X
 28.11.2017 Култура

Кинезите избраа: Словенија ќе биде центар за овој регион!


Авион
(Фото: Thinkstock)


Стопанските врски помеѓу Словенија и Кина доживуваат значителен прогрес веќе неколку години.

Меѓу заедничките проекти на овие две земји се „Пипистрел“, фабрика за авиони со вредност од 300 милиони долари, и неодамнешната аквизиција на словенечката софтверска компанија „Аутфит 7“ за неверојатни една милијарда долари.

Исто така, Словенија интензивно го промовира своето вино на кинескиот пазар.

„Пред неколку години извозот на вино на кинескиот пазар на годишно ниво изнесуваше околу 100.000 долари, додека само во првата половина од годинава веќе достигна 1,2 милион долари. Систематски инвестираме во тој пазар, па резултатите се веќе тука“, истакнува заменик-премиерот на Словенија, Дејан Зидан.

Инвестициите се двонасочни, па на само неколку километри од центарот на Марибор се наоѓа аеродром кој долго време бил запоставен. Но, кинеската СХС-групација стигнува во овој регион со големи планови за негово проширување.

Тие планираат проширување на аеродромската писта за дополнителни 800 метри, што ќе овозможи и слетување на големи авиони од типот „ербас 330“ или „боинг 777“. Идејата им е тој аеродром да стане регионален центар за патници и карго-сообраќај до Кина и од Кина.

Се планира работите на проширувањето да почнат во 2018 година и капацитетот од сегашните 600.000 патници да се зголеми на три милиони патници годишно.

На аеродромот засега нема редовен сообраќај, освен чартер-летови и мали авиони, но и воени хеликоптери на НАТО.

И тоа не е единствената инвестиција на таа кинеска компанија во Марибор. Една од нивните последни аквизиции е ТВ-станицата РТС-24, која во Словенија има национална фреквенција. Со тоа вложување годишната размена меѓу Словенија и Кина достигна речиси две милијарди долари.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура