X
 21.11.2017 Образование

Предлог-буџет на МОН: „Мајка Тереза“ ги лапна парите за високото образование, науката ќе чека подобри времиња

МОН следната година ќе троши помалку пари за изградба на спортски сали во основните и во средните училишта, и за превод на книги од реномирани автори, а повеќе за ученички стандард.





Министерството за образование и наука најавените реформи во сите сегменти во образованието ќе ги прави со исто толку средства како и лани, покажува предлог-буџетот за 2018 година, кој е доставен во Собранието. Ако се спореди предлог-буџетот на Владата во 2017 година предводена од ВМРО-ДПМНЕ со сегашниот предлог-буџет за 2018 година на новата Bлада, нема големи разлики во вкупната сума.
Прашањето што логично се наметнува е како Владата ќе успее да ги направи сите најавени реформи во основното, средното и во високото образование со исто толку средства како и лани. Вкупниот предлог-буџет на МОН за 2018 година е планиран да биде 25 милијарди денари.

Помалку за спортски сали, но помалку и за наука

МОН во следната година ќе троши помалку пари за изградба на спортски сали во основните и во средните училишта, за превод на книги од реномирани автори, а повеќе за ученички стандард. Во предложениот буџет повеќе средства се предвидени за високото образование, но најмногу добива Универзитетот „Мајка Тереза“. Тој навистина отскокнува од листата ако се спореди со ланскиот буџет. Имено, во 2017 година биле планирани 116.870 милиони денари, а вгодина за оваа намена се планира да се потрошат 308.388 милиони денари. Новиот Универзитет ќе лапне речиси 3 милиони евра повеќе. За сите други државни универзитети се планирани помалку средства.
Она што најмногу изненадува, ако се земат предвид изјавите на министерката Рената Дескоска - дека Владата планира многу повеќе да вложи во науката, е тоа дека има помалку пари и за оваа намена. Имено, буџетот за наука кој се намали и со ребалансот, во 2018 година ќе биде помал, вкупно 425.998 милиони денари. Ова е за 185 милиони денари помалку од лани. И за научноистражувачка работа, како и за научните институти се планирани помалку средства.


Клик за поголема резолуција
Предлог-буџет за Министерството за образование и наука за 2018 година

Ученичкиот стандард - приоритет

Владата годинава решила да заштеди на ставката проект за превод на книги од реномирани автори, а намалени се и вкупните инвестиции во образованието за сума од речиси 400 милиони денари. Тука најмногу ќе се кастри на изградба на спортски сали во основните и во средните училишта. Помалку средства се обезбедени и за изградба и реконструкција на студентските домови. Голема промена има кај парите предвидени за ученички стандард. Од ланските 270 милиони денари, следната година средствата за оваа намена ќе пораснат на 412 милиони денари. За студентскиот стандард, пак, ќе има помалку пари, односно тие се намалуваат за 20 милиони денари.
За основно образование средствата се намалени за околу 80 милиони денари, а во средното за речиси 120 милиони денари. Министерството за образование и наука следната година ќе заштеди средства и за администрацијата. Тие се намалуваат за 87 милиони денари.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование