X
 21.11.2017 Образование

Матурант од специјално средно училиште од Штип истепан од соученик, сестрата ги објави фотографиите на „Фејсбук“

Директорот на училиштето и на ученичкиот дом, Марјан Арсов, за Факултети мк го потврди инцидентот. Тој вели дека се преземаат сите неопходни мерки, за да се разреши случајот.



Скршените очила на детето- Фото: Фејсбук

Сестра на дете со Даунов синдром од Штип, на социјалната мрежа Фејсбук објави вознемирувачки фотографии од својот брат кој со видливи модринки и гребаници по главата, ушите и вратот вчера се вратил дома од средното специјално училиште „Искра“ од Штип. Директорот на училиштето и на ученичкиот дом, Марјан Арсов, за Факултети мк го потврди инцидентот. Тој вели дека се преземаат сите неопходни мерки, за да се разреши случајот. За жал, освен постот на социјалните мрежи не успеавме да добиеме официјална изјава од родителите на момчето.

Се прегледуваат надзорните камери во училиштето

„Денес Александар дете со посебни потреби ученик во ДСУ ,,Искра" - Штип во попладневна смена го зедовме во состојба за која говорат фотографиите. За жал, ова не се случува прв пат“, напиша сестрата на ученикот на Фејсбук.
Директорот Арсов ни објасни дека инцидентот се случил вчера, меѓу двајца ученици, најверојатно за време на одмор.


Директор Марјан Арсов

- Сѐ уште не сме го нашле виновникот, моментално ги разгледуваме снимките од надзорните камери. Во контакт сум со родителите на нападнатиот ученик, тој е матурант и секој ден патува до училиштето. Не е сместен во ученичкиот дом. Жал ми е за настанот, ова се деца со посебни потреби, па затоа е потешко веднаш да се открие сторителот. Нормално е дека родителите се вознемирени. Сепак, сметам дека случајот треба да го решаваме тука во училиштето, а не преку социјалните мрежи. Разговарано е со нив, и тимот на стручните служби ќе преземе сѐ, за да се реши ситуацијата – ни изјави Арсов.

Врсничкото насилство е сѐ почесто

Во ова средно специјално училиште во Штип се запишани 60 ученици, дел од нив патуваат, но некои се сместени во ученичкиот дом. Директорот ни потврди дека се случуваат тепачки меѓу ученици како и во секое друго училиште и дека досега немало посериозен инцидент.
- Како и во секое училиште и ние имаме проблеми, но ги решаваме. Така ќе биде и со овој немил настан – рече Арсов.

Државното средно училиште за образование и рехабилитација "Искра" е средно училиште со ученички дом за ученици со посебни образовни потреби кое се наоѓа во Штип. Ова е единствена институција од ваков вид во Источниот дел на Македонија за згрижување, воспитание, образование и рехабилитација на ученици младинци со пречки во развојот и посебни образовни потреби. Од оснивањето до денес своето право на воспитание, образование и рехабилитација го оствариле околу 1000 ученици.

Во македонските училишта зачестија инцидентите меѓу соучениците и врсничкото насилство. До нашата редакција постојано пристигнуваат поплаки од родители чии деца се малтретирани во училиштата, а надлежните ретко преземаат мерки да се казнат сторителите. Психолозите предупредуваат дека врсничкото насилство не е наивно и дека остава последици по психичкото здравје на децата. Училиштата се должни да ги спречат овие напади, за сите деца да се чувствуваат безбедни.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование