X
 01.12.2017 Живот

Марк Твејн: „Користете едноставен јазик, кратки зборови и јасни реченици“

Марк Твејн бил човек кој знаел одлично да го користи англискиот јазик и зад себе оставил многубројни мудрости. Голем дел од нив се поврзани со тоа како да пишувате добро. Ова се неговите најдобри совети за пишување:


1. „Пишувај без да ти платат сѐ додека некој не се понуди да ти плати“.

Поентата е дека треба да работите на своето пишување, бесплатно, па на тој начин ќе научите да пишувате добро и луѓето ќе почнат да ви плаќаат. Ако некој ве најми за таква работа, не одбивајте ги парите.

2. „Не велете дека старата жена вреснала. Доведете ја и оставете ја да вреска“.

Покажете, не кажувајте. Оставете акцијата да покаже што се случува наместо само да го информирате читателот што мислат и чувствуваат вашите ликови.

3. „Одличните книги се мерат според нивниот стил и содржина, а не според додатоците во граматиката“.

Не дозволувајте правилата на граматиката да ве попречат на патот од уметноста. Но, кога ги кршите правилата, осигурете се дека имате доволно добра причина за тоа.

4. „Времето кога треба да почнете да пишувате текст е периодот кога ќе го завршите, според вашата процена“.

Ова е навистина тешка задача бидејќи често не знаеме што сакаме да напишеме додека не завршиме со пишување.

5. „Да имав повеќе време, ќе беше пократко“.

Кратките дела понекогаш одземаат повеќе време отколку подолгите. Многу е потешко да се задржите на основите, а сепак тоа да звучи добро.

6. „Колку повеќе објаснувате, помалку ве разбирам“.

Можеби мислите дека ги разјаснувате работите со реченици во кои објаснувате, но можно е и да го збуните читателот. Обидете се со кратко, едноставно, јасно.

7. „Секојпат заменете го зборот многу со зборот проклето, а вашиот уредник ќе го избрише и напишаното ќе биде токму онакво какво што треба да биде“.

Зборот „многу“ не помага во пишувањето. Обидете се со некој синоним, подобро звучи.

8. „Разликата помеѓу точниот збор и речиси точниот е разликата помеѓу молња и светулка“.

Речиси добриот збор ќе предизвика вашата публика да мисли на сцената која се обидувате да ја опишете, но точниот збор ќе обезбеди искуство од прва рака.

9. „Користете едноставен јазик, кратки зборови и јасни реченици“.

Едноставноста за Твејн била есенцијална во доброто пишување.

10. „ За придавките: Кога се сомневате, отстранете ги“.

Тоа не значи дека не треба да користите придавки. Но внимавајте колку често ќе ги применувате. Ја ослабуваат реченицата кога се блиску една до друга, а ја зајакнуваат кога се оддалечени.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот