X
 27.11.2017 Технологија

Иновации на тинејџери што сакаат да го променат светот

Кога ќе се споменат тинејџерите, многумина помислуваат на лица што спијат до доцна, прават селфи-фотографии или играат компјутерски игри. Но, сепак, некои од оваа група слободното време го користат за иновации. Ова се 8 тинејџери кои со својата продуктивност, иновација и креативност создале навистина интересни иновации што можат да ги променат нашите животи.


1. „Ди-ај-уај“ Брајов принтер

Изум на 13-годишниот Шубам Банерџи. Користен е комплет „Лего мајндстормс ЕВ3“ и хардвер кој чини 5 американски долари за да се изработи принтерот. Со околу 285 милиони индивидуи со оштетен вид на светско ниво, овој уред може да биде од голема корист. Стартапот е лансиран во 2015 година, а креирани се и апликација и веб-платформа која продолжува да се развива.



2. Машина за перење со педали

Изум на 14-годишното девојче Ремја од Индија, кое морало да ја испере облеката кога мајка ѝ се разболела. Ја направила со неколку рециклирани дела од велосипед, па создала уред кој штеди време, енергија, а и ве прави физички активни.

3. Прочистувач за вода и генератор за енергија

17-годишната Синтија од Австралија со ова можеби го решила проблемот на снабдување со енергија и чиста вода во загрозените региони. Нејзиниот уред ја стерилизира водата, а се креира и реакција со која се ослободува водород, за кој таа верува дека може да се користи за производство на електрична енергија со понатамошни подобрувања.

4. „Пу“ енергија

Во 2013 година во училиштето „Масено“ во Кенија се отворија нови соби за над 700 ученици. Регионот често лошо мирисал поради неисправните канализациски системи, а токму затоа се загадувале и изворите со вода. Лирој со 4 негови пријатели креирал био-реактор кој може да го претвори ѓубрето во чисто гориво за готвење.

5. Самообезбедувачка рачка за врата

Сун Минг Вонг има 17 години, а Кинг Понг Ли има 18 години. Тие развиле квака за врата која ги убива бактериите. Откриле дека титаниум оксид е состојката што ги уништува бактериите, па освен оваа материја, кваките имаат и ЛЕД-светло кое ја активира состојката. На тој начин се уништуваат 99.% од сите бактерии и вируси.

6. Уред за лоцирање пациент со деменција

15-годишник од Њујорк добил награда од 50 илјади долари за неговиот изум - сензори кои испраќаат мобилни сигнали кога пациенти со деменција ќе се оддалечат од своите кревети. Сензорите се врзани за нозете на пациентот. Тие детектираат притисок кога лицето станува, па со тоа се поттикнува сигнал кој преку апликација се испраќа на смартфон кај најблиските и медицинскиот персонал.

7. Океански пластични комори за собирање отпад

19-годишник смислил решение за чистење на океаните. Верува дека неговиот изум може да собере околу 20 милијарди тони пластични отпадоци во светските океани. Неговиот концепт за користење серија лебдечки комори со платформи за процесирање ќе дозволи рибите да поминуваат неповредени. А собраната пластика ќе се користи за рециклирање.



8. Детектор за рак на панкреас

Околу 85% од случаите со рак на панкреас се дијагностицираат доцна, па шансите за преживување се само 2%. Џек Андрака (17) во 2011 година создал тест преку кој може да се дијагностицира ракот на панкреасот во рана фаза. Потоа убедил истражувачи да го користат неговиот тест во лабораторија.

Резултатите многу ветувале, но потребни се години клинички тестирања пред да се почне со масовно применување.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија