаков си „живот“ да дојде, не знаејќи дека всушност така само брзаме повеќе кон крајот.

Зошто воопшто мислиме дека ако брзаме, патот ќе (ни) биде пократок?

#FestinaLente #ПобрзајПополека

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура