X
 23.11.2017 Образование

Реакција на професори: Буџетот за наука за 2018 е погубен за младите научници

Од Министерството за образование и наука велат дека подготвиле акционен план за поддршка на македонските истражувачи за аплицирање за проектите од Хоризонт 2020.



Фото: ПМФ

Македонија е една од земјите од регионот што издвојуваат најмалку пари за научноистражувачка дејност, а според предлог-планот за Буџетот, МОН за следната година дополнително ги кастри парите за оваа намена. Буџетот за наука, кој се намали и со ребалансот, во 2018 година ќе биде помал, со вкупно 425.998 милиони денари. Ова е за 185 милиони денари помалку од лани. И за научноистражувачка работа, како и за научните институти, се планирани помалку средства.
Од Министерството, пак, велат дека подготвиле акционен план за поддршка на македонските истражувачи за аплицирање за проектите од Хоризонт 2020. Потенцираа и дека одредени средства што ќе овозможат основање технолошки паркови не се проектирани во буџетот на МОН, туку ќе ги влечат преку кредити од Светска банка и други институции.


Ако дополнително намалиме, ќе бидеме во минус

Словенија е лидер во регионот со 2,2 процента од бруто-домашниот производ, а ние издвојуваме скромни 0,2 отсто. Србија, Хрватска и Бугарија издвојуваат од 0,7 до 0,8 отсто. Како македонската наука ќе го преживее ова?
- Кога за наука си имал ништо, а дополнително ќе намалиш, значи дека ќе бидеме во минус – вели универзитетскиот професор Александар Димитров, поранешен декан на Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје.
Професорот Владимир Петрушевски, проректор за наука на УКИМ, пак вели дека сме преживеале и полошо, па ќе го преживееме и ова.
- Ама се надевам дека од 2019 година (кога веќе нема да постојат вакви хипотеки), работите ќе тргнат по нагорна линија. Инаку, ова намалување изнесува околу 30 проценти. Не е мало, секако, ама многу поважно е како ќе бидат наменети и потрошени овие средства. На пример, ми се чини дека треба да им се стави крај на дисперзираните студии, еднаш засекогаш. Нема ниту смисла ниту логика УГД од Штип да има дисперзирани студии во Скопје, покрај толку универзитети во Скопје. Ми се чини дека ова е активност што е измислена надвор од првичните причини зошто би се организирале дисперзирани студии - вели Петрушевски.
Професорот Димитров додава дека парите за наука во земјава и досега биле премалку, а ако се намалат дополнително, тоа ќе значи комплетно замирање на научноистражувачката дејност.
- Научниците се соочуваат со големи проблеми кога нема доволно пари. Оваа одлука ќе биде погубна и за младите научници, кои допрва треба да градат кариера. За да аплицираш на некој голем проект во странство, да понудиш некое големо истражување, ти треба добар беграунд. Од сите фондови прво бараат  секој научник да понуди што сработил до тој момент. Што ќе понудат младите кога ќе нема пари за истражувања на домашен терен? – прашува Димитров.

МОН ќе влече пари за наука од Светска банка и од Фондот за иновации и технолошки развој

Професорот Димитров објаснува дека друг предуслов за успешна наука е учество на професорите на научни конференции, за кои исто така се потребни средства.
- Не мора да се оди предалеку, нека биде Европа, ама и таа е далеку без пари. Научните конференции се важни за да те видат, за да се поврзеш, да размениш искуства. И тие се многу значајни за младите научници. Ако нема средства за таа намена, целосно ќе се затвориме – вели тој.


Фото: ПМФ

На нашето прашање упатено до МОН како со помалку средства ќе се постигне напредок во науката, ни одговорија дека во ставката на наука се водат и одредени проекти кои немаат многу врска со наука, како што се преводите на книги, стипендии на странски студенти за студии на научни институти во Македонија, како и стипендии за студирање на наши студенти во странство.
- На пример, проектот на превод на книги влечеше многу пари, а книгите не се користеа. Намалувањето на средствата се должи на кратење на трошоците за овој проект. Одлуката беше дека нема да „фрламе“ пари за бескорисни проекти и покрај тоа што статистички може да се покаже намалување на буџетот за наука. Исто така, во делот на наука беа засметувани стипендии кои им се даваа на странски студенти за постдипломски студии на научни институти во Македонија, како и стипендии за студирање во странство. Добар дел од средствата не беа искористени ни оваа година, на пример, 30 милиони денари не беа искористени поради намален број на пријави за стипендии за студирање во странство. Врз основа на таа побарувачка од годинава се намалени и планираните средства за следната година – велат од МОН.
Оттаму потенцираат дека во земјава досега слабо се користеле средствата за научни истражувања што ни стојат на располагање од европските фондови. Затоа, тие подготвиле акционен план за поддршка на македонските истражувачи за аплицирање за проектите од Хоризонт 2020. - Одредени средства што ќе овозможат основање технолошки паркови не се проектирани во буџетот на МОН, туку ги влечеме преку кредити од Светска банка и преку други институции што се тесно поврзани со МОН, како на пример Фондот за иновации и технолошки развој, Националната агенција за образовни програми и мобилност – велат од Министерството.
Професорот Ѓорѓи Марковски од Природно-математичкиот факултет не очекувал намалување на буџетот за наука.
 - Веројатно со толку многу државни универзитети и не може нешто многу да се одвојат пари. Се разбира, за сериозна наука потребни се и сериозни средства. Засега изгледа ништо од тоа - вели Маркоски.

Шест државни универзитети не ни се потребни

Во предлог-буџетот за следната година има повеќе пари за високото образование, но голем дел одат за новоотворениот универзитет „Мајка Тереза“. Тој навистина отскокнува од листата ако се спореди со ланскиот буџет. Имено, во 2017 година биле планирани 116.870 милиони денари, а вгодина за оваа намена се планира да се потрошат 308.388 милиони денари. Новиот универзитет ќе лапне речиси 3 милиони евра повеќе. За сите други државни универзитети се планирани помалку средства.
- Да не заборавиме дека минатата година беше отворен Универзитетот „Мајка Тереза“, еден од главните црпачи на средствата од буџетот за наука и високо образование. Не може Македонија да поднесе шест државни универзитети на своите плеќи и на сите да ни биде добро. За споредба, во четирипати поголемата Србија има вкупно осум државни универзитети – објаснува професорот Петрушевски.


Професор Александар Димитров

И Димитров се согласува дека шест државни универзитети не ни се потребни.
- Ако ме прашате мене, доволно ни се четири. Исто така, и овие што постојат во другите региони не треба да се натпреваруваат со УКИМ. Секој од нив треба да продуцира кадри и наука за развој на тие региони, каде што се лоцирани. Да се насочат кон области кои се важни за развој на тој дел од земјата – смета Димитров.
Од МОН, пак, велат дека локацијата за изградба на Универзитетот „Мајка Тереза“ е определена од претходната влада и се преземени почетните активности околу тоа.
- Градењето нов објект повлекува свои трошоци. За изградба на Универзитетот „Мајка Тереза“ се предвидени 215 милиони денари, додека пак за тековното функционирање на Универзитетот ќе се одвојат 93 милиони денари – ни изјавија оттаму.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование